Tuesday, May 7, 2024

Топ 10 (без особен ред) изданија од 2024 - та - Препораки !! ( ++ )

1. Toni Dimitrov - The Road to Revolution (Asonu; 2024) Asonu е лабела од Нешвил, Тенеси и ова е ново издание со наслов ' The Road to Revolution ' на Тони Димитров, за таа лабела. Според описот на изданието, на ' The Road to Revolution ' македонскиот артист Тони Димитров гради сонична/звучна таписерија која се бранува и тече низ природниот простор на текстури и убавина. Тони Димитров го знаеме како продуктивен саунд артист, но тој е исто така и сопственик на две лабели, тоа се - Post Global и Elan Vital. Тони Димитров е длабок дечко (кој исто така и магистрираше на факултет), па не е за изненадување што прави и издава негова дрон музика, со оглед на тоа што може да се каже дека дрон е подабока варијанта или верзија на амбиент. Ова негово издание сигурно се вклопува во дрон калапот и шемата, поради атмосферичните и долги слоеви од звуци (ова го имам повторено толку пати, што сигурно до сега ви стана јасно што е и дека токму тоа е карактеристика на дрон музиката) и секако употребата на теренски снимки, со тоа што како што доаѓа крајот на изданието сигурно можете да го почувствувате и духот на победата, на крајот на револуцијата. Ништо ново под дрон сонцето, но секако дека е добро изведено и некако Тони Димитров успеа да си изгради свој, дистинктивен и емотивен стил и свое место во дрон кралството на музика (а и совршено ми се вклопи додека го читам романот ' Суво мастило ' од Владимир Илиевски), така што секако дека ова издание ја заслужува оценката - 4/5.
2. V. A. Jackhammer Screams Of Our Dead Star (Machine Tribe Recordings; 2024) Machine Tribe Recordings е лабела од Њујорк која во Август оваа година треба да го издаде 68 - мото продолжение од мојот колаборативен проект со Sound_00, на касета. Додека да чекаме тоа да се случи, имав прилика да преслушам едно од нивните нови изданија од 2024 година, а тоа е оваа компилација, со наслов - ' Jackhammer Screams Of Our Dead Star '. Повеќето од артистите на оваа компилација за мене се нови и за првпат ги среќавам токму тука, но познати ми се тројца - RDKPL, кого го имам забележано како име и кој во последните неколку години се наметна на ноиз сцената, со огромен број на изданија; Insectarium - со кого имам едно мое колаборативно издание, посветено на Филип К. Дик, кое беше издадено на неговата Бендкамп страна, пред неколку години; и Kazuya Ishigami - со кого имаме едно колаборативно издание, а овој јапонски артист исто така ме издаде и на неговата лабела Neus-318. Звукот на повеќето од траките од оваа компилација (нема потреба повеќе да набројуваме имиња) варира во различни форми и облици на експериментална музика, а исто така има и екскурзии во поамбиентални и поатмосферични подрачја. Се на се, ова е според мене солидно издание и евдај чекам истата оваа лабела да ме издаде и мене во Август оваа година, особено бидејќи станува збор за касета и дека дизајните на омотите им се доста професионални.
3. Byron Metcalf & Mark Seelig - Kali Raga (Projekt Records; 2024) Направив 5 години стаж како библиотекар и веќе ја терам 6-тата, јaј. Библиотекарството е супер работа, ми се допаѓа, спокојна е и смирена, а и нуди можности и простор за нешто креативно да се реализира. Додека сум на работа, често пати сум преведувал некоја книга, сум контактирал со голем број од артистите со кои имам снимено колаборации, а исто така сум имал можност и да читам книги, а и да преслушам по некое музичко издание. Projekt Records е секако поим за лебела кога е во прашање амбиенталниот звук, а ова е ново издание/албум - ' Kali Raga ' - за таа лабела на двајцата артисти - Бајрон Меткалф и Марк Силиг. Со Марк Силиг контактирав пред неколку години и начелно се договоривме да снимиме колаборација, но сето тоа се изјалови и за сега нема ништо од тоа (можно е некогаш во иднина повторно да се навратиме на идејата). Албумот ' Kali Raga ' е секако на трајбл страната на амбиенталната и дрон музика, како спој на електроника и органски инструменти, а тука се и бансури флејтите, по кои Марк Силиг е секако препознатлив и кои се негова фасцинација. Може да се каже дека акустиката и дава една посебна, подлабока димензија на оваа музика. Станува збор за искусни звучни артисти и музичари со искуство и присуство од повеќе децении во овие води, така што албумот секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
4. Christophe Bailleau & Julien Ash (feat Jordane Prestrot) - EKITAI-ON-KEIHO (Attenuation Circuit; 2024) Со Џулиен Еш сме се сретнале и претходно на овие страници, како дел од проектот NLC, но овој пат тој соработува со Кристофе Бајло и Џордан Престрот на вокали (како и уште неколку други музичари), за крајниот резултат да биде овој симпатичен и солиден албум, издание на германските Attenuation Circuit. Малку отклонување од вообичаената понуда на (најчесто) дрон, на овие страници, што е супер освежување, бидејќи музиката на овој албум варира од, на моменти, поатмосферични делови, до поритмични музички структури и решенија, во други делови. Тука се гостите музичари на саксофон и флејта, но она што е карактеристично за оваа музика е дека на моменти е доста блиска до она што може да се означи како поекспериментален индастријал звук, но во некои траки може да се каже дека има врски и со IDM естетиката. Сепак, сето ова е премногу експериментално за да биде чист IDM, а исто така и премногу експериментално за да биде чист индастријал, иако има влијанија и од двата правци. Супер прекршување на вообичаените музички стилови, од ритмично до атмосферично, од инструментално до вокално, од мрачно до светло, варирајќи од трака до трака. Со своите допирни точки со психоделија и неокласика, како стилски одредници, овој албум дефинитивно ја заслужува оценката - 4/5.
5. Deborah Martin & Erik Wollo - Kinishba (Spotted Peccary Music; 2024) Уште едно ново издание - албум, за Spotted Peccary Music, лабелата кон која целам да го издадат и најновото, 6-то продолжение од компилациите од мојот колаборативен проект со Sound_00. Ќе се обидеме, па ќе видиме. Ако не бива, ќе бараме друга лабела. За првпат се среќаваме со овие артисти на овие страници - Дебора Мартин и Ерик Воло. Но, како што стои во описот за изданието, ова е продолжение на нивниот претходен албум ' Between Worlds ', од 2009 година, албум кој јас не сум имал прилика да го преслушам. Ова е музика што лесно потпаѓа под амбиенталниот и дрон чадор, иако овој пат има вметнато (што преку инструментите, што со вокалите и гласовите) и извесни трајбл елементи во звукот, но сепак што се однесува до приказната позади или под музиката, бидејќи речиси секогаш дрон албумите имаат и некаква филозофска рамка, овој пат тоа е атмосферата на американските Индијанци или Апачи. Ништо особено ново под дрон сонцето, но ќе им се допадне на сите оние кои сакаат етно елементи во амбиенталниот звук или љубителите на музиката на светот или world music. Се на се, ова е пријатна музика за слушање, ништо револуционерно, но може да послужи и како добра позадина додека се чита некоја книга и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
6. Philip Sulidae - Circulator (Line; 2024) Имам едно мое колаборативно издание со овој австралијански артист Филип Сулидае, што пред извесно време го издадоа германските Grisaille на касета. Во споредба со тоа издание, кое повеќе беше како звучен колаж, ова издание на Филип Сулидае е повеќе атмосферично и поамбиентално и некако повеќе минималистичко, што е во дослух со естетиката на лабелата Line. ' Circulator ' продолжува по ноктурната патека развиена со претходното издание на Сулидае за Line, ' Perplexor ', од 2020 година, што јас го немам преслушано. Како и да е, ова е музика што е базирана и реализирана преку теренски снимки и други звуци кои се потоа процесирани и положени во повеќе слоеви, за крајниот резултат да биде дрон во неговата најсовршена форма. Минимализмот и дава посебен шарм на оваа музика и во краен случај станува збор за уште едно солидно и успешно издание на овој австралијански артист, Филип Сулидае, што само се надоврзува во текот на неговата дискографија. Изданието е составено од 11 траки, но повеќето се пократки, од по 2 до 3 минути, најдолгата бидувајќи речиси 6 минути. Оценка за изданието - 5/5.
7. Sven Phalanx & Wilfried Hanrath - Inner Sanctum (Attenuation Circuit; 2024) Attenuation Circuit не е само лабела, туку исто така и место кадешто музичари од целиот свет се среќаваат. Тоа е исто така случајот и овој пат. Во два дела, сферичните саундскејпови го повикуваат инклинираниот слушател да ги следи двајцата звучни виртуози на нивното соновно патување. Со едниот од овие двајца музичари, Вилфрид Ханрат, имам една моја колаборација. Тој е познат по тоа што ја користи гитарата како инструмент, но во комбинација со електроника, за да формира (најчесто) дрон саундскејпови. Ова издание се состои од две подолги композиции, секоја од околу половина час, дел 1 и дел 2, кои се поделени на 5, односно другата 4 поглавја, но звукот во секоја композиција е слеан и е во голема мера или најмногу базиран на амбиентални или атмосферични слоеви од звуци, поради што за оваа музика лесно може да се каже дека потпаѓа под дрон стилот. Има уште една, трета трака, која е пократка, околу 6 минути. Солидна колаборација помеѓу артистите Свен Фаланкс и Вилфрид Ханрат и уште едно продолжение во каталогот на секогаш хиперактивната лабела Attenuation Circuit. Ништо ново под дрон сонцето, но звуци пристојно и е пријатно за слушање. Оценка за изданието - 4/5.
8. KapTep - The Perfect Error (Chitra Records; 2024) Прва средба со артистот KapTep на овие страници. Станува збор за издание на Читра, а тоа е албумот ' The Perfect Error ' на KapTep. Позади KapTep стои Дерек Картер од Илиноис, кој е фасциниран од звукот и звучниот дизајн и неговата љубов кон синтисајзерите започна уште од раните години... Станува збор, повторно, за звук и музика која лесно може да потпадне под етикетата и стилот на дрон музиката. Филозофски и подлабоко обоена амбиентална музика. Албумот се состои од 10 композиции, од кои последните две се ремикси на Sebby Kowal и Dionisaf, но она што е општо и заедничко за сите траки е дека се вешто изведени и се состојат од повеќе слоеви од атмосферични звуци, во комбинација со добро и мудро избрани филд рекордингс или теренски снимки, кои се измиксани со другите звуци. Сето тоа и додава дополнителна, органска димензија на оваа музика. Ништо ново под дрон сонцето, но композициите на KapTep се спој од синтисајзерски слоеви, лупови, ефекти и теренски снимки, со намера да се создаде постојано еволуирачки саундскејп. Концептот позади KapTep е да се обиде да создаде стил на емотивна музика која тој и самиот би сакал да ја слуша. Секоја композиција би требало да разбуди емоција врз која вие можете да ја напишете вашата сопствена приказна.
9. V. A. Deja Vu (Part 1 + 2) (Kalamine Records; 2024) Не може да има музички лабели без артисти. Тие ги направија Kalamine Records. Овие ' Deja Vu ' компилации се трибјут за да се прослави 5-годишната годишнина на издавачот. Благодарност до сите! Со овие зборови лабелата Kalamine Records ги најавува и опишува овие 2 компилации, со наслов - ' Deja Vu ', дел 1 и 2. И двете компилации се состојат од точно 50 траки. Со дел од артистите сум запознаен од претходно, а со некои од нив имам остварено и реализирано и соработки, како на пример, со - Aarvo (една моја колаборативна трака со оваа артистка, се наоѓа како дел од една од овие компилации), Zumaia (тој е сопственикот на лабелата), SRVTR, Thomas Park (Ака - Mystified) и Питер Вулен. Со некои други, како - Whalthisney и Lavatone - требаше да снимам колаборации (тие веќе ми имаат пратено звуци), но тоа ќе се одложи за некогаш во иднина (ако воопшто се случи). Звукот на овие две обемни компилации варира од експериментални амбиенти и дронови, до нешто што наликува на поекспериментален индастријал звук, со сите варијации помеѓу, секако со акцент на експериментот во звукот. Ова е добар пресек од каталогот на Kalamine Records и добро претставување на лабелата, ништо особено ново под дрон и индастријал сонцата, но секако дека компилациите ја заслужуваат оценката - 4/5.
10. Anja Kreysing - ORTrmx (Attenuation Circuit; 2024) Со Ања Крејсинг имам еден колаборативен албум, поточно, тоа е тројна колаборација, помеѓу - Ања Крејсинг, јас и италијанскиот артист Петролио. За германската артистка Ања Крејсинг е карактеристично тоа што таа често го користи инструментот армоника, во комбинација со електроника, процесирање и звучни ефекти. Таа често пати соработува и настапува и со други артисти (во сесии кои сигурен сум дека во голема мера имаат врска со разни импровизации), но овој пат, ова нејзино соло издание има врска или е поврзано со звучна инсталација што била претставена на некое место. Изданието се состои од 4 траки, од кои најдолгата е околу 7 минути, а една од траките е посвета за звучниот артист Стив Роден. Овој пат се отклонуваме од вообичаената, атмосферична дрон понуда. Може да се каже дека, колку оваа артистка и да користи теренски снимки и ефекти во нејзината музика, во голема мера оваа музика е базирана на импровизација, овој пат во комбинација со минимализам во пристапот кон звукот и во реализацијата. До некаде овој звук потсетува и на моето колаборативно издание со Ања Крејсинг. Се на се - солидно издание. Оценка за изданието - 4/5.