Tuesday, July 2, 2019

Што читаше ‘ Мојот свет на окултизам ’ во Јули


-       Лазарополски хаикуа – Искра Донева

Нешто во што навистина уживав овој месец Јули се овие минијатурни хаику одблесоци од Искра Донева, издадени како мала минијатурна книга пред неколку години (со поговор од Владимир Мартиновски, познат автор и промотор на хаику поезијата кај нас).
Колку и да се трудам, никако не можам точно да запаметам кој е бројот на стиховите што според формулата треба да ги содржи една хаику песна. Како и да е... За мене тоа што е карактеристично за хаику песните или хаику поезијата (толку специфична за јапонскиот менталитет) не е бројот на стиховите (шаблон кон кој многумина се придржуваат), туку хаику подразбира, пред се, минимализам, минијатура или прецизност на изразот. Така што, подготвен сум (речиси) за која било поезија да прифатам дека е напишана во духот на хаику поезијата, доколку е минималистичка или минијатурна. Тоа е, пред се, духот на хаикуто. Минимализмот. Економичноста во изразот. Исто така и изразувањето на грижа за другите (на пример, песните на јапонскиот хаику поет Иса посветени на инсекти, итн.). Што ли веќе друго беше карактеристично за хаикуто... Кога ќе размислам, мислам дека дури може да се каже дека оригиналните јапонски минијатурни хаику песни се како некој вид на мали магични формули (на јапонски јазик)...
Овој симпатичен поетски минимализам доаѓа многу добро до израз во хаику отпечатоците од споменатата збирка на Искра Донева. Можеби најмногу или особено кога песните се инспирирани или посветени на мотиви од природата. Природата којашто е толку податна и изобилува со мотиви и инспирација за некој вид на поезија.



-       Во рогот на волот – Блаже Миневски


Колку добро можеш да го познаваш, знаеш или процениш / протолкуваш некој човек?! Можеби тоа е идејата позади овој блог. А можеби тоа е и прашањето што треба почесто да си го поставуваме. Во обид да се дојде до што е можно попрецизен и покристално јасен одговор...
Соочени сме со последното (во моментот) и најново книжевно дело, кохерентната збирка раскази на афирмираниот македонски писател Блаже Миневски. За што станува збор?! Расказите се напишани и оддишуваат со добри темпо, брзина и ритам, го поттикнуваат љубопитството на читателот и се одликуваат со силна желба да се раскажува. Темите се разновидни. Но, нели е тоа уште еден одговор на само едното и единствено прашање што се наметнува и што виси во воздухот, а тоа е: Што или кој е човекот?! Ако се обидам (како што и самиот автор ми напиша во посветата) да и дадам смисла на книгата. Или можеби секој различен читател треба или може да и даде поинаква смисла?!
Уште едно врвно и одлично дело од, како што го нарекуваат – македонскиот Милан Кундера! Дело што наликува на вешто и убаво избрусен дијамант! Секој од расказите – Посебна причина за задоволство! Карма се создава со мисли, зборови и дела. Да создадеме малку добра карма (добра магија).



-       Трансцендентална магија – Елифас Леви


Генијално дело од францускиот маг Елифас Леви! Остроумно и продлабочено! Меѓу другото, во ова дело најдов одговор и за тоа што го барав, а тоа е некој вид на, да го наречеме, окултистичко толкување на дел од античката книжевност. Конкретно, согледување на еповите на Хомер, Илијада и Одисеја, како некој вид на иницијациски приказни.
Ако Магика без солзи од Алистер Кроули е премногу надреалистичка, а Дрво на животот од Израел Регардие е премногу разводнета, тогаш Трансцендентална магија од Елифас Леви е вистинската и перфектна комбинација од цврстина и мекост. Стилот – типично магичен! Ако може да се направи споредба, од областа на теоретската литература (и повеќе од тоа) како пандан на ова дело, во однос на стегнатиот, интелигентен стил, можеме да ја одбереме извонредната Од дијалогизам до интертекстуалност од Елизабета Шелева.

No comments:

Post a Comment