Tuesday, April 18, 2023
Топ 10 (без особен ред) изданија од 2023 - та. Препораки !! ++
1. Innocent But Guilty & NLC Feat. Wolf City - Dystopian Thoughts (Attenuation Circuit; 2023)
Прво ново издание од 2023 - та за слушање и рецензирање. Ми стигна пратка од Германија со 30 копии или дискови од мојот колаборативен албум ' Be Here Now ' со Вилфрид Ханрат (кој е инаку издаден во 100 копии) и таму беше вматнат и овој албум, едно од новите изданија на лабелата Attenuation Circuit од 2023 - та година.
Со NLC сме се сретнале и претходно, со албуми, а мислам и со траки од компилации и може да се каже дека за овој проект е карактеристичен минимализмот, односно, минималистички дрон звук. Тоа не е далеку од естетиката и на овој албум, со тоа што на моменти звукот преоѓа и во своевидна варијанта на нешто што може најблиску да се идентиикува како пост-рок. Ова е моќен и солиден албум, на моменти се среќаваме со звукот на гитарите, а на моменти исто така има и вокали во облик на глас... Не е ни премногу конкретно, како Tortoise да речеме, за да биде чист пост-рок, но не е ни премногу апстрактно или амбиентално, како Troum или Bass Communion, на пример, за да биде чист дрон. Музиката на овој албум солидно вибрира и осцилира помеѓу стиловите дрон, амбиент и пост-рок, со оглед на присуството на инструменти во одделни делови од траките. Можеби не е ништо особено ново, а ваков звук сме слушнале и претходно, од голем број на други артисти, но, се на се, сето ова е солидно и доста добро изведено и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
2. V. A. Sonoris (Chitra Records; 2023)
Уште едно ново издание од 2023 - та година. Тоа е оваа компилација со наслов ' Sonoris ' од Chitra Records. Истата оваа лабела го издаде и мојот колаборативен албум со артистите Darren McClure и Тони Димитров (наша втора колаборација, издадена на CD-R), а на сајтот на лабелата може да се прочита и интервјуто со мене, кое го предводеше сопственикот на лабелата - Дионисаф.
' Sonoris ' е компилација составена од 17 траки, сите воедначено движејќи се во рамките на амбиенталниот, дрон и апстрактен стил и манир. Некои од артистите ми се познати и од претходно, со некои имам остварено звучни соработки или колаборации, а некои за мене се нови, со кои за првпат се среќавам токму на оваа компилација. На пример, италијанецот Деметрио Цечители (со кого имаме одлично колаборативно издание кое може да се преслуша од мојата Bandcamp страна) има солидна трака на компилацијата, а исто така солидни траки имаат и артистите Sebby Kowal, Soloi Sounds, Dionisaf, Pleq, Alessandro Barbanera, Michele Andreotti и Тони Димитров. Другите артисти, со кои за прв пат се среќавам на ова издание, се - Chelidon Frame, Henrik Meierkord, NK x [Uvas Good It], Kenji Katayose, Merkaida, Adrian Lane, July in January, CosmoMoose и Sonidos Precarios. Можеби е вистинско време да започнам некоја нова колаборација?! Но, не - ми откажа програмот Ableton. Можеби тоа е знак (семиотика) дека, за одредено време, треба да престанам со колаборациите и воопшто со правење на нова музика. И онака до сега реализирав доволно во таа насока. Се на се - солидно издание и солидна компилација од Chitra Records. Компактен и воедначен звук. Оценка - 4/5.
3. Grosso Gadgetto - Orgasmoceanic Tentaculoss (Kalamine Records; 2023)
Grosso Gadgetto е Гонзалес Кристијан и него го знаеме и од претхнодно, преку неговите колаборации со NLC. Новинарот и авторот Златко Ѓелески на едно место кажува дека живееме денес и треба да даваме осврти на изданија што се реализираат овде и сега. Тој дава такви осврти за филмски изданија во неговата радио емисија, па еве и јас да не отклонувам премногу од таа шема и да се надоврзам на идејата, па нели затоа рецензирам нови изданија.
Малку податоци за ова издание од француските Kalamine Records - наведено е само името на артистот, кое веќе го споменав претходно и дека албумот е снимен помеѓу 2020 и 2022 година. Grosso Gadgetto има и своја Bandcamp страна, која можеби ќе сакате да ја посетите... Во основа, колаборативните обиди и резултати на Grosso Gadgetto со NLC ми оставија повеќе впечаток, бидејќи се покомплексни и попродлабочени. Овој пат се соочуваме со повеќе ритмични решенија во траките, но некако ми фали повеќе динамика. Некако се е премногу рамно или како да има само еден слој од звук. Не е премногу динамично за да биде добар трип-хоп или даунтемпо, а не е ни базирано само на атмосфера за да биде амбиент, иако во некои од траките се допираат и повеќе слоевити и покомплексни решенија. Можеби не станува збор за ништо ново и претходно неслушнато, но искрено ни очекувањата не беа преголеми. Оценка - 3/5.
4. Pool of Light & Slow Clinic - Descend (Chitra Records; 2023)
Додека Марија Пијанманова ужива во благодетите на брачниот живот со помладиот мисје Плевнеш - ние се мачиме за парче леб. Може и ова да го кажам, не?! А зошто не би можело. Во духот на постмодернизмот - Anything goes, нели. Се проаѓа...
Да се фокусираме на рецензирање на уште едно издание, а тоа е ново издание од Chitra Records, албумот ' Descend ' на артистите Pool of Light & Slow Clinic. Овој албум оддишува со една сталожена и спокојна атмосфера, всушност станува збор за амбиентална музика, но која е очигледно составена и снимена како резултат на импровизациски пристап и постапки, комбинирајќи процесирани електрична гитара, синтисајзери, теренски снимки и found sound. Албумот е составен од четири композиции, едната е најдолга од 15 ипол минути, две се од по околу 10 минути, а има и една пократка од 6 минути. Сето тоа очиледно се вклопува со стилот и естетиката на Chitra Records, кои нудат изданија со пријатна амбиентална и атмосферична музика. Не станува збор за ништо ново или за откривање на нова територија, бидејќи овој звук и оваа естетика сме ги слушнале веќе многу пати претходно и од други артисти, но секако дека сето тоа убаво се вклопува во дрон хајпот кој владее со експерименталната сцена, веќе можеби во изминатите 10 или 15 години. Пријатна за слушање музика и оценка за изданието - 4/5.
5. V. A. Modulisme Session 078 (Modulisme; 2023)
Оваа компилација ја открив трагајќи по новите изданија на Emerge, тоа е артистот Саша Штадлмејер од Германија кој е сопственик на лабелата Attenuation Circuit и со кого сме соработувале во повеќе наврати, најчесто тој во улога на мој издавач.
Станува збор за серијал од компилации со кои оваа лабела - Modulisme - сака и има за цел да го прослави крајот на годината, со тоа што ќе ни понудат пресек од траки од артистите кои ги издале претходно, а и некои нови...
Тука ќе се сретнете со некои веќе етаблирани и познати имиња, а и со некои нови... На пример, ќе се сретнете со поритмичните решенија и структури на Meat Beat Manifesto и The Sonny Downs Quartet, но повеќето од траките се експериментални и тоа не е во прашање чист дрон, она што стана хајп во последно време, туку често пати траките се составени и од поабразивни звуци и сето тоа е наклонето повеќе кон експерименталниот амбиент звук... Тука се присутни и - Schneider TM, Roel Meelkop, веќе споменатиот Emerge и Philippe Petit, како и многу други артисти со кои барем јас за прв пат се среќавам на оваа компилација, но сето тоа резултира со возбудливи звучни решенија и добро отклонување од вообичаената дрон понуда. Се на се - солидно издание. Оценка - 4/5.
6. Steffan de Turck / Howard Stelzer - Private/Public (Falt; 2023)
И со двајцата овие артисти сум во фаза да реализирам некој вид на соработки. Поточно, Стефан де Турк ми прати материјали за нашето колаборативно издание, кои јас треба да ги преработам, но програмот Ableton (со кој ја имам направено повеќето од мојата музика) престана да ми работи - можеби тоа е семиотички знак дека за некое време треба да престанам со правење на нова музика. А Хауард Стелцер има некој вид на продолжителни колаборативни проекти, со наслов ' Suburban Observances ' и за еден од нив јас му го пратив мојот ремикс на неговите звуци и сето тоа се чека да биде издадено, најверојатно, во текот на оваа 2023 година.
Траката на де Турк на ова издание е со времетраење од околу 13 ипол минути и е составена од звуци кои се преработени со разни ефекти, но во основа имаат теренски снимки. Таков вид на звуци се и тие што тој ми ги прати на мене, за нашето колаборативно издание, кое ќе почека да биде реализирано понатаму во иднина. Се на се, неговата трака е составена од опскурни звуци и звучи многу lo-fi, но веројатно тоа е карактеристично за неговата естетика и изданија, кои еден дел ги потпишува со неговото вистинско име и презиме, а друг дел се потпишани како Staplerfahrer.
Хауард Стелцер е музичар и артист со долг стаж на експерименталната сцена. Тој е мислам професор по математика во средно училиште, но истовремено екстензивно се занимава и со правење и издавање звук и музички изданија. Неговата трака од ова издание, исто како и претходната, е базирана на теренски снимки кои се третирани со ефекти и исто така има изразито lo-fi сензибилитет. Немам преслушано премногу од неговите претходни изданија, за да направам споредба, но тоа е таа естетика на експерименталните артисти во музиката.
7. Grosso Gadgetto - Violenza (Mahorka; 2023)
Со Grosso Gadgetto сме се сретнале и претходно на овие страници. Тоа е Гонзалез Кристијан, од кого се на ова издание е изведено, снимено и продуцирано. Изданието се состои од 5 траки со различно времетраење, кои во однос на звукот осцилираат помеѓу опскурен атмосферичен амбиент и небулозни индастријал звуци, на моменти со примеси или додаток на звуци од по некој инструмент. Нема многу информации во врска со ова издание, а за истата оваа бугарска лабела Mahorka и јас имам издадено неколку од моите претходни изданија. Звуците на ова издание се прелеваат едни преку други и создаваат амбиентални атмосфери со изразит индастријал сензибилитет. Не е премногу атмосферично за да биде дрон, а не е ни премногу интензивно за да биде индастријал, но сепак и со примеси и елементи и од двата стила ова издание зрачи со својата својствена естетика. Како и да е, станува збор за електронска музика, која не е чиста импровизација во стилот, да речеме, на оние артисти кои се импровизатори, но со елементи исто така и на импровизирани пасажи го гради својот стил и со своевидни композициски структури. Ништо особено ново и претходно неслушнато, но сепак е добро изведено и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
8. V. A. Intent 2023: Anastasis + V. A. Intent 2023: Psithurism + V. A. Intent 2023: Sehnsucht (Mahorka; 2023)
Уште три компилации од бугарските Mahorka Records, кои ги раководи и предводи Иво Петров и лабела за која и јас имам издадено неколку мои изданија. Повеќе или претежно нови имиња за мене се застапени на овие компилации, но има и некои кои ги знам од претходно. На пример, со Лин Фриберг имаме издадено неколку колаборативни траки и изданија, а исто така имам и една колаборација со чилеанскиот артист Filmy Ghost, кој е застапен на една од овие компилации. Некои од другите артисти со кои сум се сретнал и претходно се уште и M.Nomized, со кого имаме колаборативна трака на една компилација, а тука е и alfa00, проектот на Славек Кви, попознат како Artificial Memory Trace, со прилично екстензивна дискографија зад себе. Lezet е проект на српски артист кого го следам во последните неколку години и можам да кажам дека го нуди едно од поинвентивните решенија од овие компилации. Звукот на сите три компилации варира помеѓу импровизаторски и апстрактен амбиент, експериментални решенија, електро-акустика и сето тоа е воедначено и урамнотежено и оддава впечаток на кохерентни изданија. Се на се, за поздрав е ентузијазмот на Иво Петров што ги раководи Mahorka Records и што постојано ни овозможува да дојдеме во контакт и да се соочиме со инвентивни музички изданија.
9. Dionisaf - Twelve Months (Chitra Records; 2023)
И претходно веќе се сретнавме со Дионисаф или американскиот композитор и артист, мислам со руско потекло, Дионис Афоничев, со неговиот претходен албум кој сигурно пловеше во поатмосферичните амбиентални и дрон води. И овој пат Дионисаф продолжува со истата естетика, можеби само уште повеќе да ја продлабочува. Албумот ' Twelve Months ' е издаден за неговите Chitra Records и се состои од 12 траки, секоја посветена на секој месец од годината и траките се релативно кратки, а не е за изненадување што, на пример, во некои од траките може да се слушнат и звуците на вода како тече како теренски снимки и птици кои пеат, што одговара на месеците кога тие појави се вообичаени...
Дионисаф користи модуларни и грануларни синтисајзери, електрична гитара, теренски снимки и немузички звуци и шумови (ноизови), кои го преземаат квалитетот на музикалноста, во комбинација со другите елементи на композицијата. Како и да е, ова е солидно издание на Дионисаф, кое сепак е на посмирената страна на звучниот спектар. Дрон и амбиент во својата чиста и рафинирана форма, секоја од траките е како избрусен дијамант кој зрачи со исконска енергија и топлина. Се на се, солиден албум. Оценка - 4/5.
10. Takahiro Mukai - Vigilance (Mahorka; 2023)
Вистинско освежување е да се слушнат овие повеќе кон глич ориентирани звуци од новиот албум на Такахиро Мукаи, покрај сиот дрон и амбиент што беше присутен од претходните изданија. Станува збор за јапонски електронски композитор, а ова е неговиот веќе втор албум издаден од страна на бугарските Mahorka. Такахиро Мукаи на овој албум е кредитиран со инструментација, продукција и снимање, а тој е исто така познат и по неговите уникатни DIY и пристапи на звучно скулптурирање со circuit-bent машини, што секако може да се каже дека доаѓа до израз и во звукот на овој албум, кој пред се звучи уникатно, што пак е секако својствено и карактеристика за јапонскиот менталитет. Албумот е составен од 6 траки со прилично кратко времетраење, издаден е во дигитална форма и на касета, а тотално плени со уникатноста на изразот и пристапот кон третирањето и добивањето на звуците. Некои траки се поапстрактни, некои се поритмични, а сето тоа придонесува за крајниот ефект да биде глич, кога веќе гличот излезе од мода. На моменти потсеќа на култните Pan Sonic, но Такахиро Мукаи не е до толку енергичен како нив, туку повеќе е интроспективен и свртен кон внатре. Се на се - уште едно солидно издание кое доаѓа од лабелата Mahorka и оценка за изданието - 4/5.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
THANKS!!!!!!!!!!!!!
ReplyDelete