Tuesday, December 26, 2023
Monday, December 25, 2023
Топ 10 (без особен ред) изданија од 2023 - та. Препораки !! ++
1. Emerge plays Gerald Fiebig - Passages (Attenuation Effect / Red Light Studio; 2023)
Овој пат се соочуваме со едно издание, на кое звуците ги обезбедува Gerald Fiebig, додека Emerge или Саша Штадлмејер (со кого имам остварено повеќе соработки или колаборации, во повеќе наврати) е оној од кого сето ова е отсвирено, снимено и мастерирано. Изданието се состои од пет композиции, со различно времетраење, од речиси 5 минути (најкратката), до 20 ипол минути (првата и најдолга). Ми се чини дека може да се каже дека кога Саша Штадлмејер соработува со други артисти, нешто што во последно време стана се позачестено, крајниот звук или резултат се композиции повеќе наклонети накај дрон или атмосферичната / амбиентална естетика, додека кога издава соло изданија или работи под псевдонимот Emerge крајниот резултат се често композиции што најчесто наликуваат на звучни колажи, иако сепак може да се вклопат и во дрон естетиката, бидејќи (како што е случајот овој пат) во голема мера се базирани на атмосферични звуци. Од ' Passages 1 ' до ' Passages 5 ' ова издание се отвора со својата естетика на раскошен минимализам, звук со кој Emerge ме освои уште одамна, а истата оваа звучна естетика имав прилика да ја слушнам и на еден негов настап во живо во Скопје, пред неколку години. Се на се - солидно издание. Оценка за изданието - 4/5.
2. Small Things On Sundays - Guide (Attenuation Circuit; 2023)
Small Things On Sundays е дуо од Копенхаген (Данска), кое е составено од Клаус Поулсен (со кого имам еден мој колаборативен албум) и Хенрик Багнер, а ова издание со наслов ' Guide ' е пресек од нивната дискографија. Многу од траките на ова издание се во едитирана верзија и ремастерирани, но тоа може да биде добар начин да се запознаете со дел од траките од нивните претходно издадени албуми. Како извори на звук се наведени - грамофони, лаптоп, гитари, како и виола во една од траките. Водич низ 15-те години од творештвото на Small Things On Sundays, со фокус на дрон и дарк амбиент. Сепак, може да се каже дека звукот на дуото Small Things On Sundays стабилно гравитира околу естетиката на дрон стилот и ова е еден добар пример (за помалку упатените) кон тоа што претставува дрон како стил, бидејќи нивните траки се најчесто составени од долги и развлечени слоеви од амбиентални и атмосферични звуци, а преку насловите им е даден и соодветен контекст на траките. Обично дрон музиката може да има и некаква филозофска подлога или основа, но во овој случај се сретнуваме со дрон во неговата најизворна и најрудиментирана форма, со тоа што може да се забележи дека сите од траките на ова издание имаат и своевидна помрачна перспектива. Ова не е ништо ново, но секако дека е добро изведено и ја заслужува оценката - 4/5.
3. N / Bu.d.d.A. - (no title) (Aufabwegen; 2023)
Овој пат станува збор за колаборативно издание помеѓу артистот N (Ака Хелмут Најдхарт, со кого и јас имам едно сплит издание, имено, тоа е мојата колаборативна трака со насловен број 57, од нашиот продолжителен колаборативен проект со Sound_00, што го издаде лабелата Grisaille на касета) и Bu.d.d.A. - тоа е дуо составено од Крис Сигдел и Саша Штадлмејер, кој инаку се јавува и како соственик на издавачот Attenuation Circuit од Аугсбург, Германија. На некој начин, со двајца од тројцата артисти кои се задолжени за ова колаборативно издание имам остварено колаборации, но може да се каже дека овој пат заслугата е на N кој дефинитивно му дава поголема длабочина на звукот на изданието. Ова издание е составено од две подолги траки или композиции, кои се и двете со времетраење од околу 20 минути, при што Крис Сигдел е застапен со гитара и вокал (секако, процесирани преку ефекти), а Саша Штадлмејер е кредитиран со виолина и musique concrete. Крајниот ефект е навистина прекрасна и шармантна дрон музика, исполирана перфектно и со краен ефект кој има дејство на катарза. Овие артисти прв пат се сретнале во 2020 година, но од тогаш имаат остварено повеќе колаборации, а сега се и на турнеја во неколку држави во Европа. Исто така, како што најавуваат, можни се и други, идни колаборации... Бидете сигурни да ги погледнете во живо, ако имате прилика - дефинитивно нема да ве разочараат.
4. Tim Olive + Philip Sulidae - Batons (Dasa Tapes; 2023)
Јас го контактирав артистот Филип Сулидае и од тоа произлезе едно наше колаборативно издание на касета, со наслов ' Serotonine ', што го издаде лабелата Grisaille минатата година. Тој и тогаш имаше започнато повеќе колаборации, кои еве веќе почнуваат да го гледаат светлото на денот, а исто така беше и при крај со неговите докторски студии, кои мислам дека сега веќе ги има завршено, но не знам колку тоа има врска со неговата музичка кариера. Ова колаборативно издание на Филип Сулидае со Тим Оливе звучи доста слично како и моето колаборативно издание со него. Станува збор за повеќе пластови или слоеви од звуци кои се прелеваат едни преку други, вибрирајќи и осцилирајќи некаде на работ или границата помеѓу апстрактен амбиент и дрон или некој вид на експериментален дрон звук. Тука Тим Оливе е кредитиран со - шортвејв радио, а Филип Сулидае со - различни теренски снимки. Секако, станува збор за теренски снимки или филд рекордингс и звуци кои се потоа процесирани со и низ различни ефекти и на различни начини, за сето тоа да резултира со музика која е пријатна за слушање. Можеби не станува збор за ништо ново и револуционерно во овој стил, но сепак е добро изведено и дефинитивно ја заслужува оценката - 4/5.
5. Roberto Vodanovich Chopor - Lost Weekend (Mahorka; 2023)
Mahorka е музички издавач од Бугарија кој континуирано, веќе со години наназад, издава квалитетни изданија од различни артисти, најчесто со варијации од амбиент/дрон, ноиз и експериментална музика. Веќе претходно кажав дека овој артист од Хрватска, Roberto Vodanovich Chopor, ме контактираше за да снимиме колаборативно издание, но начелно се договоривме тоа да го оставиме за некогаш во иднина.
Roberto Vodanovich Chopor има екстензивна дискографија, но мислам дека може да се каже дека неговите изданија најчесто се варијации на амбиент и дрон музика. Тоа е случајот и со овој албум. Музиката е компактна целина и микс од амбиентални и дрон пасажи и позадини и филд рекордингс или теренски снимки, со звуци од природата или нешто друго (на пример, снимен говор од локалните луѓе). Сигурно дека сето тоа е процесирано низ и преку различни ефекти, за на крај да се добие пријатна за слушање атмосферична музика, која многу добро функционира како позадина додека читате некое книжевно дело. Roberto Vodanovich Chopor на ова издание е кредитиран со - електрична гитара, класична гитара, синтисајзер и модуларен синтисајзер. Се на се, пристојно издание, кое не отскокнува од вообичаената понуда на дрон музика, но сето тоа е солидно и вешто реализирано. Оценка за изданието - 4/5.
6. Eardrops - Skies above the harbour (Audiophob / Krater Recordings; 2023)
Eardrops е дуо составено од двајца артисти, а тоа се - Клаус Поулсен и Саша Штадлмејер. И со двајцата овие артисти имам реализирано и остварено соработки или колаборации, во повеќе наврати. Претходно го забележавме нивното студиско остварување или издание како дуо, а сега се соочуваме со нивно ново издание, што претставува снимка од нивен настап во живо и е со времетраење од околу 30 минути или половина час. Клаус Поулсен, на ова издание, е кредитиран со - zither, педали и диктафон, додека Саша Штадлмејер или Emerge е кредитиран со - виолина, педали, теренски снимки и дизајн.
Може да се каже дека овие двајца артисти продолжуваат од онаму до каде што стигнаа претходно, но за разлика од претходниот студиски албум, кој е составен од повеќе композиции или траки, овој пат имаме една подолга снимка од нивен концертен настап. Може да се каже дека звукот и естетиката на Eardrops не се отклонува и не отскокнува премногу од вообичаената дрон понуда овие денови, така што ова нивно концертно издание сигурно се вклопува во веќе етаблираниот дрон и амбиентален канон што во изминатите 10-тина или 15 години го воспоставија голем број на слични артисти, а се чини како денес таа естетика да е веќе на својот залез. Развлечени тонови и звуци, слоеви од звуци што се прелеваат едни врз и преку други, но секако дека акустичниот инструмент на Клаус Поулсен овој пат и додава посебен шарм на музиката. Се на се - солидно издание. Оценка за изданието - 4/5.
7. Antonella Eye Porcelluzzi + Philippe Neau - Sooo spring (Mahorka; 2023)
Со овој француски артист, Philippe Neau, снимивме и издадовме едно наше колаборативно издание, што беше издадено за истата оваа бугарска лабела Mahorka. Можам да кажам дека, начинот на кој овој артист го опиша звукот на нашето издание, како нова, металичка димензија на звукот, се прелева и на ова негово друго колаборативно издание, овој пат со Antonella Eye Porcelluzzi.
Изданието е релативно кратко, со три композиции, од кои две се од по околу 12 минути, а една (втората) е од околу 6 ипол минути. Веројатно ова е тип на звук и музика која лесно може да се вклопи и да спадне во дрон музичкиот стил и естетика, особено бидејќи музиката е базирана на атмосфери, но тука секако се и разните експериментални звуци, кои се сигурно процесирани со различни софтверски програми и ефекти, кои, како што убаво забележа Philippe Neau во врска со нашето колаборативно издание, и овој пат и додаваат посебна, металичка димензија на звукот. Експериментален дрон е најдобриот опис за ова издание, а тоа е територија која на мене лично ми е особено драга, а иако ова издание не нуди ништо особено ново и револуционерно во однос на амбиенталниот и дрон звук, сепак уживав во него и можам да го препорачам на сите хард-кор фанови на дрон звукот, кој во последната веќе скоро една декада доживеа своевидна револуција и ривајвл, особено бидејќи се појавија огромен број на артисти и издавачи кои го издаваат овој звук на касети. Оценка за изданието - 4/5.
8. V. A. Midnightradio Compilation 114 (Midnightradio Compilation; 2023)
' Midnightradio Compilation 114 ' - 114 - тото продолжение од овој серијал на компилации, што ги издава лабелата со наслов - Midnightradio Compilation. Обемна компилација која, неочекувано, започнува со една транс трака, но повеќето од другите траки се варијации на атмосферичен амбиент / дрон звук и експериментални звуци. Тука е и мојата трака со наслов - ' Bobi Vs. morlocite od Komaja ' - која, секако, претставува мој поздрав до друштвото Комаја, таа збирштина од морлоци и индивидуи со прилично ограничени и примитивни погледи и концепти за иднината.
Од сите 51 артисти, кои се застапени како дел од оваа компилација, со некои од нив сум запознаен од претходно, тоа се - Cousin Silas (со кого, начелно, се договоривме да снимиме некоја колаборација во иднина), Wilfried Hanrath (со кого имаме еден колаборативен албум), Mean Flow (артистот е од Солун / Грција - и со него имаме еден колаборативен албум), I Eternal, {AN} EeL, Lezet, NLC, Thomas Park (и со него имам едно колаборативно издание), James Hoehl и Grosso Gadgetto - додека со сите други за прв пат се среќавам тука, токму на оваа компилација. Има и по некое изненадување, во форма на мутиран хип-хоп, како што е траката од Based Lychee, но како што кажав, повеќето од другите траки се варијации на експериментални звуци и музика. Се на се, солидна компилација, која можеби е малку предолга и поздрав до артистот кој се ангажира да го продолжи овој серијал од компилации со наслов - ' Midnightradio Compilation '. Оценка за изданието - 4/5.
9. Venta Protesix - Live in Skopje 2023 (Self-released; 2023)
Имав прилика да го гледам и проследам настапот на артистот Venta Protesix (од Италија) во Скопје, во местото Буква, кон крајот на Август, 2023 година. Тој ме контактираше преку мојата Bandcamp страна и ме праша за совет, кои места во Скопје да ги посети (бараше книжарници, фини ресторани и слично), во текот на неговиот туристички престој тука, а јас му предложив неколку места.
Се сретнавме и се запознавме со Итало Беладона (Ака Venta Protesix) во Буква во Скопје, во текот на неговиот настап - јас му дадов неколку мои музички изданија, а тој по заминувањето од Скопје ми го прати ова Це-де издание, што е снимка од неговиот настап. Така што, сега додека го слушам, можам само да се присетам на како тоа звучеше и изгледаше во живо. Станува збор за чиста ноиз музика или експериментален ноиз, на побучната страна од звучниот спектар. Venta Protesix е артист со екстензивна дискографија, а како што гледам тој исто така често настапува и во живо, така што сигурно е дека има прилика тоа што го издава преку физички изданија да го тестира како звучи и преку настап во живо. Изданието е посветено на Азуки. Можеби продукциски не е кој знае колку добро исполирано, но секако дека ќе ги задоволи сите оние хард-кор фанатици за ноиз.
10. Demetrio Cecchitelli - Towards The Unknown (Chitra Records; 2023)
Со Деметрио Цечители се сретнавме и претходно, кога рецензиравме едно од неговите претходни изданија. Овој пат станува збор за нов албум од овој италијански композитор на електронска и електроакустична музика, со наслов ' Towards The Unknown ', што го издаде лабелата Chitra Records, која ја раководи артистот Dionisaf и за која претходно беше издаден и еден мој колаборативен албум.
Овој нов албум на италијанскиот композитор и артист Деметрио Цечители е составен од 11 прекрасни композиции, со различно времетраење, некои се подолги, а некои пократки, но тоа што е заедничко и карактеристично за сите нив и за албумот како целина е дека е присутно едно сталожено и урамнотежено темпо на развој и развиток на композициите, со сите нивни елементи на амбиентални и атмосферични позадини и поединечни делови кои наликуваат на мелодични пасажи. Покрај електрониката, по која овој артист е секако најпрепознатлив, тука се исто така присутни и некои инструменти, како на пример - гитари, пијано и флејта, но сите звуци се подложени на слоевите електронско процесирање. Сето тоа резултира во извонредна и фантастична дрон музика или амбиент, од најпрефинет вид. Исто така, како одредница за стилот, може да се споменат (условно) и ознаките - пост-рок и њу-фолк. Со сите тие елементи, но и со многу повеќе, ова е уште еден успешен и добар албум на Деметрио Цечители или уште еден добар чекор во низата од неговата дискографија, која полека се развива во прогресивна и нагорна линија.
Sunday, December 24, 2023
Friday, December 22, 2023
Thursday, December 21, 2023
Out Now - ' Collab 62 ' by Sound_00 + Lefterna - as a part of the ' Ice Heart Father ' compilation from the label Camembert Electrique in France ( !! )
You can check here : - https://camembertelectrique.bandcamp.com/track/collab-62 - https://camembertelectrique.bandcamp.com/album/ice-heart-father - https://www.camembertelectrique.com
Sunday, December 17, 2023
Friday, December 15, 2023
Wednesday, December 13, 2023
Sunday, December 10, 2023
Monday, December 4, 2023
Subscribe to:
Posts (Atom)