Friday, November 1, 2019

Што читаше ‘ Мојот свет на окултизам ’ во Ноември


-       Хетеротопии на писмото – Елизабета Шелева

Ајде да се обидеме да дадеме една лајт-хартед рецензија за најновата книга Хетеротопии на писмото од Елизабета Шелева.
Секогаш кога одев на предавања кај професорката Елизабета Шелева на факултет, во главата ми висеше една мисла – Одам на предавање да слушнам што има да каже жената која ја напиша Од дијалогизам до интертекстуалност. Сега, читајќи и соочувајќи се со нејзината најнова книга Хетеротопии на писмото (Магор, 2014), повторно сум со истата мисла во главата – Читам за да видам што има да каже жената која претходно е автор на извонредната Од дијалогизам до интертекстуалност. На мене лично таа книга од 2000-та година (што ја сметам за многу повеќе од само теоретска литература, ете да и дадам малку личен шмек на рецензијава, бидејќи книгата допира и некои подрачја што практично можат да се идентификуваат и како духовна литература) ми е една од омилените книги воопшто и топло ја препорачувам, особено ако барате тип на литература што на лесен, брз и стимулативен начин комуницира со вашиот интелект (барем со интелектот на оние кои го имаат).
Во книгата Хетеротопии на писмото застапени се есеи посветени на (книжевното и ликовно творештво на) – Богомил Ѓузел, Игор Исаковски, Митко Маџунков, Димитрие Дурацовски, Милан Ѓурчинов, Оскар Вајлд, Данил Хармс, Емил Шулајковски и други.
Се чита брзо и лесно. Звучи ведро! Навистина уживав! Одличен дизајн на омотот, by the way!

Оцена – 5 / 5



-       Кључ теозофије – Х. П. Блавацка

Што да се каже за оваа книга?!
Книгата Кључ теозофије од Хелена Петровна Блавацка претставува вовед во теозофијата. Но, тоа нека не ве наведе на погрешно размислување. Иако е само вовед во една духовна дисциплина, оваа книга (во која темите се претставени во вид на прашања и одговори) изобилува со изонредна длабочина и остроумност. Што само ме прави пољубопитен да видам и откријам или да можам да замислам каква длабочина се крие во нејзините други капитални дела, какви што се Тајната доктрина и Разоткриена Изида.
Говорејќи за божествената или духовна мудрост – теозофијата, Блавацка опфаќа теми, како што се – односот на теозофското друштво кон теозофијата, теозофското учење во однос на природата и човекот, за реинкарнацијата или повторното раѓање, иднината на теозофското друштво, итн.
Остроумно. Продлабочено. Вистинско духовно патешествие! Книга која на беспрекорен начин го збогатува вашиот дух!


Оцена – 5 / 5