Monday, August 14, 2023
Топ 10 (без особен ред) изданија од 2023 - та. Препораки !! ++
1. Modelbau / Gerald Fiebig + William Rossi - Split (Attenuation Circuit + Grubenwehr Freiburg; 2023)
Истите овие две лабели - Attenuation Circuit и Grubenwehr Freiburg - издадоа и едно мое претходно издание, потпишано како Lefterna, тоест, тоа беа моите колаборативни траки со Svart1, а сега продолжуваат со оваа серија од изданија со униформирани дизајни на омотите. Овој пат се среќаваме со една подолга трака (од околу 40 минути) на Modelbau, последниот проект на Frans de Waard, една од најактивните фигури на светската експериментална музичка сцена, кој се претставува со неговата добро позната комбинација од дрон, ноиз и lo-fi електроника. Звуците пулсираат, се прелеваат слоеви од звуци и добро е кога ќе добиете нешто што веќе го очекувате. На Б страната од касетата има две колаборативни траки помеѓу артистите Џералд Фибиг и Вилијам Роси, кои се еднакво минималистички, но некако поатмосферични и со изблици на ноиз, што придодава кон тоа овие траки да имаат посилен емотивен набој. На моменти се појавуваат звуци и од инструменти, како што е, на пример, пијаното. Се на се - солидно издание. Оценка - 4/5.
2. Farang - Sehnennaht (Attenuation Circuit; 2023)
Farang е проект или псевдоним под кој работи или издава музика германскиот артист Штефан Шмит. Со него снимивме една или две колаборативни траки, но тоа не се продолжи за да снимиме цел колаборативен албум, туку остана само на тоа. Штета, бидејќи баш ми се допаѓа тоа што Штефан Шмит го создава и твори. Можеби е воља на судбината, што ли е. Кој знае, можеби некогаш во иднина ќе продолжиме...
Под името Farang овој артист издаде еден претходен албум, за истата оваа лабела, кон крајот на минатата 2022 година, кој имав прилика да го преслушам и можам да кажам дека, судејќи според тој албум, а што како сензибилитет се провлекува и на овој новиот, за музиката на Штефан Шмит често пати се карактеристични полабави ритмични решенија и структури, иако тој знае да заплови и во дрон водите. Но, ритмичните структури на неговата музика и даваат силен филмски или саундтрак сензибилитет, што мислам дека може да се поврзе со тоа дека овој артист некогаш знае да заплови и во водите на колаборациите и соработките со разни театарски проекти, што пак може да се каже дека е карактеристично за голем број на експериментални артисти од овој тип. Лабавите ритмични структури продолжуваат и на овој нов албум, со силно изразен синематичен ефект и потенцијал, да речеме од типот на ритамот кај Pan Sonic, но овој пат станува збор, сепак, за експериментална музика, иако Штефан Шмит, преку овие две изданија под овој псевдоним, се наметнува како артист со остар сенс и осет за добро дозирање на сите елементи во неговата музика. Се на се - солидно издание. Оценка - 4/5.
3. V. A. Inside / Beside IX (Kalamine Records; 2023)
Уште една компилација од Kalamine Records - француска лабела што вади квалитетни изданија. Овој пат станува збор за компилацијата со наслов - ' Inside / Beside IX ', а претходно сме се сретнале и со некои од другите продолженија од овој серијал.
Од артистите кои се застапени на оваа компилација, со двајца имам остварено колаборации, а тоа се - Питер Вулен и Zumaia (сопственикот на лабелата). Тоа што е карактеристично за звукот на оваа компилација е дека покрај амбиенталните и атмосферичните пасажи, за звукот се карактеристични и своевидни, би рекол, мутирани електро битови и ритмични решенија. Можеби ниту една од траките не отскокнува премногу од општиот звук и сензибилитет, но сепак станува збор за кохерентна и воедначена целина. Мислам дека сите од артистите, освен двајцата што ги спомнав и со кои имам реализирано соработки, се за мене нови и на ова место за првпат се среќавам со нив. Битовите пулсираат, ритмичните решенија се тука, но сето тоа е обоено и со доза на експериментирање, а тоа најмногу доаѓа до израз во миксот или мешавината помеѓу ритмичните структури и атмосферичните позадини. Можам само да им посакам на Kalamine Records, кои претходно издадоа и неколку мои изданија, да продолжат да издаваат квалитетна музика. Но, тие тоа веќе континуиранио го прават, а гледам дека помеѓу нивните нови изданија има и некои од артисти кои ми се познати, така што ќе се навратиме повторно со преглед и рецензирање на дел и од тие изданија и понатаму.
4. NLC & Friends - Messy Afternoons Part I + Part II (Self-released / Bandcamp; 2023)
Обемно издание, составено или поделено на два дела. Изданието содржи неколку оригинални траки на NLC, со кои сме се сретнале и претходно на овие страници, со нивните изданија што се комбинација помеѓу амбиент/дрон и музика со ритмичен IDM сензибилитет, а тука се, што е и најглавно, ремиксите или преработките на повеќе различни траки на NLC, од страна на повеќе разновидни артисти, во случајов во улога на ремиксери. Поатмосферични, барем во некои делови, се секако преработките на Вилфрид Ханрат, со кого и јас имам еден колаборативен албум и кој е познат по неговиот амбиент/дрон стил, можеби и со примеси на своевидна њу ејџ естетика. Дел од овие ремикси се повеќе атмосферични, а дел се повеќе ритмични, повторно во веќе препознатливиот IDM стил. Во повеќе од траките се повторуваат препознатливи мотиви или пасажи од звуци и мелодии, но тоа е разбирливо бидејќи во одредени случаи станува збор за преработки на иста трака од различни артисти. Некои од повпечатливите артисти во улога на ремиксери, кои се јавуваат како дел од ова издание, се - Sven Phalanx, Innocent But Guilty, I Eternal, Grosso Gadgetto, Filmy Ghost, {AN}Eel, Philippe Neau, Emerge, Pete Swinton, итн. Се на се - солидно издание. Оценка - 4/5.
5. Doc Wor Mirran / Stadlmeier / Fiebig - Sanozama (Attenuation Circuit; 2023)
Да видиме што имаме за анализа за денес. Тоа е уште едно од колаборативните изданија на составот Doc Wor Mirran со други артисти, изданија од кои барем со некои од нив сме се сретнале и претходно. Конкретно на ова издание, покрај Doc Wor Mirran се јавуваат уште и Саша Штадлмејер (сопственикот на лабеата Attenuation Circuit, што го издава ова издание) и Џералд Фиебиг. Саша Штадлмејер (Ака Emerge) е кредитиран со глас, ноизови, ефекти и кавер фотографија, додека Џералд Фиебиг на ова издание е кредитиран со семплови и ефекти. Од другите артисти, Џозеф Б. Рејмонд е кредитиран со гитара, бас и слика на каверот, на Мајкл Вурзер му се припишани синтисајзерите, додека Адријан Гормли и Штефан Швајгер се кредитирани со саксофон, ефекти, лејбл пејнтинг и теремин. Многу инструменти, но колку што ми текнува ова звучи многу слично и речиси идентично како и претходните колаборативни изданија од сличен тип на Doc Wor Mirran. Звукот и се околу него е базирано исклучително на импровизација, така што не е за чудење што тука ќе се соочите со многу амбиентални атмосфери, звуци што се прелеваат едни врз други, шумови, ефекти, итн. Исто така колку што ми текнува, како што беше случајот и со претходните изданија, и овде ми фали повеќе динамика, за изданието да биде повпечатливо. Некако овие импровизации почнуваат веќе да се повторуваат и се е некако расплинето, без многу фокус и динамика. Па затоа, оценката за ова издание овој пат ќе биде - 3/5.
6. Roberto Vodanovich Chopor - A boy falling out of the sky (Kalamine Records; 2023)
Roberto Vodanovich Chopor, артист од Хрватска, изрази желба и ме праша да снимиме колаборативен албум, но, музичкиот програм Ableton со кој ја правам мојата музика престана да ми работи, нели, (штета, бидејќи можев да снимам уште 3-4 колаборации), така што тоа ќе се одложи за некој друг пат во иднина, ако воопшто се случи. Roberto Vodanovich Chopor има екстензивна дискогафија од која јас немам преслушано ништо, освен ова негово ново издание за француските Kalamine Records. Можеби очекувано, звукот на овој хрватски артист е стабилно ситуиран во рамките на атмосферичната дрон (или длабок амбиент) естетика, но овој пат со малку помрачни тонови. Во одредени места во некои од траките се појавуваат филд рекордингс или теренски снимки со звуци од природата, како што е звук на вода која тече, на пример. На моменти има и семплови од говор на луѓе, но можам да кажам дека отприлика го добив тоа што го очекував, а тоа е, овој пат, можеби ништо ново и револуционерно, но сепак станува збор за звук и музика која е пристојно изведена, реализирана и продуцирана, што само ме прави пољубопитен да се надевам дека и некоја моја колаборација со овој артист, во иднина, би можела да излезе добро. Оценка за изданието - 4/5.
7. Hans Castrup + Philippe Neau - The way of life (do not cross) (Mahorka; 2023)
Со артистот Philippe Neau имам еден колаборативен албум, што исто така го издадоа Mahorka од Бугарија, лабелата што сега го издава и овој колаборативен албум помеѓу артистите Hans Castrup и Philippe Neau. Описот од лабелата е - ментален трип во имагинарни пејсажи. Можам да кажам дека тоа што францускиот артист Philippe Neau го прави е многу блиску до тоа што и јас се стремам да го постигнам со моите соло изданија, а тоа е некој вид на експериментален дрон звук. Тоа доаѓа до израз и на ова издание. Не е премногу или само длабоко атмосферично за да биде чист дрон, туку додадени се и многу слоеви од експериментални звуци, што само придодаваат впечатокот да биде дека до некаде станува збор и за своевидна индастријал естетика. Но, сепак атмосферите преовладуваат, а на моменти се појавуваат и звуци од инструменти, кои се отсвирени или во импровизаторски манир. Експериментален дрон - пар екселанс. Мислам дека овие двајца артисти го носат неколку нивоа повисоко тоа што јас сум го остварил како изданија или звук во овој стил, преку моите соло изданија. Се на се - солиден албум. Оценка - 4/5.
8. Scatterwound - TL (Trilogy Live) (Midira Records; 2023)
Midira Records пред извесно време го издадоа моето колаборативно издание со Џејмс Вајнес. Но, да видиме што имаат да понудат сега, едно од нивните последни изданија во моментов. Scatterwound е дуо составено од Дирк Сериес (од Белгија, познат и како Видна Обмана) и N (од Германија). Пишува дека тие се враќаат на Midira Records со ова издание, што значи дека имаат и претходно издадено за истиот издавач, но јас ништо од тоа немам преслушано. Но, периодов, пред извесно време, беше издаден мојот Split со N, поточно тоа е Split издание помеѓу N и моја колаборативна трака со Тони Димитров, од нашиот колаборативен проект Sound_00 + Lefterna.
Според информациите, ова се снимки од три настапи на музички фестивали на ова дуо, од предпандемиската ера. Станува збор за подолги композиции или снимки, сите подолги од половина час. Но, ова звучи фантастично. Видна Обмана е веќе ветеран кога е амбиенталниот звук во прашање, а во последните години и N се етаблираше на дрон сцената со огромен број на изданија, така што вчудовидува спојот на овие двајца артисти. И претходно сме имале прилика да слушнеме импровизациски амбиент, но тоа што овие двајца артисти го прават е на тотално друго ниво и продукциски и во однос на изведбата. Така што, само му се препуштате на звукот, кој ве носи на тотално друго место. Баш ми е чест што имам Split издание со N, а во секој случај проверете ги Scatterwound и дозволете си едно величенствено амбиентално доживување. Оценка за изданието - 5/5.
9. Demetrio Cecchitelli - Obvious Obliquity (Histamine Tapes; 2023) + Fiction / Memory Plasticity (Slow Tone Collages; 2023)
Деметрио Цечители е помлад надоаѓачки артист (роден е 1997 година) кој е активен на полето на амбиенталната и електроакустична музика и верувам дека има голем потенцијал да се развие во добра насока со идните изданија. Имам едно мое колаборативно издание со овој артист, а овој пат станува збор за две негови соло изданија, издадени за лабелите Histamine Tapes и Slow Tone Collages. Првото издание е составено од две траки кои се навистина прекрасни, некако сонично поисполнети и претставуваат извонреден пример за тоа што Деметрио Цечители знае да го прави, а тоа е најчесто миск од атмосферичен амбиент или дрон, но и со извонредни и посложени композициски решенија и структури во траките. Станува збор за повеќе пластови или слоеви од звуци, но тоа што овој артист го прави е што ги носи сите тие елементи на неколку нивоа повисоко и продукциски и во однос на мастерингот, нешто за кое е задолжен самиот тој. Второто издание е релативно посмирено и се состои од две траки, од кои првата е подолга, точно половина час или 30 минути. Можам да кажам и врз основа на нашата комуникација во однос на нашето колаборативно издание, дека овој артист е доста брз и можам само да му посакам неговата музичка кариера во иднина да се развие во нагорна насока, што може да се каже дека може и да се очекува. Оценка за изданијата - 5/5.
10. Eardrops - Gravity has no right to refine up and down (Audiophob / Krater Recordings; 2023)
Eardrops е дуо составено од Клаус Поулсен и Саша Штадлмејер (од лабелата Attenuation Circuit). И со двајцата овие артисти имам остварено соработки - со Клаус Поулсен имаме еден заеднички колаборативен албум (што го издадоа Love Earth Music), а со Саша Штадлмејер Ака Emerge покрај тоа што имаме една заедничка колаборација во форма на EP, тој во повеќе случаи се јавува и како мој издавач. Ова се сепак артисти што секогаш паралелно имаат по неколку колаборативни проекти, а исто така и настапуваат во живо со својот звук. Звукот на ова издание е составен со импровизаторски пристап, но е изразито во амбиентален и дрон стил, но артистите користат виолина, електроника и теренски снимки. Има посебен експериментален шмек што и дава посебен шарм на оваа музика. Сепак, станува збор за колаборација, па секако дека звукот и резултатот на Eardrops се разликува од посебните соло изданија и на двајцата овие артисти. Eardrops градат слики за внатрешниот ум, носејќи го слушателот настрана од секојдневниот живот, кон непознати територии. Иако музиката има мирна атмосфера на прв поглед, деликатните слоеви од длабочините евоцираат чувства на нешто мрачно и вознемирувачко. Ова е едно солидно издание на Eardrops кое секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment