Monday, July 22, 2024
Топ 15 (без особен ред) изданија од 2024 - та. Препораки !! ++
1. Margolis / Fiebig / Emerge - Tripolar exercises (Attenuation Circuit; 2024)
Уште едно интригантно издание. Поточно, ова е издание за три издавачки куќи, а тоа се - Pogus Productions, Gebrauchtemusik и Attenuation Circuit. На ова издание, кое е колаборација помеѓу тројца артисти, Ал Марголис (со кого имам еден мој колаборативен албум) е кредитиран со чудни инструменти, Џералд Фибиг е кредитиран со - предмети, Ауки дачшундот и кокошки, додека Emerge (или Саша Штедлмејер, сопственикот на Attenuation Circuit, со кого исто така сум соработувал во повеќе наврати) е кредитиран со звучно рециклирање, фотографија, дизајн и мастеринг. Дали станува збор за дрон наспроти импровизација, со оглед на тоа што, како што стои и во описот за изданието, дрон естетиката може најмногу да се очекува од и во траките помеѓу, кои се насловени како ' Interlude 1 ' и ' Interlude 2 ', кои се изразито поатмосферични, додека во другите главни траки од ова издание станува збор за крајно импровизаторски пристап и реализација во крајните резултати на звукот, и притоа може да се каже дека овие импровизации се изведени во крајно минималистички манир, но тоа е карактеристично и како естетика и за соло изданијата на артистите. Се на се, станува збор за солидно и добро изведено издание и музика, може да се каже дека е една од подобрите колаборации во последно време, во кои е вклучен Emerge, можеби најмногу поради минимализмот, кој му го дава посебниот шарм на ова издание. Оценка за изданието - 4/5.
2. M. B. - Bacillusmetrial Entopathogen (Attenuation Circuit; 2024)
Уште долго со убаво ќе ја преведувам биографијата за Блавацка од Гери Лакман, мој превод кој би требало да го види светлото на денот за неколку години... Како и да е, да се фокусираме на рецензирање на ова ново издание. Станува збор за издание на це-де кое е составено од 3 подолги композиции, мислам дека е спакувано во омот како за 7-инчен винил, а како издавачи на ова ново издание на италијанскиот индастријал пионер Маурицио Бјанчи се јавуваат 2 лабели, а тоа се - Attenuation Circuit и Grubenwehr Freiburg. И за двете лабели имам издадено и повеќе мои изданија. Но, да се фокусираме на звукот на Маурицио Бјанчи, овој пат потпишан со иницијалите, како - M. B.. Овој италијански артист на ова издание е кредитиран со - инфектроникс, муконоизес, микробдронови и епителслики. Од издавачите е нагласено дека, покрај тоа што е звучен артист, Бјанчи има што да покаже и на полето на визуелниот израз. Нешто што особено ми се допадна во врска со ова издание е дека не е премногу харш ноиз (како што се некои од другите изданија од овој артист), туку повеќе е индастријал-дрон или поатмосферичен индастријал, нешто што како стил особено ми се допаѓа и ми е близок како естетика и кон што и самиот се стремам да го постигнам, на моите изданија. Иако, како што траките прогресираат, може да се забележи и извесна градација во звукот. Се на се - одлично издание. Оценка - 5/5.
3. Whalt Thisney / The Phlod-Nar / el_masmore / Claus Poulsen - THING (Attenuation Circuit; 2024)
Лабелата Attenuation Circuit продолжува со овие компилации, со по 4 траки од 4 различни артисти. Со некои од артистите од ова издание сум дошол во контакт - со Whalt Thisney се договоривме да снимиме колаборација, тој и ми испрати звуци, но од сето тоа ништо не се случи, сега за сега, можно е некогаш во иднина да се навратиме на идејата, а со Клаус Поулсен имаме еден солиден колаборативен албум. Траката на Whalt Thisney го отвора ова издание - станува збор за солидна амбиентална трака, со поабразивни звуци. Како и првата трака, и траката на The Phlod-Nar е базирана на звуците на пијаното, но овој пат тоа е потензична атмосфера, речиси на граница на саундтрак или филмска музика. el_masmore е застапен со погличи електроника, додека Клаус Поулсен величествено го затвора изданието, со прекрасна дрон медитација. Поздрав до Attenuation Circuit што континуирано промовираат повеќе и помалку познати артисти, од експерименталната музика. Тоа е лабела што го постави градот Аугсбург во Германија на мапата на експерименталната сцена - преку издаваштво, организирање на настани, неуморните турнеи на сопственикот на лабелата, артистот Саша Штедлмејер, итн.
4. Rudy Adrian - Reflections on a moonlit lake (Spotted Peccary Music; 2024)
Извонреден дизајн на омотот на ова издание, што совршено се вклопува со стилот на музиката, што само ме поттикнува и јас да посакам да имам мое издание за Spotted Peccary Music. Ова е прва средба со артистот Руди Адријан на овие страници, иако тој има и неколку претходни албуми, но ништо од тоа јас немам преслушано. Ова е музика која лесно, ако веќе има потреба од стилско определување, може да се каже дека потпаѓа под амбиенталниот и дрон стил, иако музиката е навистина прекрасна, така што само условно може да се сфати оваа стилска определба, а за музиката може да се каже дека го трансцендира стилот и си наоѓа свое место во главата на слушателот. Долги звуци од електронски, амбиентални и атмосферични пасажи, кои звучат многу смирувачки, на моменти и во некои од траките во комбинација со инструментите пијано и флејта. Може да се забележи дека овој албум звучи многу контемплативно и медитативно, некако смирувачки и релаксирачки, што секако е својство и особина на амбиенталната музика. Солидно издание на Руди Адријан кое совршено се вклопува во каталогот на лабелата Spotted Peccary Music, кои веќе станаа препознатливи по тоа што нудат изданија и албуми на послушливата страна од амбиенталниот звук и секако дека овој албум ја заслужува оценката - 4/5.
5. Dionisaf - Memories of the Present (Chitra Records; 2024)
Додека барам лабела која ќе го издаде ' Collabs 6 ' - 6-тото продолжение од компилациите со најдобри траки од мојот колаборативен проект со Sound_00 (Читра не одбија) - Дионис Афоничев Ака Дионисаф, сопственикот на лабелата Читра и самиот композитор, не седи мирен, туку еве се појавува со ново издание. Веќе сме се сретнале со Дионисаф и претходно на овие страници и како што е случајот и со неговите претходни албуми, ова е музика која лесно потпаѓа под дрон етикетата. На неговиот претходен албум траките беа подолги, околу 30 минути, но овој пат станува збор за негов албум кој е составен од 7 релативно пократки траки, нешто што можам да кажам дека повеќе ми одговара кога е музиката на Дионисаф во прашање и повеќе ми се допаѓа. Медитативен дрон или дрон медитации, наречете го овој звук како сакате, но јас сум обожавател на овој звук, така што добро ми легна и ова издание. Покрај електронската позадина во траките, тука се и звуците на акустични инструменти, како на пример акустична гитара и пијано, сето тоа вешто споено и искомпонирано за да резултира во воедначена и кохерентна целина. Уште едно солидно и добро издание од Дионисаф, со кое тој ја надоградува траекторијата што ја започна со овие негови изданија и уште еден пат се докажува како вешт композитор на пријатна амбиентална и дрон музика. Оценка за изданието - 4/5.
6. V. A. S = k. log W (Camembert Electrique; 2024)
Обемна компилација (со 56 траки) од лабелата Camembert Electrique од Франција, која исто така издаде и една од моите колаборации со Sound_00, како дел од нивната компилација ' Ice Heart Father '. Ја преслушав во целост оваа нова компилација на Camembert Electrique и можам да кажам дека во најголем дел траките се решени и реализирани во минималистички електронски манир или некој вид на електронски минимализам, без разлика дали станува збор за повеќе амбиентални и дрон траки или ноиз. Со четворица од артистите кои се застапени на оваа компилација, претходно имам снимено и издадено мои колаборации, а тие се - alfa00 (или Slavek Kwi, попознат и како Artificial Memory Trace), M.Nomized (со кого имаме една колаборативна трака, издадена на една од компилациите на MidnightRadio Compilation), Thomas Park (исто така познат и како Mystified; нашиот колаборативен албум беше издаден од страна на лабелата Attenuation Circuit, како free download) и Mean Flow (кој доаѓа од Солун, Грција и кој го издаде нашиот колаборативен албум како дел од неговата бендкамп страна). Со Whalthisney (кој е исто така дел од оваа компилација на Camembert Electrique) требаше да снимиме колаборација, тој ми прати звуци, но за сега нема ништо од сето тоа и тоа се изјалови или во моментов е на пауза. Се на се - солидна компилација на француските Camembert Electrique, иако делува по малку како истрошен овој експериментален пристап, односно повеќе од артистите како да ја губат својата оригиналност, или со други зборови не е лесно да се постигне оригинален звук во оваа експериментална музика, но тоа е тоа.
7. V. A. An EFSPACM Tribut to Damo Suzuki (Bromtol Lagresse; 2024)
Ова е компилација посветена во чест на пред скоро време починатиот Дамо Сузуки, кој беше, секако, најмногу познат преку музиката на легендарната група CAN, но исто така беше впечатливо и неговото музичко творештво и преку неколку други состави, како што се - Damo Suzuki Band, Damo Suzuki's Network, Dunkelziffer, како и повеќе соработки, од кои може да се издвои поскорешната со BLACK MIDI. За жал, немам се уште преслушано внимателно ниту еден од албумите на CAN, освен по некоја трака на радио (Канал 103), но од тоа што го имам преслушано, а и општопознато е дека групата CAN е особено влијателна за тоа што се нарекува и потпаѓа под етикетата на краутрок звукот, а и звучи навистина феноменално. Со некои од артистите од оваа компилација и самиот имам остварено и издадено некои колаборации, како што се, на пример, Вилфрид Ханрат (кој има една соло трака на компилацијата, но и една соработка со Џон Шуемакер, која звучи навистина феноменално) и Mean Flow. Дел од траките од оваа компилација се во повеќе амбиентален, ноиз и експериментален стил, но повеќето се во стилот на CAN и потсеќаат на краутрок стилот, особено во употребата на тапаните и перкусиите. Можам да кажам дека тотално уживав во звукот на оваа компилација (уште некои од артистите кои може да се издвојат се - Bernd Ihno Eilts и RDKPL) и секако дека истата ја заслужува оценката - 5/5.
8. Marco Lucchi & Henrik Meierkord - Lieder Ohne Worte (Chitra Records; 2024)
Овој пат станува збор за едно од најновите изданија на лабелата Chitra Records - колаборативен албум помеѓу артистите Марко Лучи и Хенрик Мејеркорд. Овој албум е составен од величенствени дронови кои едноставно пулсираат во времето и во просторот. Исто така, ова е случај кога електрониката се спојува со акустиката, со оглед на тоа што Марко Лучи е кредитиран со мелотрон, пијано, целеста и синтисајзери, а Хенрик Мејеркорд е кредитиран со чело, виола, зитер, пијано, органа и fx. Прекрасните дронови од овој албум се составени од долги и развлечени звуци кои се прелеваат едни преку други, додавајќи и посебна, меланхолична и драматична димензија на музиката. И двајцата артисти се мултиинструменталисти, со тоа што Лучи е повеќе задолжен за синтисајзерите, додека Мејеркорд е повеќе задолжен за жичаните инструменти. Можам да кажам дека овој албум тотално ме освои и ми се допадна, особено бидејќи и додава малку посериозна димензија на дрон музиката. Ова се дронови кои едноставно зрачат со драматичност и епика, онаква каква што дрон музиката и треба да биде. Се на се - одлично издание. Оценка за изданието - 5/5.
9. Emerge || Exedo - Redraw || Warder (Attenuation Effect; 2024)
Овој пат станува збор за издание кое оригинално било издадено во 2016-тата година, за лабелата Craneal Fracture Records, мислам на касета (и јас за таа лабела имам едно мое издание на касета), додека сега истото ова издание е реиздадено како дигитално издание на бендкамп страната на Attenuation Effect, што функционира како суб-лабела на Attenuation Circuit, а позади двете лабели стои германскиот артист Emerge или Саша Штедлмејер, со кого имам соработувано во повеќе наврати, меѓу другото имаме и едно колаборативно издание. Првата трака (и двете се по речиси половина час) на Emerge е, секако, во неговиот веќе добро препознатлив стил, а тоа е звучен колаж или како некој вид на звучна скулптура, составена од повеќе слоеви од долги и развлечени звуци кои се прелеваат едни преку други. Но, сепак не станува збор за чист амбиент, бидејќи Emerge секогаш додава повеќе експерименталност во неговата музика, така што може да се каже дека неговата трака е составена од лупови кои постојано се менуваат. Втората трака на Exedo е чист харш ноиз, така што нема што повеќе да се каже, освен дека ќе им се допадне и ќе ги задоволи сите оние фанатици за ноиз. Се на се - солидно издание. Оценка за изданието - 4/5.
10. Lavatone - Little Dirty Clouds (Kalamine Records; 2024)
Не знам кое е вистинското име на артистот кој стои позади Lavatone, но со него исконтактирав и тој ми прати звуци, требаше да снимиме колаборација, но за сега тоа е на пауза и ништо до сега од сето тоа не се случи. Не знам дали насловот (' Little Dirty Clouds ') на овој нов албум на Lavatone има врска или дали е алузија на траката ' Little Fluffy Clouds ' на The Orb, нема никакви објаснувања во описот на изданието од страна на лабелата Kalamine Records, всушност нема никаков опис, но може да се претпостави дека има некаква поврзаност. Албумот ' Little Dirty Clouds ' на Lavatone, издание од 2024 година на Kalamine Records од Бордо, Франција, сигурно стои во рамките на некој поекспериментален дрон и амбиент звук, често со поблаг индастријал призвук, но тоа е сепак експериментален дрон, звук кон кој и јас самиот се стремам да го постигнам на моите изданија. Така што, може да се каже дека добро ми легна ова ново издание на Lavatone. Немам преслушано други изданија од овој артист, за да можам да направам споредба со некое претходно издание, но сепак може да се каже дека, иако не е ништо особено ново и револуционерно под амбиент, дрон и индастријал сонцата, сепак ова е музика и звук која е изведена и реализирана со умешност и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
11. Dark Sky Alliance - Interdwell (Spotted Peccary Music; 2024)
' Interdwell ', деби албумот на Dark Sky Alliance, оваа група од четворица музичари или артисти, делува смирувачки. Позади Dark Sky Alliance се четворица ветерани на музичката индустрија - перкусионистот Џери Марота (соработувал со Питер Габриел и Indigo Girls), Руперт Гринол на синтисајзери, за саундскејпинг синестезијата е задолжен Ерик "д" Тејлор, а тука е и Дејвид Хелплинг, маестро-гитаристот на синематичниот звук. Ова е музика која лесно потпаѓа под дрон и амбиент стилот. Дел од траките, поради ритмичните структури, имаат њу-ејџ и трајбл сензибилитет, додека друг дел од траките се повеќе атмосферични и амбиентални. Како и да е, станува збор за едно кохерентно издание, во кое звукот ќе ве однесе од атмосферата на езерото огреано од сонце, до најдалечните простори на космосот. На моменти се појавуваат и вокални семплови или пеење (прелевајќи се од меланхолично до еуфорично), а тука се и звуците од дувачки акустични инструменти, во комбинација со електрониката. Се на се, овој албум делува доста смирувачки и може да се каже дека е на посмирената и поспокојна страна на амбиенталната музика. Уште еден чекор кон напред и уште еден солиден албум во каталогот на Spotted Peccary Music.
12. Onasander, Ashtoreth & Gydja - Animic Atmospheres (Winter-Light; 2024)
Овој пат станува збор за троен колаборативен албум, помеѓу артистите - Onasander, Ashtoreth и Gydja, кој секако дека спаѓа во дрон и амбиенталниот стил. Што се однесува до филозофската рамка на албумот, тоа овој пат е филозофијата на Рудолф Штајнер, кој и самиот е одличен автор на голем број на книжевни дела (од кои нешто имам прочитано) и кој ги сподели своите увиди за поврзаноста помеѓу смртта, духот и универзумот на седум предавања и говори во Берлин од Јануари до Март во 1918-тата година. Кога е во прашање овој албум, станува збор за вибрантни, експанзивни дронови, фино обработена електронска естетика, со добро вметнати традиционални инструменти и вокали, сите вешто искомбинирани за да произведат вонсветовен фокус. Со тоа што може да се каже дека овој дрон звук е повеќе на поминималистичката страна на звукот или на звучната естетика. Сето тоа можеби има врска или може да се поврзе со често повеќе херметичната филозофија на езотеричниот автор Рудолф Штајнер. Ништо ново под дрон сонцето, но секако дека е добро и вешто изведено и секако дека ова издание ја заслужува оценката - 4/5.
13. Talst - Celestial Displacement (Winter-Light; 2024)
Прв, деби албум на Talst Ака Роб Мелдрам, со наслов ' Celestial Displacement ', издаден за холандските Winter-Light, кои пред неколку години издадоа и едно мое издание (тоа беше една од моите компилации од соработките со Sound_00). Ова е музика за која може да се каже дека лесно може да потпадне под амбиент и дрон стилот, ако веќе се потребни вакви определувања, бидејќи музиката е едноставно толку добра што го надминува и трансцендира стилот. Повеќето од траките се пократки, околу 5 или 6 минути, најдолгата бидувајќи околу 7 минути, и се составени од слоеви од звуци, кои најчесто се атмосферични, иако на моменти имаат и индастријал призвук, што секако дека е препознатлива состојка на дарк амбиент и дрон стилот каде што и припаѓа овој албум. Во делови од траките има поизразен интензитет, но има и моменти на мирна и тивка рефлексија, креирајќи звук што лесно може да послужи и како саундтрак или филмски музика за некој научно-фантастичен хорор филм. Сите од траките се инструментални, нешто што особено ми се допаѓа, всушност како и целиот албум, за кој секако можам да кажам дека е одличен како за деби албум, може да стои во иста линија како и моето издание за оваа лабела, како и исто така и во линија и со другите изданија во нивниот каталог, и секако дека ја заслужува оценката - 5/5.
14. Meierkord/Andersson featuring Ossler - Metamorfos (Shimmering Moods Records; 2024)
Shimmering Moods Records како лабела, пред неколку години, го издаде на CD-R мојот мини-албум, посветен на и инспириран од најпознатото книжевно дело на Хенри Џејмс - ' Свртувањето на завртката '. Оваа лабела континуирано, низ годините, издава квалитетни амбиентални и дрон изданија, така што и ова ново издание се вклопува во таа линија. Претходно се сретнавме, на овие страници, со издание на кое беше вклучен Хенрик Мејеркорд, за Chitra Records, и на тоа издание, како и на ова, челото игра клучна улога во креирањето на оваа дрон музика и звукот на тој инструмент и дава посебна, епска драматичност на музиката. Има нешто на овој албум и во овој звук што навистина ми се допаѓа. Иако не е ништо ново и револуционерно во однос на звукот и сигурно има многу други артисти кои овој дрон звук го доловуваат на многу повисоко ниво на продукција, сепак веројатно е до вкусот, така што можам да кажам дека тотално уживав во звукот на овој албум. Албумот е целосно инструментален, а филозофската рамка во која, како и вообичаено, е сместена оваа дрон музика, овој пат зборува за некој вид на психолошка метаморфоза, од детство, преку адолесценција, до зрелост. Уште еден солиден и одличен албум на кој е вклучен артистот Хенрик Мејеркорд, поради што ќе се обидам да ги следам и неговите идни изданија, а оценката за ова издание секако ќе биде - 5/5.
15. Abstract Audio Systems - Sounds of displacement and renewal (Shimmering Moods Records; 2024)
Позади псевдонимот Abstract Audio Systems стои Бен Хаџинс, со кого контактирав и кој во исто време се јавува и како сопственик на лабелата Machine Tribe Recordings од Њујорк, кои во Август оваа година треба да издадат една од моите колаборации со Sound_00, на касета. Приказната позади ова издание е за некој пожар што настанал, па потоа луѓето се преселиле на некое ново место и започнале нов, подобар живот. Го преслушав внимателно ова издание на Abstract Audio Systems и можам да кажам дека ова е музика која сигурно спаѓа и потпаѓа во дрон и амбиенталниот стил. Ништо ново под дрон сонцето, но изведено е со стил и умешност и некако веќе овие дрон изданија започнуваат да се повторуваат, така што може да се каже дека веќе и не е така лесно да се биде нов и оригинален во дрон стилот и музиката, но ако сте љубители на овој звук (како што јас сум), може да се каже дека и да не е нешто особено оригинално, има големи шанси да ви се допадне. Ова издание е составено од 6 траки, сите се амбиентални и атмосферични и за мене ова е прво и до сега единствено издание од Abstract Audio Systems што го имам преслушано. Оценката за изданието би била - 4/5.
Wednesday, July 17, 2024
Tuesday, July 9, 2024
Monday, July 8, 2024
Sunday, July 7, 2024
Wednesday, July 3, 2024
Subscribe to:
Posts (Atom)