Sunday, August 23, 2020

Топ 10 (без особен ред) музички изданија за слушање ( од 2020 - та ). Препораки !! ( ++ ) . . .



 1. V - A - Tantra 2 + III (Neotantra; 2020)

Овој пат станува збор за второто и третото продолжение на компилациите со амбиентален звук, што како free download или слободни за даунлодирање ги издава Неотантра, современиот музички издавач на Ли Норис (Aka Metamatics, Norken, итн.). На едно место собрани се траки од едни од покарактеристичните артисти од современата амбиентална и дрон сцена... Естетиката е сонливо левитирачка, раскошни композиции за дневни и ноќни лебдења и патување кон световите и пределите на соновното...

Веќе по малку Ли Норис со овие компилации како да се повторува, но како покарактеристични може да се издвојат траките од - Milieu, Specta Ciera, Darren McClure, Wil Bolton, Nacht Plank, Mick Chillage, Sozuproject, Tsone, Futuregrapher, Stephen Philips и други.




2. Alexei Borisov + Katya Rekk + Yura Gorodezkii - Tea Reworking (Attenuation Circuit; 2020)

Интересен и возбудлив звук, што не е изненадување, кога е во прашање се што ќе допре рускиот артист од Москва - Алексеј Борисов. Имав прилика да контактирам и да соработувам со него, кога го создадовме нашиот колаборативен материјал со ASTMA (неговото дуо со Олга Носова).

Овој пат Алексеј Борисов (кредитиран со - electronics, tapes, guitar, voice) соработува со двајца други звучни артисти, тоа се - Katya Rekk (electronics, sound objects, daxophone, voice) и Yura Gorodezkii (rework, artwork). Звукот е звучна анимација на минималистички, рафиниран и префинет езотеричен масакр. Сублимирано и со поента. Одлична комбинација од доволна доза на импровизација со компонирачки елементи и пристап. Возбудливо е да се следи како изданијата во коишто е инволвиран и вклучен Алексеј Борисов, со текот на годините, полека и внимателно се развиваат и еволуираат во се повеќе нови и нови музички и звучни форми и естетики... Прекрасно! Едно од најдобрите изданија на Attenuation Circuit од 2020-тата година, а исто така сигурно е и едно од подобрите музички изданија во коишто е вклучен Алексеј Борисов. Оцена - 5/5.




3. Lillmeyer-Stadlmeier - Zwie-Licht (Attenuation Effect; 2020)

Што ни кажуваат информациите од омотите во врска со ова издание?! Станува збор за колаборативно издание помеѓу артистите Харалд Лилмејер (кредитиран со - електроника) и Саша Штадлмејер (гитара, бас, ефекти). Едно од изданијата на лабелата Attenuation Effect од 2020-тата година.

Станува збор за една, подолга композиција од околу 27 минути. Стилски се движи помеѓу импровизација и дрон, но пристапот е целосно импровизаторски, нешто на што веќе се навикнавме од страна на музичките изведби (и на снимени изданија и концертни) на Саша Штадлмејер. Но, мислам дека тој се потпишува со своите лични име и презиме кога настапува со инструменти, а кога е повеќе електронски пристап тогаш е EMERGE...

Солидно издание. Едно од многуте на ваква слична или оваа линија, да речеме, на линијата на она што веќе со години наназад го прават и реализираат и норвешкото дуо Bjerga/Iversen.




4. Carlo Giustini - L’abbaglio (Elan Vital Recordings; 2020)

Уште едно пријатно изненадување од современиот музички издавач од Скопје - Elan Vital Recordings. Овој пат станува збор за релативно пократок албум (составен од три композиции) од италијанскиот современ амбиентален композитор и артист Карло Гиустини. Издаден истовремено на компакт диск и на касета.

Траките се вредни за преслушување... Звукот лебди и гравитира некаде помеѓу дрон и амбиент естетиките, при што артистот или звучниот истражувач користи суптилни филд рекордингс (или теренски снимки), семплер, Корг Поли 800, итн. Вистински трибјут за т.н. Њу Ејџ или Новото Доба на ерата на касетите... Носталгично и реминисцентно, можеби, на некои од потивките албуми од Брајан Ино или Харолд Бад, без преголема доза на експериментирање, овој албум остава впечаток на фино и убаво компонирана амбиентална или дрон музика. Пријатно за слушање. Оцена - 4/5.




5. Private Mountain - Dark Political Stratum (Elan Vital Recordings; 2020)

Private Mountain е проект на дуото составено од македонските артисти Димитар Додовски и Тони Димитров. ' Dark Political Stratum ' е нивен втор албум (во подготовка е третиот), во издание на Elan Vital Recordings - музичкиот издавач на Тони Димитров. Додека нивниот прв деби, претходен албум беше издаден за Neotantra од Англија.

Го прочитав есејот што оди со ова издание. Есејот говори за глобални политички и воопшто цивилизациски промени во парадигмите, на коишто сме сведоци дека се случуваат во ова денешно време...

Албумот е составен од три подолги траки (сите подолги од 15 минути) и претставува експлорација на звучните подрачја што гравитираат помеѓу посмирениот, амбиентален и дрон звук, од една страна и погрубиот, со примеси на поублажен ноиз и порапава естетика стил, од друга. Сметам дека ова е солидно издание и уште еден фин додаток кон веќе обемните и растечки каталози и дискографии на Додовски и Димитров.




6. Bassenger Medwed Stadlmeier - Distanz stillstand uberwindung (Attenuation Circuit; 2020)

Тројца артисти на ова издание. The Bassenger кредитиран со bass и voc, Gilbert Medwed со drums, synthesis, sound design, noise, recording и mastering и Sascha Stadlmeier со guitar, bass, objects, samples и design.

Изданието е составено од три подолги композиции кои сигурно се движат и вибрираат околу естетиките на импровизацијата и импровизираниот звук. Долги и развлечени пасажи и предели со звучни импровизации, експериментални звуци и опскурни моменти. Познато ми е дека кога Emerge свири или настапува со инструменти се потпишува со неговите вистински име и презиме. Се на се - солидно издание. Оцена - 4/5.




7. Vitaly Maklakov + Jura Gorodeckiy - Bukanushko (The Sketchbook Sounds; 2020)

Писателката Мерсиха Исмајлоска, во една прилика ми кажа или соопшти (преку e-mail) - Со убаво се што правиш ќе ти го покаже и отвори твојот личен пат! (Се трудам така да биде и истото можам да му го предложам на секого кој има добри намери.)

Пуштете си некое добро ноиз музичко издание и дозволете си да уживате... Имав прилики да соработувам и со двајцата од овие артисти (кои го имаат создадено ова колаборативно издание) - со Виталиј Маклаков во повеќе наврати (создадовме и снимивме еден заеднички колаборативен албум, а тој исто така издаде и повеќе мои изданија на неговите издавачки куќи), а периодов сум во фаза на создавање на еден колаборативен албум со Јура Городецкиј (тој ми прати некои негови звуци, кои чекаат да бидат обработени од моја страна)...

Овој албум се состои од шест, релативно подолги композиции, на кои ноиз естетиката или подобро речено - интензитетот им е силна страна. Иако тоа не е наједноставен, lo-fi ноиз, туку нешто покомплексно, за што верувам дека е најмногу заслужен токму Јура Городецкиј... Интензивно и артистички обоено издание, со звук на апстрактна бучна и импресионистичка естетика... Одлично. Оцена - 4/5.




8. Obozdur - Kiprey (The Sketchbook Sounds; 2020)

Имав прилики да соработувам со Витали Маклаков во повеќе наврати... Ова негово издание (ЕП) со наслов ' Kiprey ' е едно од изданијата (free download или name your price) на неговата нова лабела - The Sketchbook Sounds...

Проектите на Витали Маклаков (Kromeshna, Obozdur, Light Collapse, итн.) звучно и стилски се движат на границите помеѓу ноиз, од една страна и дрон и амбиент естетиките, од друга... Ништо поинакво или поразлично не е и ова негово издание...

Станува збор за една, подолга композиција од околи 26 минути. Веројатно најдобро или најсоодветно е звукот на ова издание да се опише како комбинација од дрон и ноиз, што резултира во своевидна дрон/ноиз естетика. Остроумно и продлабочено. To the point! Оцена - 5/5.





9. Various Artists - INTENT 2020; ' Liquid State ' + ' Solid State ' (Kalamine Records; 2020)

Некои од артистите од овие две компилации ми се познати, а некои не. Тие коишто ми се познати се: Eisenlager, Whalt Thisney, Thomas Park, Wilfried Hanrath (со кого требаше да настапам на Re:Flexions фестивалот во Аугсбург / Германија оваа година, но поради новонастанатата ситуација со корона вирусот тоа веројатно за мене ќе се одложи за наредната година), Zumaia (со кого имам еден колаборативен албум, издаден за неговата лабела Kalamine Records) и Lezet. Другите за првпат ги среќавам како дел од овие две компилации, што не значи дека нивните траки не се вредни или добри...

Соновно-левитирачка естетика, ако треба или може да се генерализира... Но, не би морало. На овие две компилации има извонредни изненадувања и тоа токму од оние звучни артисти кои ми се помалку познати или непознати. Како покарактеристични и подобри може да се издвојат траките од: Harold Nono, Saint De L'Abime, Hidden Glow, The Hauchzart Ensemble, Pariah, Edo Pisto Somi, Zumaia, Lezet, и други.




10. Calineczka - Audience (1834; 2020)

Имав прилика да соработувам со музичкиот артист Calineczka (aka Scislaw Dercz) од Аликанте (Шпанија), при што создадовме едно издание со две подолги минималистички композиции, што во овој период тој треба да го издаде (на касета) за неговиот издавач Important Drone Records.

Ова издание на Calineczka од 2020-та година (за лабелата 1834) е составено од две подолги, крајно минималистички композиции, едната речиси 33 минути, а другата околу 40 минути. Звукот постепено се менува, но тоа е толку незабележително, така што се добива впечаток како да се соочуваме со една звучна скулптура, од крајно минималистички тип. По мене, ова издание е вредно да се преслуша и само не остава со љубопитство и исчекување за тоа каква ќе биде идната звучна еволуција на овој несомнено вреден за истражување и следење звучен артист, кој го побудува вниманието и интересот на слушателот. Оцена - 4/5.

No comments:

Post a Comment