Sunday, February 26, 2023
Thursday, February 16, 2023
' Collabs 5 ' by Sound_00 + Lefterna ( !! )
Out Now from the label Psoma Psi Phi !! It's the fifth instalment or sequel of my compilations or collections with Collab - s w/ Sound_00, with selection of some of our best Collab - s, which were released previously by various labels ; Some more info from here : - https://pspsph.bandcamp.com/album/collabs-5
( . . . ) . . .
Tuesday, February 14, 2023
' Collab 58 ' by Sound_00 + Lefterna ( !! )
Out Now from the label Histamine Tapes !! Please check here : - https://histaminetapes.bandcamp.com/album/collab-58m-ht083
( . . . ) . . .
Tuesday, February 7, 2023
Топ 15 - (без особен ред) изданија од 2022 - ра - за слушање. Препораки !! ( ++ ) . . .
1. Fabio Orsi - Late Afternoon Tapes (Attenuation Circuit + Grubenwehr Freiburg; 2022)
Добив ново промо од лабелата Attenuation Circuit. И тоа не било што, туку најновото музичко остварување од Fabio Orsi, италијанскиот артист кој во изминатите отприлика десетина години се наметна и се етаблираше како едно од водечките имиња од поновата современа амбиентална и дрон сцена, со голем број на солидни изданија со завидно ниво на продукција на звукот. Всушност, овој пат станува збор за издание на две лабели истовремено, а тоа се - Attenuation Circuit и Grubenwehr Freiburg (и за двете и самиот имам издадено повеќе мои изданија).
Овој албум на Fabio Orsi, со наслов - ' Late Afternoon Tapes ' - е составен од пет композиции со различно времетраење кои просто блескаат со сјајни тонови и неизмерно исполирани звуци. Монолитни дронови и амбиент од највисок ранг. На омотот стои дека сето тоа е снимено, едитирано и мастерирано во неговото студио, а секако дека станува збор за нешто што произлегува од лап-топ или лап-топ електроника од најпрефинет вид. Им се препуштате на тоновите и на звуците кои се напластени или наредени како слоеви и формираат една органска целина во секоја од траките одделно, а Fabio Orsi знае да постигне и повеќе посебни емотивни моменти и чувства во текот на компонирањето на композициите. Одлично издание и за мене секако еден од најдобрите албуми од 2022 година. Оценка за изданието - 5/5.
2. V. A. r | e (Attenuation Circuit; 2022)
Ова е една солидна и успешна компилација - еден од новите активни проекти на издавачот Attenuation Circuit што се во тек. Тие издадоа, претходно, две вакви компилации што го претставуваа лајн-апот на тогаш тековните Re:Flexions фестивали, на коишто компилации има и една моја трака (соработка со артистите - Agente Costura и Occupied Head), бидејќи и јас во текот на 2020-тата година требаше да настапам на тој фестивал во Аугсбург (Германија), со извонреден лајн-ап, но сето тоа се одложи поради ситуацијата со корона вирусот и листата на артистите кои настапија тогаш се редуцираше само на неколкумина кои беа од Германија.
Но, еве сега истиот овој издавач го покрена ова како проект и ќе продолжат да ги издаваат овие компилации со колаборативни траки, како и веќе споменатите ' THING ' компилации (со по четири соло траки од различни артисти). Овде, како втора на дискот, се наоѓа и мојата колаборативна трака со артистите Halfdeep (една половина од дрон дуото Deep) и Лин Фриберг. Без лажна скромност, можам да кажам дека оваа трака е извонредна и сигурно дека отскокнува како позабележителна од целината. Тука се и - Julien ASH, prOphecy и LDX#40, со одличен дрон вовед во компилацијата. Deison и Тони Димитров се застапени со одлична минималистичка трака. Но, минимализмот, како што знаеме и од други места и извори, е карактеристика на звукот на Deison. Го контактирав Deison и начелно се договоривме да снимиме некоја колаборација, но по се изгледа дека тоа ќе се одложи за некогаш во иднина. John Brennan, Circuitnoise и SRVTR имаат една солидна експериментална трака на оваа компилација. А како последна е застапена колаборацијата помеѓу Schulzki, Fiebig и сопственикот на лабелата - Саша Штадлмејер, една одлична минималистичка амбиент/дрон импровизација. Омотот е прекрасен. Одлична компилација. Оценка - 5/5.
3. SRVTR / Internal Fusion / Dardis / A.Maiah - THING (Attenuation Circuit; 2022)
Лабелата Attenuation Circuit продолжува со издавањето на овој серијал од компилации со по 4 траки, со наслов - THING. Овој пат, од артистите кои се застапени на ова издание, со Internal Fusion направив обид да снимиме колаборација, но по се изгледа дека тоа ќе се изјалови или ќе се одложи за некогаш во иднина. Но тоа и не е толку битно. Internal Fusion има еден албум од минатата година, исто така издаден за Attenuation Circuit кој имав прилика да го преслушам и звучи одлично, една трака од околу еден час - некој вид на импровизаторски амбиент на граница со индастријал-амбиент. Неговата трака од оваа THING компилација е солидна и само се надоврзува со звукот на неговиот претходен албум. Dardis има брилијантна минимална трака на оваа компилација која секако дека отскокнува во споредба со другите траки. Всушност, како што беше споменато и претходно, при рецензирањето на претходните THING компилации - ми се чини дека може да се каже дека тоа што е карактеристично за овие изданија е дека, воопшто, обоени се со знакот и манирот на минимализмот. Со SRVTR имам едно колаборативно издание кое може да се најде некаде на Bandcamp, а неговата трака е солидна и е одличен вовед во изданието. И на крај го наоѓаме A.Maiah со трака во која доаѓа до израз и некој вид на минималистичка ритмична структура. Се на се, лабелата Attenuation Circuit напорно работи во насока на својата цел, а тоа е да промовираат нови и помалку познати експериментални артисти, а во исто време да издаваат и по нешто од оние кои се веќе етаблирани.
4. +DOG+ - Blooming Flower Vol. 2 (Love Earth Music; 2022) + Ego Death / +DOG+ - Noise (Love Earth Music; 2022)
Уште две изданија од 2022 година. Станува збор за второто продолжение на изданието со наслов ' Blooming Flower ', овој пат Vol. 2, на +DOG+, како и изданието на наслов ' Noise ', што претставува сплит помеѓу Ego Death и +DOG+.
Можам да кажам дека го преслушав првиот дел (Vol. 1) од изданието на +DOG+ (тоа е проект на сопственикот на лабелата Love Earth Music - Стив Дејвис - кој оваа година за неговата лабела го издаде моето колаборативно издание со артистот Клаус Поулсен), за да добијам некаков впечаток за каков звук станува збор и можам да кажам дека тоа е солидно издание, кое стабилно се движи помеѓу границите на ноиз и некаков вид на звук што има допирни точки со индастријал естетиката. ' Noise ' е сплит помеѓу артистите Ego Death (од Грција) и +DOG+. Ego Death е харш ноиз артист со многу голем збор на изданија што се реализирани од негова страна до сега, а +DOG+ и на ова издание се надоврзува на неговиот веќе добро препознатлив звук и естетика. Додека, што се однесува до последното издание, станува збор за двоен / дупли диск со две це-де-а. На првото има 10 траки, а на второто 12 и повторно го среќаваме +DOG+ со неговата добро препознатлива ноиз естетика, која, како и претходниот пат, на моменти има допирни точки и со некаков вид на поопскурна и позамаглена индастријал естетика. Се на се, солидни изданија. И секако дека сум му благодарен на Стив Дејвис што се нафати да го издаде и моето це-де.
5. Brainquake + Sven Phalanx - Innerer Krieg (Attenuation Circuit; 2022)
Секогаш ми е интересно кога некој издавач дава објаснување за моите или за нечии други изданија, а особено тоа е случај со лабелата Attenuation Circuit. Очигледно е дека нејзиниот сопственик, артистот Саша Штадлмејер има наклонетост кон апстрактно размислување и поимање на нештата и на звукот, па интересно е да се читаат неговите описи за музичките изданија.
Така, за ова колаборативно издание на Brainquake (од Белгија) и Sven Phalanx ќе се сретнете со изразите - мрачни електро лавиринти, електро битови, пулсирачки бас линии, итн., што секако дека само оди во прилог на објаснувањето и поблиско доловување на суштината на звукот на овој албум. Не станува збор за дрон, како што е тоа случај со повеќето други изданија од овој издавач, бидејќи овој пат се среќаваме со ритам и ритмични структури во траките, што ги прави нив и податни за играње или барем мрдање со ногата додека ги слушате, сето тоа во некаков електро или идм фазон и стил или естетика. И повторно, како што стои во објаснувањето - како и повеќето од каталогот на издавачот, ова е музика која има за цел да го направи и претстави теророт на современиот свет како свој предмет. Мислам дека нема подобро објаснување за овој албум од ова. Оценка за изданието - 4/5.
6. Grosso Gadgetto vs NLC - Story of an ordinary day (Attenuation Circuit; 2022)
Grosso Gadgetto vs NLC се Кристијан Гонзалез и Џулиен Еш, кои ја имаат напишано, снимено и измиксано целата музика на албумот. Како гости музичари се појавуваат - P-Y Lebeau (на електрична и акустична гитара и вибрафон), Лиезбет Худијк (со гласови) и Жан-Пол Ескудеро, Алуа Л. и Р. Хартог на виолини. Албумот е снимен помеѓу Јануари и Март, 2022 година.
Овој албум содржи 6 композиции, кои стабилно осцилираат и вибрираат во подиманичните подрачја на атмосферичната амбиентална и дрон музика. На моменти се појавуваат и се слушаат гласови и вокали, кои одлично ја надополнуваат атмосферата, а исто така, како што може да се забележи од гостите музичари на албумот, од време на време ќе се слушне и звукот на виолината, во форма на семпл. Целата музика преку сите траки, кои се кохерентни и воедначени, некако избалансирани меѓу себе, се држи до рамките и естетиката на минимализмот, но овој пат не станува збор за, да го наречеме, празен минимализам, туку истовремено станува збор и за прилично исполнета музика, но движејќи се во рамките на дрон стилот и естетиката, што самото под себе подразбира минимализам. Се на се - солиден албум. Оценка - 4/5.
7. V. A. Mold (Chitra Records; 2022)
Компилација ' Mold ' - од Chitra Records. Сите траки осцилираат околу една трака со наслов - ' Mold ', односно тие се преработки на таа трака. Тоа е краткиот опис за оваа компилација.
Тука, како прва, ќе се сретнете со одличната трака на Darren McClure, со кого (заедно - тој, јас и Тони Димитров) до сега снимивме и издадовме два колаборативни албуми (еден фри даунлоад и еден на ЦД-Р - баш за Chitra Records - што беше издаден во 2022 година), а во фаза сме да го снимиме и третото продолжение од овие наши, таканаречени - ' Walden ' серии - но прашање на време е кога тоа ќе се случи и дали воопшто ќе се случи некогаш...
Dionisaf - сопственикот на лабелата Chitra Records - застапен е со повеќе одлични траки, од кои една (петта по ред) е моја колаборативна трака со него. Тој периодов направи едно интервју со мене - проверете си го тоа.
Се на се - одлична компилација со некој вид на атмосферичен и апстрактен амбиентален звук, со воедначени и усогласени траки, што само придодава на покомпактниот изглед и впечаток што го остава компилацијата. Можеби доста од овој звук веќе сме слушнале, а и дронот по малку веќе како да стана клише (да не речам - пасе), бидејќи се појавија многу (веќе и премногу) артисти со слична или иста естетика во овој стил... Така што, оценката за оваа компилација овој пат ќе биде - 4/5. Другите артисти кои се застапени на компилацијата, се - Alessandro Barbanera, Ens Dormir, DJ BlockStation & BIRS, Kerf, Sebby Kowal, Samsara Inc. и Yuri Akbalkan.
8. NLC Vs Grosso Gadgetto - Snake Moult (Attenuation Circuit; 2022)
Кога одев на факултет, дојде на ред да ја читаме драмата ' Диво месо ' од (големиот) Горан Стефановски! Како еден дел од таа драма, стои запишано дека еден од ликовите, таткото, ќе ги издркал во чаша неговите деца да знаел какви ќе испаднат. Можам да кажам дека, кога дојдов до тој дел од таа драма и кога го прочитав, ми се згади и си реков - и за вакви работи ли одиме на факултет за да ги студираме. Па тоа е факултет, треба да има еден доблесен дух, особено бидејќи е филолошки факултет и особено бидејќи се занимава директно со јазикот. И после такви автори кои пишуваат такви глупости, како Горан Стефановски, ќе ги прогласуваат за големи луѓе. Па има луѓе кои не ни завршиле факултет, а имаат понормален начин на изразување...
На подоблесната страна од нештата, дојде време да се соочиме и со овој колаборативен албум помеѓу артистите - NLC Vs Grosso Gadgetto. Претходно преслушавме еден нивен заеднички албум, кој звучи солидно, но да видиме за што станува збор во ова продолжение. Колку што ми текнува, претходниот албум на овие двајца артисти беше некако поатмосферичен и поамбиентален, додека овде се среќаваме и со повеќе ритмични структури и решенија, како и гостин музичар на виолина. Речиси - IDM (Intelligent Dance Music / Интелигентна Денс Музика). Може да се каже дека оваа музика го има сенсот и сензибилитетот на ИДМ естетиката или барем звучи како варијанта на тој стил. Мала отстапка од вообичаената понуда на Attenuation Circuit или мало освежување. Се на се - солиден албум - 4/5.
9. NLC - The Golden Age (of nothing) (Attenuation Circuit; 2022)
Веќе се сретнавме со соработки на дуото NLC со други артисти, но овој пат станува збор за нивен соло албум. NLC е дуо составено од Џулиен Еш и Алуа Л.. Додека некои од претходните нивни албуми, кои беа соработки со други артисти, беа во повеќе дрон и ритмично-мелодичен (IDM) манир, овој пат, на нивниот соло албум, се среќаваме со дрон/атмосферични и ритмични решенија, може да се каже во даунтемпо стил и манир.
Има тројца гости музичари, но иако оваа музика е ритмична и многу блиска до IDM сензибилитетот, сепак има и помрачна и дарк подлога. Исто така, на моменти, може да се слушнат и звуците на виолина и гитара, што само додава кон меланхоличниот и таговен сензибилитет на звукот. Звуците и битовите пулсираат, електро битовите се присутни во некои од траките, исто така понекогаш има и вокали и лирики и сето тоа резултира во своевиден дарк-поп сензибилитет. Се на се - пристоен албум. Оценка - 4/5.
10. Kreysing / Emerge - Ressourcen (Attenuation Circuit; 2022)
Ања Крејсинг и Emerge Ака Саша Штадлмејер имаат и едно претходно издание, за германските Grisaille, кое е составено од снимки од нивните настапи во живо, со времетраење од околу половина час, секоја посебно. Можам да кажам дека, во споредба со тоа нивно претходно издание, кое звучи доста поатмосферично, со апстрактни атмосфери и звуците од армоника на Крејсинг, ова новото ми остави подобар впечаток, сигурно бидејќи е поисполнето со звук и побогато со звуци...
Со Крејсинг имав прилика да соработувам на еден наш колаборативен албум и можам да кажам дека е прилично отворена за соработка, брза и експедитивна. Крејсинг на ова издание е кредитирана со - компјутерски гласови, грануларна синтеза и мастеринг, додека Emerge е кредитиран со - звучно рециклирање и артворк. Станува збор за една подолга композиција од околу 25 минути, во која звуците се испреплетуваат во таписерија од звуци, суптилно е нижат и се ткаат звучните нишки, за да се добие едно импровизирано парче музика или звук, што одлично може да функционира и во преден план, како и како позадина додека, на пример, читате нешто... Се на се - солидно издание. Оценка за изданието - 4/5.
11. Doc Wor Mirran / Felix Mayer - Split (Attenuation Circuit + Grubenwehr Freiburg; 2022)
Doc Wor Mirran (проект во кој главен протагонист е Адријан Гормли) биле и претходно присутни на овие страници, но со друго, претходно издание, кое, колку што ми текнува, беше некако поисполнето со звук или со повеќе инструменти, иако сепак базирани на импровизација. Но, овој пат станува звор за касетно издание, со по една подолга композиција на секоја страна од касетата. Првата тема е на Doc Wor Mirran и станува збор за минималистичка импровизација, во која преовладува едно опскурно чувство и сето тоа е базирано на присуството на атмосферични звуци, на моменти базични ритмични структури и опскурни звуци и атмосфери.
Втората трака, од Феликс Мејер, од кого немам слушнато ништо претходно, ми се виде како поинтересна, бидејќи има покомпактна целина и структура, иако и доста експериментирање, но некако е со поприсутен звук, иако доста минималистички истовремено. На моменти се појавуваат звуци од гласови, како семплови, на моменти е присутен бас во позадината, плус доста минималистички звуци, од кои барем некои како да произлегуваат од теренски снимки... Се на се, сме слушнале и повпечатливи и подинамични изданија од овој стил. Оценка за изданието - 3/5.
12. Andrej Grozdanov & Voices of the world - This is the day! (Bono Records; 2022)
Малку отклонување од вообичаената понува на овие страници. Но, ова е нешто што го чувствувам како блиско и сметав дека не е на одмет да се забележи...
Андреј Грозданов е хрватски гитарист, кој, меѓу другото, има настапувано и со Влатко Стефановски. На ова це-де има песни кои се негови соработки со вокалисти од различни земји од Европа - има вокалисти од Романија, Италија, Словенија, Англија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Германија, Австрија, Србија, Унгарија, како и од Македонија - и само што имав прилика да го слушнам соло настапот на Андреј Грозданов во живо што беше опишан како госпел на гитара, така што тоа до некаде кажува што може да се очекува и од ова це-де, односно, тоа се најчесто песни инспирирани од некои библиски и религиски мотиви и теми. Се на се, ова ми дојде како добро освежување од вообичаениот тек на амбиент и ноиз што најчесто е застапен на овие страници. Настапот на Андреј Грозданов беше како дел од и се одржа во просториите на духовниот центар Еклесиа, чии настани ги посетувам и можам да кажам дека таму пронајдов духовна храна и духовен мир (како и душевно прочистување) за себеси. Му посакувам на Андреј Грозданов уште многу настапи ширум светот со неговата музика и како што самиот тој вели на едно место - The best things in life aren't things!
13. Dionisaf - Dreamland (Chitra Records; 2022)
Со Дионисаф ака Дионис Афоничев имам една колаборативна трака, на една компилација, а тој, исто така, го предводеше и интервјуто со мене, што може да се прочита од сајтот на Chitra Records.
' Dreamland ' е негов лежерен и опуштен албум, составен од 12 композиции, кои претежно се движат во времетраење од околу 4 до 5 минути (со ретки исклучоци). Звукот на овој албум е пријатен амбиентален звук, со екстензивна употреба на теренски снимки со звуци од природата. Има звуци од ветер, птици, дожд, фонтани и што ли уште не, сето тоа дополнително преработено со ефекти... Дионисаф е американски композитор, амбиентален продуцент, мултиинструменталист и трагач по звуци. Во неговата музика, тој комбинира модуларни и грануларни синтисајзери, електрична гитара, теренски снимки и немузички звуци и шумови. Сето тоа, овој пат, резултира со пријатна музика, ни премногу апстрактно, ни премногу мелодично, иако има одблесоци од мелодии во некои од траките. Можеби не е ништо ново и претходно неслушнато, но пријатно е за слушање, а секако дека одговара и како позадинска музика, додека читате некоја книга, на пример... Оценка за изданието - 4/5.
14. Blanket Swimming & Demetrio Cecchitelli - Sein (Chitra Records; 2022)
Blanket Swimming е проект на Николас Малони, музички композитор од Америка. Со него контактирав за да снимиме колаборативен албум, но од тоа ништо не се случи. Со Demetrio Cecchitelli имаме едно солидно колаборативно издание, кое се наоѓа и е издадено на мојата Bandcamp страна.
Овој пат двајцата го снимаат овој колаборативен албум, каде што се чувствуваат влијанија и удел и од двајцата - меланхоличните амбиентални пасажи од Blanket Swimming и брилијантните композициски структури на Demetrio Cecchitelli, за сето тоа да резултира во крајниот резултат, што во основа се сведува на пријатен за слушање амбиентален албум, во кој еднаков удел имаат и апстракцијата и мелодичноста. Николас Малони е кредитиран со - синтисајзери, електрична гитара, касети, теренски снимки и објекти, а Деметрио Цечители е задолжен за - електрична гитара, електроника, синтисајзери, пијано и теренски снимки. Demetrio Cecchitelli е надоаѓачки помлад артист од Италија (роден е 1997 година) кој го заслужува вниманието и вреди да се следат неговите идни чекори, бидејќи (можам да кажам врз основа на нашата комуникација) е брз и прави извонредно возбудливи звучни решенија и резултати. Оценка за изданието - 4/5.
15. Bu.d.d.A. - Diese Anmut von Trophaen (Attenuation Circuit + Zhelezobeton; 2022)
Ова е мислам втор по ред албум на Bu.d.d.A. - колаборативниот проект помеѓу артистите Саша Штадлмејер ака Emerge (сопственик на лабелата Attenuation Circuit) и Крис Сигдел ака B*Tong. Покрај што албумот е издаден за Attenuation Circuit, како издавач истовремено се јавува и Zhelezobeton.
Со Emerge имаме соработувано во повеќе наврати, имаме едно колаборативно издание, а тој исто така се јавува и како издавач на голем број од моите изданија. Албумот е составен од 5 композиции, од кои две се релативно подолги (по околу 11 и 21 минута), а звукот е веќе препознатливиот стил на Bu.d.d.A., составен од контемплативни и медитативни дронови, во кои покрај електрониката, своја улога и удел имаат и виолината, теренските снимки, гласот, синтисајзерите и семпловите, со кои и двајцата артисти се кредитирани. Emerge е артист кој често оди на турнеи и настапува со својот звук и во живо, а и како Bu.d.d.A. овие артисти имаат и повеќе концертни настапи. Како гости се појавуваат уште тројца други артисти, со глас и пијано. Се на се - ова звучи фантастично. Станува збор за длабоки артисти, кои умеат и знаат да ве стават во посебна медитативна состојба и да ве пренесат, преку звукот до некои поапстрактни предели од звучниот спектар. Оценка за изданието - 4/5.
Monday, February 6, 2023
Моја рецензија во - ' Велес ' ( !! )
Моја рецензија во бројот 23 на списанието ' Велес ' од 2022 - ра година - за збирката со раскази ' Зимски сладолед ' на Васил Тоциновски ( !! )
( . . . ) . . .
Subscribe to:
Posts (Atom)