Sunday, September 1, 2019

Што читаше ‘ Мојот свет на окултизам ’ во Септември


-       Лисица – Дубравка Угрешиќ

Во последно време, се фатив себеси како читам повеќе женски авторки – писателки (од различни области – Катица Ќулавкова, со нејзините согледби за херменевтиката или толкувањето на идентитетите; Мерсиха Исмајлоска – анализа на Алиса во земјата на чудата и Алиса во светот на огледалото од Луис Карол; Хелена Петровна Блавацка – нејзиниот начин на вовед во подрачјето на теозофијата; Мила Виклео, со нејзината верзија на популарната психологија и мотивациското говорништво; Лилјана Пецова – Илиеска, која ја согледува и дефинира реалистичната приказна од македонскиот фолклор)... Така што, автобиографскиот роман Лисица од хрватската писателка Дубравка Угрешиќ (мое прво дело од оваа прва дама на ексјугословенската книжевност) спонтано се наметна како своевиден врв и шлаг на повеќето различни вариетети на женското писмо.
Ова одлично книжевно дело изобилува со ведрина, леснотија во раскажувањето и воедно извонредна и остроумна длабочина, допирајќи повеќе разновидни аспекти и упатства, насоки или совети за начините на кои може да се пишува, што претставува пишувањето или поопшто кажано – за психологијата на современиот човек и неговата уметност. Дубравка Угрешиќ е прониклива во согледувањето на нештата, има пристап со извонредна длабочина и убаво ги спојува темите, градејќи една импозантна градба со ткаењето на литературниот текст, што само направи да бидам пољубопитен да откријам и некои од нејзините други книги. Зборовите имаат моќ! Дури и вака суптилно соопштени... Можеби токму поради тоа!

Оцена – 5 / 5



-       Ѕуница околу пирустијата – Васко Ташковски

На промоцијата на првата збирка со хаику поезија од Сандра Авросиевска (една од ќерките на Васко Ташковски), Владимир Мартиновски како промотор спомена, меѓу другото, дека за автобиографијата на сликарот и академик Васко Ташковски, насловена Ѕуница околу пирустијата, карактеристичен е и токму специфичниот и препознатлив хаику – момент.
Ова е многу моќно и интересно напишано дело / автобиографија од Васко Ташковски, за којашто, како што забележува и една од неговите ќерки, а тој тоа го пренесува, карактеристична е и една непосредност што се граничи со некој вид на детски или навидум инфантилен поглед врз нештата и во кое дело авторот навлегува длабоко во различните фази од текот на неговиот живот, опишувајќи ги, меѓу другото или најчесто, и слоевитите состојби и процеси околу неговото дело и ликовно творештво. Споменати се врските што Ташковски ги одржувал со писателите Томе и Тамара Арсовски (чести посетители на неговото ателје), потоа односот и сличностите со Славко Јаневски (близок и сличен по сензибилитет со своето книжевно и ликовно творештво до Ташковски), инспирираноста од страна на книжевникот Влада Урошевиќ во однос на тоа да напише нешто во врска со ликовните дела на Ташковски, итн.
Одлично дело! Да завршиме со еден од афоризмите што се споменати во делото: Ако сакаш за некого да пишуваш, треба прво да го прочиташ.


Оцена – 5 / 5

No comments:

Post a Comment