Wednesday, February 14, 2024

Што читаше ‘ Мојот свет на окултизам ‘ во Февруари

- Помеѓу фикцијата и стварноста – Славица Србиновска За професорката Славица Србиновска има неколкумина кои ќе ви кажат дека е генијалец. Таа предава еден предмет на постдипломските студии, а јас во периодов интензивно се спремам за моите магистерски студии. Можам да кажам дека баш уживав во доблесниот стил од оваа книга на Славица Србиновска. Тука ќе се сретнете со есеи/прилози, за – Кларис Лиспектор, Алехо Карпентиер, Роналд Харвуд, Жозе Сарамаго, Хулио Кортасар, Артур Шницлер, Марсел Пруст, Харолд Пинтер, Андре Жид и Жоао Жуимареуш Роса.

Monday, February 12, 2024

Топ 10 (без особен ред) изданија од 2024 - та - Препораки !! ( ++ )

1. V. A. State of the union (Tribe Tapes; 2024) Една proper ноиз компилација од Tribe Tapes. Tribe Tapes требаше да издадат една од моите компилации од проектот Sound_00 + Lefterna, тоа се компилации со избор од најдобри траки што повремено ги издаваме со Sound_00, но тоа се изјалови. Како и да е, ќе се најдат други лабели што ќе не издадат, сигурен сум. Овој пат станува збор за компилација со американски проекти и артисти, од кои со сите за прв пат се среќавам токму тука, на оваа компилација. Можам да кажам дека оваа компилација ми остави добар впечаток, бидејќи нудат посвеж пристап и реализација на овој ноиз звук и естетика. Нема потреба од набројување на сите артисти, бидејќи се е убаво вклопено во една воедначена и кохерентна целина, но може да се спомене дека се издвојуваат траките од Pain Appendix и Dead Door Unit, веројатно поради жестокоста на нивната изведба. Ова не е ништо ново и не отскокнува од вообичаениот ноиз спектрум, но сепак е вредно такво какво што е, а сето тоа е мастерирано од Грант Ричардсон во Hex Audio Labs. Не сум сигурен дали овие артисти имаат и други изданија претходно, но да видиме како ќе се развијат нивните музички кариери понатаму во иднина. Се на се, солидно издание. Оценка - 4/5.
2. Hanrath & {AN} Eel - Panoptikum (Attenuation Circuit; 2024) По целосно ноиз издание, да се смириме со поопуштено издание. Станува збор за колаборација помеѓу артистите Вилфрид Ханрат и {AN} Eel. Ханрат е познат по бројни дрон изданија, кадешто ја употребува гитарата како инструмент за создавање на амбиентална и дрон музика. Со Ханрат имам еден мој колаборативен албум, кој при крајот на минатата година го пратив по пошта на неколку веб магазини и радио станици, па да видиме колку од тоа ќе има ефект и што ќе се реализира во некаква конструктивна насока... Може да се каже дека, со оглед на нивната повеќе ритмична структура, во некои од траките од албумот ' Panoptikum ' има повеќе влијанија од даб музиката, како полабава верзија на Rapoon, можеби, или некои од миксовите на The Orb. Гитарата може да се слушне како звук во траките, но сето тоа е во повеќе атмосферичен контекст, така што крајниот ефект е, сепак, дрон или дип амбиент. Има и вокали или гласови, но сето тоа е процесирано со ефекти, така што се добива ефект на повеќе слоеви од звуци, па дури до некаде и со синематичен сензибилитет. Се на се, пристојна музика, иако ништо ново под дрон сонцето или во дрон спектрумот. Оценка - 4/5.
3. Aalfang Mit Pferdekopf & Emerge - Die kosmische Zygote (expanded) (Attenuation Effect; 2024) Станува збор за трака, ' Die kosmische Zygote ', објавена во 2006 како 3-инчно EP (мини це-де) издание за француските Taalem, но овој пат изданието е обновено, со тоа што оригиналната трака е ремастерирана, а како дел конкретно од ова издание додадена е и уште една трака. Сето тоа е спремено и издадено како дигитално издание за Attenuation Effect, издавач кој функционира заедно со Attenuation Circuit и за кој мислам дека Саша Штедлмејер издава изданија кои се поврзани со него, соработки или соло изданија. Траките се навистина прекрасни и во нив доаѓа до израз она што е вообичаено како стил на Emerge, а тоа се композиции со долги и развлечени тонови и звуци или повеќе слоеви од звуци кои се прелеваат едни преку други, за ефектот да биде совршена дрон и амбиентална/атмосферична музика, со тоа што би додал дека кога се изданијата на Emerge во прашање, особено доаѓа до израз колажниот пристап и решенија во склопувањето на звукот. Оваа естетика е веќе добро позната и е нешто по што Emerge е добро препознатлив, а еднаш имав прилика да го видам и слушнам тоа изведено од него и во живо во Скопје, што звучеше одлично и само ја потврдува посветеноста на овој германски артист, сопственик на лабела и организатор на музички настани во однос на современиот експериментален звук и музика. Оценка за изданието - 4/5.
4. V. A. Ambient Electronic Sampler 37 (Spotted Peccary Music; 2024) Ново семплер издание од лабелата Spotted Peccary Music (лејбл за кој би се обидел да издадам и нешто мое - моја компилација) - овој пат со реден број 37, за 2024 година. Сите од артистите се за мене нови, но тие претставуваат пресек од дел од изданијата што се издадени за овој издавач, во изминатиот период. Нема потреба од набројување на имиња, бидејќи сите совршено се вклопуваат во една исполнителна и кохерентна целина, но звукот варира помеѓу комбинации од апстрактен и мелодичен амбиент и длабок дрон, зачинето и со елементи на поблага трајбл естетика, во една од траките (од типот на она што го прави и издава Rapoon, на пример). Ова е добар пресек на она што го издаваат Spotted Peccary Music, а веќе сум во исчекување и на нивното ново издание, албум од артистот Холан Холмс, кој е најавен да биде издаден на 12. Јануари, оваа година. На мене лично ми се допаѓа ова што го издаваат Spotted Peccary Music, а со оглед на тоа што, од време на време, со Sound_00 издаваме компилации со пресек од нашите најдобри колаборативни траки, би се обидел една од тие компилации да ја издадеме токму за Spotted Peccary Music, бидејќи мислам дека може да успее да ја прифатат и да ја издадат, со оглед на тоа што по стилот и по звукот сметам дека може да се вклопи во нивниот каталот. Се на се - солидно издание. Оценка за изданието - 4/5.
5. Wilfried Hanrath & Dimitris Tsironis - Endless echoes, solo bass with electronics (Default Standard; 2024) Ова е колаборативно издание помеѓу артистите Вилфрид Ханрат (од Вупертал, Германија) и Димитрис Циронис (од Солун, Грција), кое е составено од две подолги композиции од по околу 50 и околу 20 минути. Кога е Вилфрид Ханрат во прашање (со кого имам еден мој колаборативен албум), тој знае да изненади и со екскурзии во други музички правци и стилови, но овој пат станува збор за чист дрон звук. Со Димитрис Циронис контактирав и претходно, бидејќи тој издаде некои од моите колаборативни траки со Sound_00 за неговиот издавач Default Standard Records, но за мене ова е прв пат да се сретнам со овој Грк во улога на артист. Првата трака (подолгата) е изазито минималистичка, дрон во неговата изворна форма и по малку ме потсети на една моја подолга колаборација со Zumaia, која исто така трае околу еден час. Втората релативно пократка трака од околу 20 минути е подеднакво минималистичка, но овој пат доаѓа до израз присуството на соло бас гитарата, која го носи водечкиот звук во траката. Ништо особено ново под дрон сонцето, но секако дека е солидно изведено и затоа ја заслужува оценката - 4/5.
6. Hollan Holmes - Sacred Places (Spotted Peccary Music; 2024) Spotted Peccary Music продолжуваат да не изненадуваат, како лабела, со нови изданија. Овој пат се соочуваме со третиот албум на овој артист, Холан Холмс, за овој издавач, но ова е првото и во моментов единствено издание од овој артист што јас го имам преслушано. Станува збор за солидно издание, албумот ' Sacred Places ', кој повеќе е наклонет кон естетиката на амбиентален звук со извесни трајбл елементи, на моменти и покласичен Berlin-school амбиент, отколку дрон. Можеби продукцијата на овој албум е на повисоко ниво, за да биде само lo-fi дрон, но секако дека има допирни точки и со дрон естетиката, од друга страна, со оглед на тоа што музиката на албумот е во најголема мера базирана на атмосферични амбиенти. Холан Холмс го создал овој албум со употреба на хардверски и софтверски инструменти, а тука секако главни се синтисајзерите. Се на се, станува збор за покласичен амбиентален звук и албум, но со оглед на патерните кои се повторуваат во траките, се добива впечаток дека до некаде оваа музика се приближува и до естетиката на трајбл амбиент. Можам да кажам дека овој албум ми остави добар и солиден впечаток, особено бидејќи отскокнува од вообичаената естетика и шема на веќе истрошениот дрон звук. Оценка за изданието - 4/5.
7. Dionisaf - Healing Music (Ambient Cat; 2024) Со Dionisaf (Ака Дионис Афоничев) имаме една заедничка, колаборативна трака, што се наоѓа на една компилација, а сме го сретнале како артист и претходно на овие страници, но овој пат сме соочени со неговото најново, последно во моментов издание, што всушност претставува и прво издание на новиот амбиентален издавач Ambient Cat (што е сестринска лабела на Chitra Records). Албумот ' Healing Music ' на Dionisaf, кој е од него продуциран, измиксан и мастериран, а тој исто така се погрижил и за насловната фотографија и дизајнот на омотот, се состои од 3 траки или композиции, од кои секако главна е првата, со оглед на тоа што е и најдолга (околу 30 минути). Целта на овој албум, како што стои во описот на изданието, е да го ослободи стресот и да промовира авто-терапија. Може да се каже дека оваа музика сигурно се вклопува во естетиката на дрон звукот, со оглед на тоа што (а тоа е најмногу изразено во првата, најдолга трака) се состои од повеќе слоеви од долги и развлечени тонови и звуци, измиксани и измешани и со теренски снимки, а сите тие звуци се секако процесирани и обработени со различни и разновидни ефекти... Ништо особено ново во дрон кралството, но Dionisaf секако дека сето тоа добро и солидно го има изведено, за на крајот да се добие конечниот резултат (кој е и најбитен), а тоа е солидна и пристојна дрон и амбиентална музика, токму како за прво издание на издавачот со индикативен наслов - Ambient Cat. Оценка за изданието - 4/5.
8. NK x [Uvas Good It] & Evgeniy Bolily - Divya Music (Chitra Records; 2024) Прв пат се среќаваме со овие артисти, на овие страници. Chitra Records е лабелата што пред неколку години го издаде мојот колаборативен албум со артистите Тони Димитров и Darren McClure, па од таму почнав да ги следам и нивните идни, нови изданија. Како сопственик на лабелата Chitra Records се јавува артистот Dionisaf (Дионис Афоничев), со кого имам една колаборативна трака, а тој има издадено и повеќе негови албуми, од кои со некои сме се сретнале и претходно. Во основа, Chitra Records издаваат амбиентална и дрон музика, па и овој албум на NK x [Uvas Good It] и Evgeniy Bolily совршено се вклопува во тој музички стил и израз. Според описот за изданието, што е даден од страна на издавачот, кога се во прашање активностите на Evgeniy Bolily, за него е карактеристично тоа што, некогаш, овие атмосферични звуци и музика ги користи и за медитативни и медицински цели, спроведувајќи некаков вид на исцелителни терапии... Во секој случај, албумот е прилично кохерентен и целовит, кога е звукот во прашање, па така може да се каже дека овие атмосферични и амбиентални звуци и дрон атмосфери само се прелеваат и преминуваат, од една трака во друга, на албумот. Сето тоа е вешто вклопено во една целина, а и изданието е спакувано во солиден дизајн на омотот, така што крајниот ефект е тоа што добиваме едно солидно и успешно дрон издание (со њуејџерски призвук), по линија на многу слични изданија од овој вид, што се појавија во изминатите 10 - тина / 15 години. Оценка за изданието - 4/5.
9. Deficit + Alexei Borisov - Khan and Atlas (Attenuation Circuit; 2024) Нема премногу информации во врска со ова издание, но можам да кажам дека е одлично. Алексеј Борисов е артист кој доаѓа од Москва (Русија). Тој таму има активности поврзани со организирање на експериментални музички настани, а и јас имам една моја колаборација со ASTMA (тоа е дуото на Алексеј Борисов со Олга Носова), што пред неколку години беше издадена за бугарскиот издавач Mahorka. Сме се сретнале и претходно со звукот и музиката на Алексеј Борисов и на овие страници и можам да кажам дека тој е искусен музичар и артист, кој има многу соработки со други артисти. Овој пат станува збор за колаборативно издание помеѓу артистите Алексеј Борисов и Deficit, кое звучи одлично и можам да кажам дека траките од ова издание лесно можат да потпаднат во некој стил на колажна експериментална музика и можам да кажам дека токму тој колажен пристап и резултат во звукот и музиката на Алексеј Борисов е нешто што лично особено ми се допаѓа. Затоа и го контактирав, пред се, пред неколку години за да снимиме колаборација. Повеќето од траките на ова издание се кратки минијатури од по околу 2 минути, но крајниот резулат е тоа што наликуваат на звучни колажи, како преку звукот да се доловува ефект на слика или (звучна) скулптура која стои во воздухот. Сметам дека ова е доволно квалитетно издание и можело да биде издадено и на це-де, но ете овој пат го добиваме како free download. Се на се, солидно издание. Оценка - 4/5.
10. Julien Ash + Antonella Eye Porcelluzzi - Non Uccidere il Pesce d'Oro (Mahorka; 2024) Малку освежување на овие страници, со вокали. Станува збор за колаборативно издание помеѓу артистите Julien Ash и Antonella Eye Porcelluzzi. Во основа, Џулиен Еш е задолжен за електрониката и е кредитиран со синтисајзери, акустична гитара, електричен бас, мелодика, армоника, пијано, микс и дигитален мастеринг, а женската половина е кредитирана со лирики и вокали. Има и неколку други гости музичари, на - виолина, алто саксофон, перкусии, електрична гитара, бас и флејта. Во една од траките, поради ритмичната позадина, оваа музика малку ме потсети и ми асоцираше како на полабава верзија на Tarwater. Но, може да се каже дека имаат изградено сопствен стил, кој сепак на моменти исто така по малку потсетува и на Lullatone. Женскиот вокал перфектно се вклопува и оди заедно со музичката позадина, која е често пати составена од лабава и ненаметлива електроника, секако во комбинација и со другите инструменти. Можам да кажам дека овој тип на звук ми се допаѓа, не е ништо ново во однос на продукцијата, но секако дека е добро изведено и затоа ја заслужува оценката - 4/5.

; )

Thursday, February 1, 2024

New release

Out Now - ' Collab 64 ' by Sound_00 + Lefterna as a part of the ' Droneuary 2024 ' compilation from the label Silber Records in North Carolina ( !! ) You can check here : - https://silbermedia.bandcamp.com/album/droneuary-2024