- Чудесните светови на Алиса –
Мерсиха Исмајлоска
Книга
од авторка / писателка со богато книжевно искуство... Магистерската теза на
Мерсиха Исмајлоска беше издадена под наслов Вкрстување
на световите за Антолог, кадешто авторката, меѓу другото, прави и анализа
на романот Се викам црвено од Орхан
Памук. Чудесните светови на Алиса
(издание на Вермилион) е, всушност, докторската дисертација на оваа авторка и
претставува анализа и презентирање на делата Алиса во земјата на чудата и Алиса
во светот на огледалото од Луис Карол, низ призмата на дел од современите
теории за литература, како и преку теориите на Карл Јунг за архетиповите, што
(како следбеник на теориите на Јунг) ми се виде како еден од највпечатливите делови
од книгата, кога авторката ги согледува жителите од земјата на чудата (кадешто
се наоѓа Алиса) како еден вид на архетипови...
Книгата
претставува своевиден омаж, убав прилог и наш, македонски научен придонес кон
светското културно наследство.
Кратко
интервју со Мерсиха Исмајлоска може да се проследи од тука: https://nomads.mk/2017/11/22/nomads-intervju-mersiha-ismajloska/
-
Пораки –
Нада Поп-Јорданова
Пораки од
Нада Поп-Јорданова е поделена на три дела (За
децата и за младите, За возрасните,
За старите). Книгата е јасно, читливо
и лесно /
разбирливо
напишана и опфаќа теми како што се: аутизмот кај децата, емоционална
интелигенција, синдром на недостиг на внимание кај возрасните (при чијашто
појава може, на пример, да дојде до појава на почеста промена на работното
место), депресијата кај старите луѓе, дали перфекционизмот е болест и многу
други теми. Како особено значајна и корисна оваа книга ми се чини дека може да
биде ако послужи како предводник и помош во процесот на образованието /
едукацијата и иницијацијата на најмладата популација, како и за повозрасните,
полесно да можат да ги согледаат и разберат појавите што ги опкружуваат.
-
Смртта
на Вергилиј – Херман Брох
Милан
Кундера во своето дело Уметноста на
романот го споменува Херман Брох како еден од најзначајните романописци на
20-тиот век. Вергилиј е и самиот познат како маг или волшебник на зборот,
имајќи го предвид неговото извонредно и безвременско дело какво што е Ајнеида.
Смртта на Вергилиј од
Херман Брох е роман напишан и составен во стил на или како длабока поетско-филозофска
контемплација и по тоа наликува на или може да се спореди, на пример, со романи
како што се Волшебниот рид од Томас
Ман или Волшебникот од Џон Фаулс.
No comments:
Post a Comment