Monday, October 4, 2021
Топ 15 (без особен ред) музички изданија за слушање ( од 2021 - ва ). Препораки !! ( ++ ) . . .
1. Das Tote Kapital & Gerald Fiebig - Das Tote Kapital & Gerald Fiebig (Attenuation Circuit; 2021)
Колаборативно издание помеѓу - Das Tote Kapital и Gerald Fiebig. Позади Das Tote Kapital се - Markus Joppich (кредитиран со гитара) и Johannes Engstler (drums, dulcimer, bass, trombone, field recordings, samples), додека Gerald Fiebig е кредитиран со - теренски снимки, семплови, електроники и озвучени објекти.
Звукот на траките (со различна должина) е делумно отсвирен во форма на импровизација, а делумно електронски (преку семпловите и веројатно третираните звуци од теренски снимки)... Она што ми се допаѓа кај ова издание е тоа дека, сепак, звукот не го исполнува целосно просторот, туку има и доволно празен простор помеѓу звуците, за да може просторот и звуците послободно да дишат... Пространа музика, импровизаторски пристап, доволно експериментирање и една подолга трака на крај, од околу 22 минути... Се на се - солидно издание. Оценка - 4/5.
2. Gerald Fiebig - EMERGE - Limited Liability Sounds - FIEBIG - EMERGE - LLS (Attenuation Circuit; 2021)
Уште едно издание во кое е вклучен сопственикот на лабелата - артистот Саша Штадлмејер ака Emerge.
Овој пат станува збор за две подолги композиции, како дел од ова издание... И двете се снимки од настапи во живо, на различни места и различни датуми, при што првата снимка е од концертен настап на Limited Liability Sounds и Emerge, додека вториот настап е на - Gerald Fiebig и Emerge... Звукот е, по многу што, базиран на атмосфери и импровизации, без некакви подрастични изливи на ноиз... И двете снимки звучат слично, веројатно затоа се како дел од едно заедничко издание, но може да се каже дека првата снимка е некако посмирена и повеќе базирана на амбиенталната и атмосферична естетика, додека втората снимка има поголемо богатство на звуци и е повеќе базирана на импровизација... Се на се - солидно издание... Но, со оглед на тоа што сме го слушнале Emerge и со покомпактни изданија и звук, оценката овој пат ќе биде - 3/5.
3. N (93) + deep - abraxas (Attenuation Circuit; 2021)
Навистина уживав во ова издание! Станува збор за колаборативно издание помеѓу артистите N и Deep, со кои требаше да настапам како дел од Re:Flexions фестивалот во градот Аугсбург (во Германија) во 2020-тата година, но поради новонастанатата светска ситуација со Корона вирусот тоа се одложи... Но, во секое време можам, доколку некогаш одлучам туристички да патувам до Аугсбург, да му кажам на организаторот на фестивалот (и сопственик на издавачот - Attenuation Circuit) - артистот Emerge ака Саша Штадлмејер, да ми организира експериментален настап таму (што, впрочем, тој тоа и го прави веќе подолго време - организација на експериментални гигови на повеќе и разновидни електронски артисти)...
Овој албум е издаден на винил или плоча со прекрасен изглед и дизајн... Составен е од две подолги композиции - секоја по околу 17-ипол минути... Дрон во неговата најсовршена форма!! Развлечени и слоевити атмосфери и звуци... Обично кога знам дека станува збор за музичко издание со послаба продукција што треба да го рецензирам, доволно ми е да го преслушам и еден пат... Но, овој пат го преслушав ова издание неколку пати пред да ја напишам оваа рецензија, а продукцијата на изданието е на навистина високо и завидно ниво... Оценка - 5/5.
4. OSC & Y-Ton-G - Noise Factory 2020 “klangstrukturen“ (Attenuation Circuit; 2021)
Нема премногу информации на омотот од ова издание, иако сите четири траки или снимки од кои е составено изданието се подолги (три се над 30 минути) и се знае дека станува збор за снимки од некаков вид на воркшоп или работилница за ноиз музика. Сето тоа е потпишано под името - Noise Factory или Ноиз Фабрика. Очигледно, снимките се направени или снимени во текот на 2020-та година, а издадени се во 2021-вата година, како фри даунлоуд издание на Attenuation Circuit.
Не станува збор за премногу бучен ноиз, иако пристапот е прилично импровизаторски, туку во суштина станува збор за прилично минималистичко издание. Како максималистички минимализам - ако може така да се изразам...
Ова издание, во суштина, ми се допадна, бидејќи генерално сум фан на се што е обоено со предзнакот на минимализмот, иако, кога е ноиз звукот и музиката во прашање, веќе сигурно има и многу други вакви или слични изданија, што се претходно веќе издадени и направени и од други артисти... Оценка - 4/5.
5. Filmy Ghost - Magick Occvlt Textures (Camembert Electrique; 2021)
Со Filmy Ghost направив или остварив една соработка, поточно, соработувавме во два наврати - кога заедно направивме една звучна колаборација (нешто во врска со тоа може да се погледне и преслуша од следниот линк на YouTube - https://www.youtube.com/watch?v=Ajj-bwIjJ6w) и кога издаде мое издание за Cian Orbe Netlabel.
Што се однесува до ' Magick Occvlt Textures ', станува збор за издание што е обоено со изразит или своевиден атмосферичен или амбиентален колорит и аура, но, исто така, и со повремени полабави ритмични структури, за што веројатно индикатор е и самиот назив во насловот - дека станува збор за текстури... Повеќето од траките се авторски траки на Filmy Ghost, но има и соработки или колаборации и со други артисти, на пример, со Lezet (од Србија), а има и еден ремикс на трака од Mean Flow (кој доаѓа од Грција)... Се на се, ова не е лошо издание и ќе ги задоволи сите кои се во потрага по врските помеѓу музиката и окултните влијанија (видете го насловот на изданието), но, исто така, можеби по малку звучи и некако (и до некаде) плитко и неодредено, со оглед на тоа што, кога станува збор за окултните влијанија во музиката, веќе има многу други артисти и бендови кои тоа го изразиле или споиле на посугестивен начин (да се потсетиме само на култната група Coil, со несомнени езотерични влијанија, како и на Throbbing Gristle, чијшто албум ' The Endless Not ' е вистинска инспирација во тие подрачја). Оценка за изданието на Filmy Ghost - 3/5.
6. Mora Tau - Cloud over the mountain + Mora-Tau - New moon, old sun (Kalamine Records; 2021)
Нема премногу или воопшто информации во врска со Mora-Tau, до кои би можел да дојдам... Но, тоа во овој случај и не е толку битно...
Станува збор за две албумски изданија, издадени од страна на француските Kalamine Records во 2021-та година, а потпишани од јапонскиот амбиентален композитор Mora-Tau ака Такенори Ивасаки.
Очигледно дека и во двата случаи, кога станува збор за овие две изданија, станува збор за авантуристички пристап на композиторот на овие амбиентални и дрон екскурзии... Повеќето од траките со подолги (подолги од 10 минути, а некои достигнуваат и накај 15 минути) и карактеристично е дека има тек во развојот на албумите, кој се движи од почетокот до крајот на изданијата... Повеќе слоеви од звук или од звуци се движат паралелно низ звучниот спектар, односно, напластени се и креираат расположение или атмосфера на една напнатост, но и на катарза, односно, прочистување... Звуците се внимателно одбрани и отсвирени (во форма на импровизации, со аналогни и со дигитални синтисајзери), а потоа и манипулирани од страна на композиторот, кој е, очигледно, фан на Роберт Фрип, Брајан Ино, Тенџерин Дрим и други музичари и артисти, од чиешто творештво Mora-Tau, очигледно, го црпи своето директно и непосредно влијание... Овие албуми ми оставија пријатен впечаток и веројатно може да се каже дека како естетика се обоени со специфичниот сензибилитет на јапонскиот пристап кон звукот (што доаѓа до израз не само во музиката, туку и во литературата - да се потсетиме само на одличниот Харуки Мураками, чиј фан, лично, несомнено сум). Оценка - 4/5.
7. V / A - INTENT 2021 ; Ardor + V / A - INTENT 2021 ; Flashover + V / A - INTENT 2021 ; Open Sky (Kalamine Records; 2021)
Уште три компилации од француските - Kalamine Records!! Повеќето од артистите од овие компилации се, од претходно, за мене непознати и нови, но има и по некое познато име...
Она што е заедничко за сите од траките од овие компилации од Kalamine Records е дека, во поголемиот број на случаи, станува збор за полабави ритмични траки, но исто така и со одредени траки кои се повеќе амбиентални и атмосферични (или комбинација од двата стила, во некои случаи)...
Можам да кажам дека, се на се, овие компилации ми се допаднаа и беше задоволство да се преслушаат, а сигурно дека и сопственикот на лабелата си ја остварил својата цел со тоа што ги издал компилациите... Не станува збор за некое издание коешто претерано отскокнува од она што е стандард за ваквиот амбиентален / дрон и идм звук со пониско ниво на продукција, како што е тоа случајот со некои други изданија што сум имал прилика да ги преслушам и да ги рецензирам... Но, понекогаш и тоа е доволно... Оценка (заедничка за сите три компилации) - 3/5.
8. Sebby Kowal - Bright Spaces (Elan Vital Recordings; 2021)
Sebby Kowal или Себастијан Пол е полски музички продуцент на дрон и амбиентална музика. ' Bright Spaces ' е неговиот четврти по ред албум...
Навистина ги немам преслушано неговите претходни албум, за да направам споредба, но тоа и не е толку битно... Sebby Kowal, покрај албумите издадени за неколку разновидни издавачки куќи, има и една трака на една од ' Tantra ' компилациите (кадешто, на една од нив, е вклучена и една моја трака), што ги издава англискиот издавач Neotantra, во сопственост на Ли Норис или Метаматикс.
Звукот на овој албум е комбинација од дрон и амбиент, со примеси на теренски снимки или филд рекордингс и некои додатни звуци што и додаваат посебен шарм на генерално поликвидната атмосфера... Звуците се претопуваат и создаваат една ликвидно-претопувачка, топла атмосфера, која звучи смирено и длабоко... Мислам дека ова е солидно издание, веројатно ништо особено ново или револуционерно во однос на овој веќе познат дрон звук и естетика, но звучи солидно и секако се претопува со општата и генерална звучна естетика на Elan Vital Recordings... Оценка - 4/5.
9. Xtematic & I, Eternal - Les notes du Printemps (Self-released, 2021)
Ова е колаборативно издание помеѓу артистите - Xtematic и I, Eternal!!
Со артистот Xtematic ака Марко Јович од Хрватска имав прилика да соработувам, кога го составивме и издадовме нашето сплит издание (а тој, исто така, издаде и едно мое посебно издание за неговата лабела - Xernex Records)... Додека, за I, Eternal имам приметено дека, во последно време (во последните неколку години) се појавува со траки на компилации и некои поопскурни изданија, ваму и таму...
Што се однесува до звукот на ова колаборативно издание - тоа е комбинација од поинтензивен дрон и атмосферичен или до некаде и индастријал звук и естетика, со повремени семплови и елементи од поопскурни звуци... За Xtematic е карактеристично дека работи во домените на поексперименталниот звучен и музички израз и веројатно ова не е неговото највпечатливо издание, а тој исто така ја предводеше и неговата издавачка куќа Xernex... Се на се - солидно издание! Оценка - 3/5.
10. Various Artists - Spring Releases (Midira Records; 2021)
Периодов треба да биде издаден мојот колаборативен албум со Џејмс Вајнес, за германските - Midira Records! Тие периодов подготвуваат неколку нови изданија, што мислам дека треба да ги издадат на Це-Де (или друг физички) формат... Па, ова е некој вид на привју компилација со траки од новите изданија...
Сите од артистите се, за мене, претходно непознати и на ова издание за првпат се среќавам со нив... Тоа се - Ringhof, Scatterwound, Yodok & Massimo Pupillo, Jean D.L. & Otto Lindholm, Alberto Lucendo и колаборативна трака помеѓу - Stratosphere, Dirk Serries и Tom Malmendier... Ок - Дирк Сериес, секако, е доволно познат преку неговата работа со проектот Видна Обмана...
Звукот на сите траки е, во основа, базиран на дрон естетиката... Со тоа што, на пример, може да се сретнат и некои поопскурни делови што се отсвирени со инструменти (перкусии и слично)... Се на се - солидно издание... Оценка - 4/5.
11. Doc Wor Mirran featuring Stadlmeier + De Waard + Gormley - Hominine parts 4 to 6 (Attenuation Circuit; 2021)
Претходно беше забележано изданието што ги содржи првиот, вториот и третиот дел од овие траки со импровизаторски пристап и реализација... Додека, сега можеме да се соочиме со деловите од 4 до 6, тоа се три траки со различна должина, кадешто групата Doc Wor Mirran соработува со тројца други музичари или артисти, а тоа се - Sascha Stadlmeier, Frans de Waard и Adrian Gormley (нема потреба во оваа прилика да наведувам поспецифично кој со што е кридитиран, но во главно станува збор за различни електронски инструменти и ефекти)...
Овие три траки се со изразито импровизаторски пристап во реализацијата и звукот... Звуците доаѓаат и си одат, артистите импровизираат, за на крај да се создаде и конечниот резултат да биде една импровизаторско-атмосферична музика и атмосфера, со на моменти повремени изливи на побучен ноиз... Можеби на моменти траките се премногу долги и се има впечаток како звучните патерни да се повторуваат, но што друго би можело и да се очекува... Оценка - 3/5.
12. Tibetan Red + The Oval Language + Das Synthetische Mischgewebe - The Breath of the Hydra (Attenuation Circuit; 2021)
Според информациите - Tibetan Red е Салвадор Франчеш, каталонско-канадски сликар, скулптор и звучен истражувач, којшто имал издадено 5 Це-де-а од неговиот Tibetan Red проект; The Oval Language е Клаус-Питер Џон од Лајпциг, а проектот има започнато како трио во раните 80-ти, за да подоцна се претвори во негов соло проект; додека, проектот Das Synthetische Mischgewebe има започнато во раните 80-ти во Берлин, со касетна продукција и перформативни концерти...
Овој албум со наслов ' The Breath of the Hydra ' е една подолга (од речиси еден час) колажна композиција, по многу што базирана на импровизаторски пристап, звук и естетика... Не е ниту (само) харш / екстремен ноиз (иако на моменти има и бучни изливи), не е ниту (само) контемплативен, тивок дрон... Мислам дека колажот како звучна естетика е најдобар начин за да се опишат карактеристиките на овој албум и звук... Залепени различни парчиња од звуци... Оценка - 4/5.
13. V / A - INTENT2021 ; Chrysalism + V / A - INTENT2021 ; Softshell + V / A - INTENT2021 ; Undertow (Kalamine Records; 2021)
Писателката Мерсиха Исмајлоска од Струга, која ми е колешка од факултет и со која истовремено ги започнавме студиите (таа низ текот на годините се разви убаво во насока на литература и стана универзитетска професорка), во една прилика ми рече - Со убаво се што правиш ќе ти го покаже и отвори твојот личен пат... Јас до толку се инспирирав од тоа што така насловив и една моја трака од еден албум... Еве, може да се провери од тука... - https://emerge.bandcamp.com/album/through-the-macedonian-pages-2
Сега кога ќе се запрашам кое е следното нешто што со убаво можам да го направам, ми доаѓа одговорот дека тоа е да си ги пуштам овие три компилации од Kalamine Records и да се обидам да ги рецензирам...
Повеќето од артистите од овие компилации за мене се нови... Нема потреба да споменуваме или да набројуваме имиња... Општиот звук е комбинација од атмосферичен амбиент, често пати со изразити импровизаторски примеси и елементи... На моменти има и некакви полабави ритмични структури... Со некои од артистите имам остварено некој вид на соработка претходно...
Надвор заврна дожд... Истури!! Можеби и тоа е некаков симболичен знак за некое мое внатрешно душевно прочистување...
14. V.A. - Zouhy (Attenuation Circuit; 2021)
Еве јас сум сардисан (опколен, опкружен) од и со звукот од една од поновите компилации, овој пат со наслов - ' Zouhy ', издание на современиот експериментален музички издавач од Германија - Attenuation Circuit - со кои во последно време (во последните неколку години) остварувам успешна соработка на повеќе планови и во повеќе наврати...
Доста од артистите од оваа компилација за мене се нови... Всушност, кога ќе видам, само тројца ми се од претходно познати; тоа се - Sean Derrick Cooper Marquadt, {AN} EeL и Wilfried Hanrath (со последниот требаше да настапиме на Re:Flexions фестивалот во Аугсбург / Германија, минатата, 2020-та година; но поради општата ситуација со Корона вирусот, тоа се одложи. Но, во секое време, ако некогаш одлучам туристички да патувам до градот Аугсбург во јужниот дел од Германија, можам да се договорам со мојот издавач таму (кој е инаку и организатор на експериментални музички настани во неговиот град) - да ми организира некој настап со експериментален звук)...
Општиот звук на сите од траките од оваа компилација е некоја комбинација од импровизација и амбиент... Се чини дека за сите е карактеристичен лоу-фај пристап и реализација... Оценка - 3/5.
15. Stefan Schmidt - De Profundis (Self released; 2021)
Со артистот Стефан Шмит периодов сме во фаза и процес да создадеме и снимиме еден колаборативен албум... Но, да видиме како сето тоа ќе тече и ќе се одвива (и дали воопшто на крај ќе се случи)... Како што гледам, тој е, оваа година, дел и од лајн-ап-от на овогодишниот Re:Flexions фестивал, во градот Аугсбург (Германија)... Тој ми го прати ова негово самоиздадено издание, па да видиме како звучи...
Станува збор за една релативно подолга композиција од околу 35 минути, со наслов - ' De Profundis '... Описот е - дрон медитација! Авторот е кредитиран со - гитара, чело, глас, синтисајзери, а исто така е автор и на омотот или дизајнот... Звукот е софистициран дрон звук и естетика, што постепено се развива, слој по слој... Ова парче звук и музика делува навистина медитативно... Веројатно дека пристапот е повеќе импровизаторски, отколку компонирачки, но за разлика од повеќето слични импровизации кои често пати знаат да бидат и се повеќе бучни, овој пат станува збор за една релативно смирена композиција, со осет и сенс за хармонија и хармоничност... Оценка - 4/5.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment