Friday, April 29, 2022
Мистикот Јунг - Гери Лакман (мој превод) ( !! ) ( . . . ) . . .
Мистикот Јунг (езотеричните димензии на животот и учењата на Карл Јунг) – Гери Лакман
Езотерично обоена биографија за швајцарскиот психоаналитичар Карл Јунг, напишана од современиот американски езотеричен автор Гери Лакман, некогашен басист на групата Блонди и еден од водечките авторитети и историчари на езотеричната и метафизичка култура денес. Книга во која се опфатени и претставени, како што стои и во поднасловот – езотеричните димензии на животот и учењата на познатиот швајцарски психоаналитичар Карл Густав Јунг.
Станува збор, меѓу другото, за тоа дека водата и каменот имале некој вид на симболично значење или мистичен ефект за и врз Јунг, отсликувајќи го, на некој начин, симболизмот на внатрешната слика, на внатрешното јаство или на битието на човекот. Како некој вид на мандала, тоест, магична слика која е одраз и огледало на човековата душа. “Карл Густав Јунг беше еден од најголемите лекари на сите времиња и еден од најголемите мислители на овој век. Неговата цел секогаш беше да им помогне на мажите и жените да се запознаат себеси за да со помош на тоа самоспознавање и внимателното користење на самите себеси би можеле да живеат еден исполнет, богат и среќен живот.” – стои запишано во врска со Јунг во воведниот дел од неговата несомнено интересна и продуховена книга Човекот и неговите симболи.
Отприлика до половина од книгата Мистикот Јунг, станува збор за процесот на образованието на Јунг, потоа неговиот ангажман на клиниката Бургхелцли, како и средбата со Фројд. За постепено да дојдеме до она што претставува главен интерес и на книгата и на оние со искрено читателско љубопитство, а тоа е стремежот на Јунг да го изрази, задоволи и сподели својот интерес за паранормалното, како и засегнатоста од природата на религијата.
Пронаоѓајќи или освестувајќи се себеси во некаква состојба на двојство или амбигвитет, Јунг се наоѓа во борба помеѓу, од една страна, научникот во него или научната (рационална) страна и, од друга страна, копнежот или потрагата по мистериозното, мистичното или желбата да се задоволат оние нагони кои го влечат кон насоката да ги открие и протолкува закономерностите на оние појави чија природа ги допира подрачјата на магичното и на езотеричното. Кое, пак, од своја страна, ја претставува природата на голем дел од книжевното творештво на Јунг, имајќи предвид, пред се, некои од неговите позначајни книжевни дела, како што се – херметично обоената Психологија и алхемија, Дух и живот, Аион, Психолошки расправи, итн.
Гери Лакман вешто ја води и раскажува приказната (впрочем, како и во сите други негови книги), држејќи го читателот постојано во блага состојба на неизвесност што е следно, но исто така и мудро отворајќи ја и пренесувајќи ја приказната за овој швајцарски психоаналитичар, чиешто книжевно дело несомнено има оставено значајна и огромна трага низ интелектуалните анали на човековата мисла и интереси во Европа, но исто така и многу пошироко во светот.
Преводот на книгата, од англиски на македонски, е заеднички мој труд и на Ѓургица Илиева Нацкова. Можам да кажам дека тотално уживав во целиот процес и тек на преведувањето, кое го доживеав како некој вид на убава ментална или метафизичка игра. Не ми беше многу тешко да ја преведам оваа книга, можеби бидејќи се пронајдов во ваков вид на духовна или езотерична литература. Да преведував некој фиктивен роман со допирни точки со слична тематика, како на пример Скандалите во Кроум од Олдус Хаксли или Волшебникот од Џон Фаулс, романи во кои тотално уживав, сигурно ќе ми беше потешко или невозможно и прашање е дали воопшто би се нафатил да преведувам таков вид на дела.
Мистикот Јунг од Гери Лакман излезе од печат како издание на книжевниот издавач Антолог. Голема благодарност до Жарко Кујунџиски што ми излезе во пресрет во врска со издавањето на оваа книга.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment