Tuesday, September 10, 2024

Топ 15 (без особен ред) изданија од 2024 - та. Препораки !! ++

1. Paul Beaudoin - A small box of secrets (Chitra Records; 2024) Можам да предвидам. За пар години, актуелниот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, ќе доживее нервен слом и ќе дојде кај мене во библиотека, да ја земе ' Мостот на Дрина ' од Иво Андриќ. Психолошка рефлексија. Можам да ви препорачам на сите вас, кои чувствувате психолошка лабилност, несигурност во секојдневието - ви стои на располагање - ГБСК! Еден роман и психолошка рефлексија! Прва средба со Пол Боудин, на овие страници. Прес текстот говори за некаков пост-апокалиптечен предел, кадешто надежта опстојува, помеѓу тивкото превривање на хаотичниот свет. Повторно, ова е дрон музика, ништо револуционерно и ново под дрон сонцето, но јас сум sucker за дрон, така што ова ми се допадна. Долги и развлечени амбиентални пасажи, слоеви од тонови и звуци кои се прелеваат меѓу себе. Ви треба една психолошка рефлексија на себеси? Пуштете си го ' A small box of secrets ' од Пол Боудин! Веднаш ќе ве смири. Да бидеме реални, на многумина им е стресно на работните места, не баш сите ја имаат таа среќа (како мене), да работат на такво спокојно и господско работно место како што е библиотеката. Наоколу владее метеж и хаос. На сите ни треба повеќе дрон. Едно смирување на сетилата и психолошка рефлексија. И секако - земете прочитајте го ' Мостот на Дрина ' од Иво Андриќ! Мислам дека токму за тој роман Андриќ ја има добиено Нобеловата награда за литература. И секако - стана единствениот писател од балканските простори кој има освоено Нобелова награда. Оценка за изданието - 4/5.
2. Wilfried Hanrath & Laura Mars - Traumtanz-Traumzeit (Attenuation Circuit; 2024) Го преслушав во целост овој колаборативен албум помеѓу артистите Вилфрид Ханрат (со кого имам еден мој колаборативен албум) и Лаура Марс и можам да кажам дека тотално ми се допадна. Attenuation Circuit како лабела поддржуваат колаборации и соработки помеѓу артисти од интернационалната андерграунд електронска сцена и како што гледам во последно време тие издаваат и free download / дигитални изданија, како исто така и во физички формат, на CD-R. Ова е едно такво free download издание. Вилфрид Ханрат, во последно време, се појави со повеќе колаборации. На овој албум, Лаура Марс е кредитирана со вокали, гласови и електроники, додека Вилфрид Ханрат е кредитиран со синтисајзери, гитари, тапани, вокали, микс и мастеринг. Иако ова е музика која лесно може да потпадне под амбиенталниот и дрон чадор, сепак, повеќето од траките се релативно пократки, од околу 2 до 3 минути, а исто така тие најчесто се составени од лупови од звуци, кои често се во некаков амбиентален и атмосферичен стил, но некогаш имаат и поблаги и полабави ритмични структури. Ништо ново под дрон сонцето, но ако сте sucker за дрон, како јас, тогаш има големи шанси ова да ви се допадне, бидејќи секако дека е добро и вешто изведено, а албумот секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
3. Sverre Knut Johansen - Still time (Spotted Peccary Music; 2024) Татко ми има подобар живот од сите нас, верувајте! Ако не ми верувате - додадете си го на ебениот Фејсбук и се ќе ви стане јасно! Како и да е, да се фокусираме на рецензирање на ова ново издание - албум за лабелата Spotted Peccary Music - лабела кон која целам да го издаде 6-тото продолжение од компилациите со најдобри траки од мојот колаборативен проект со Sound_00. Прва средба со овој норвешки артист Свере Кнут Јохансен, на овие страници - и секако - повторно - дрон музика! Прес текстот говори за тоа дека овој албум е и ургентен и надежен, спојувајќи мноштво од органски и неоргански звуци за да ја претстави и убавината на природниот свет и самата иманентност на неговата деструкција. Oh, well - ви треба едно неделно смирување - опуштање од стресната работна недела - пуштете си го ' Still Time ' од Свере Кнут Јохансен - смирувањето и опуштањето се загарантирани! Станува збор за дрон музика, со долги и развлечени слоеви од звуци, кои се претопуваат и прелеваат едни со други, на моменти и со благи даунтемпо или идм елементи, вокали, шаманско пеење, што ли... Јас сум на одмор! Имам време да преслушам повеќе албуми, да прочитам повеќе книги, да поработам на мојата магистерска... Албумот ' Still Time ' од Свере Кнут Јохансен може да послужи и како добра подлога, додека читате некоја книга, на пример... Оценка за изданието - 4/5.
4. Abstract Audio Systems - Tacit Tacet (Machine Tribe Recordings; 2024) Позади Abstract Audio Systems е Бен Хаџинс од Бруклин, Њујорк, кој има навистина профи пристап кон издавањето музика. Ова е едно негово поново издание, кое е издадено за неговата лабела Machine Tribe Recordings, за која издава музика од претежно поопскурни проекти, од глобалниот светски електронски андерграунд. Има некој опскурен опис за ова издание, но мислам дека тоа не е некој кој знае колку длабок опис за изданието, кое инаку се состои од една композиција или трака, со времетраење од речиси 1 час. Ова е дрон во неговата најелементарна форма. Ако се спореди со Celer, со оглед на тоа што и тие имаат вакви слични изданија, со една подолга композиција, не е тоа ниво на продукција, но сепак може да се каже дека и звукот на Abstract Audio Systems е вешто изведен и тој некако постепено се пробива на поновата експериментална сцена. Ова е доста смирувачки албум, сепак станува збор за доста брз артист, а секако дека за пофалба е и неговото дејствување во врска со неговата издавачка куќа Machine Tribe Recordings, каде што беспоштедно ги поддржува поновите проекти, а што се однесува до неговото издание, секако дека има простор за надградба. Оценка за изданието - 4/5.
5. Gintas K - Electroacoustic Space Drumming (Anticipating Nowhere Records; 2024) Anticipating Nowhere Records е лабела од Лондон (Англија), која издава ограничени количини од изданија на касети, од независната електронска сцена. Gintas K е артист со екстензивна дискографија, од која голем дел од изданијата јас ги немам преслушано, но нешто од него имам преслушано, а пред неколку години со Gintas K требаше и да настапиме на фестивалот Re:Flexions во Аугсбург (Германија), но поради добро познатите и нашироко дискутирани услови и состојби со корона вирусот, во тоа време, сето тоа се одложи или се откажа, односно содржината на фестивалот се редуцираше, на неколку артисти од Германија (на кои им беше полесно да дојдат за да настапат). Како и да е, она што Gintas K го прави и издава, како звук, веќе со години или децении, спаѓа во категоријата на глич музика. Не знам што користи за да ја создаде оваа своја музика, но во звукот на Gintas K, како што е случај и на ова издание, секогаш се присутни испрекршени патерни од битови или ритмични структури, измешани и измиксани со добра доза за експериментални звуци. Мало отклонување од вообичаената понуда на дрон звук, кој е најчесто присутен на овие страници, бидејќи ова што Gintas K го прави секако дека не е дрон, но е доволно интересно за да го задржи вниманието на слушателот. Со оглед на тоа што немам преслушано премногу од големиот број на изданија од овој артист, може да се каже дека ова издание ми звучеше прилично свежо, а и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
6. Sebby Kowal - We are one (Chitra Records; 2024) Позади Sebby Kowal е полскиот амбиентален продуцент Себастијан Пол. Тој има неколку претходни албуми и други изданија, од кои јас го преслушав исто така и неговиот претходен албум ' Bright Spaces ', кој е издаден за Elan Vital Recordings во 2021 година. Овој пат, како издавачи на новиот албум на Sebby Kowal од 2024 година, се јавуваат Chitra Records. Прес текстот говори за контемплативен, медитативен, лаконски амбиент, кој ни кажува дека сите ние сме едно и мора да научиме да го гледаме доброто едни во други. За разлика од претходниот, постар албум на Sebby Kowal, кој се состои од помал број на траки, на овој новиот има повеќе траки, вкупно 16, од кои доста се и пократки, од околу 3 до 4 минути. Но, што се однесува до звукот, може да се каже дека овие два веќе спомнати албум на Sebby Kowal се комплементарни, односно, звукот се надоврзува и е сличен, како на постариот, така и на новиот албум. Ова е чиста дрон или амбиентална музика, на посмирената страна од звучниот спектрум. Има и интервју со овој артист, што може да се прочита од сајтот на Chitra Records. Ова е случај кога можам да кажам дека како да недостасува повеќе имагинативност во звукот, некако нема доволно фантазија, па се се претопува во некаква блага монотонија. Затоа оценката за ова издание ќе биде - 4/5.
7. Milieu - A trigram in ferric oxide (Machine Tribe Recordings; 2024) Со Брајан Грејнгер, кој е сопственик на лабелата Psoma Psi Phi, контактирав претходно, бидејќи тој за неговата лабела го издаде 5-тото (и во моментов последно) продолжение од компилациите со најдобри траки, од мојот колаборативен проект со Sound_00. Брајан Грејнгер прави и издава музика под неколку псевдоними, од кои јас го имам запаметено Milieu, и тој има навистина богата музичка продукција. Ова издание се состои од 3 подолги траки или композиции, секоја над 10 минути, а една (првата) е речиси половина час. Milieu прави навистина прекрасна музика, овој пат станува збор за, ако можам така да ја опишам, монолитна дрон музика. Ова е случај кога минимализмот не делува истрошено и веќе видено/слушнато, баш напротив, би рекол дека токму минимализмот во овие траки и додава посебен шарм и убавина на музиката. Звуците се крајно редуцирани, односно сведени на минимум движење и тоа е нешто што на мене лично во оваа музика особено ми се допаѓа. Зрачи и се шири атмосфера на мир и спокој од овие траки и од оваа музика. Длабока, душевно исполнувачка мирнотија се наоѓа внатре во ова место, заштитувајќи ги оние кои се наоѓаат овде од константната бука и метежот на надворешниот свет. Се на се - одлично издание! Оценка за изданието - 5/5.
8. Frans de Waard | Sindre Bjerga | Fabio Orsi - Counting backwards from infinity (Attenuation Circuit; 2024) Attenuation Circuit е лабела со која имам соработувано, во повеќе наврати и во повеќе прилики. Тие како лабела имаат издадено голем број од моите изданија. Но, овој пат станува збор за тројна колаборација, помеѓу тројца реномирани артисти, а тие се - Frans de Waard, Sindre Bjerga и Fabio Orsi. Frans de Waard е, секако, водечка сила и учесник на светската експериментална сцена. Со Sindre Bjerga имам едно мое колаборативно издание, а Fabio Orsi е веќе етаблиран италијански артист, за кого може да се каже дека ја постави Италија на мапата на светската експериментална и дрон сцена, со огромен број на негови изданија, што се појавија во изминатите 10-15 години... Мислам дека може да се каже дека уделот и учеството на сите тројца артисти се чувствува во звукот и во музиката на ова издание. Сепак, станува збор за дрон, во неговата рудиментирана форма, и по должината на траките (околу 12 ипол, околу 11 и околу 21 минута), и по самата соджина на звукот. Sindre Bjerga и Fabio Orsi биле дел од Brombron резиденцијата, настан што се случува во Нијмеген (Холандија) и таму се сретнале со Frans de Waard, во 2013-тата година. И сега, повеќе од една декада подоцна, лабелата Attenuation Circuit изјавува дека е многу среќна што може да го презентира резултатот од таа средба со овој албум пред јавноста. Нема сомнение дека овој звук ќе им се допадне и ќе ги освои сите фанатици за дрон, а оценката за албумот би била - 4/5.
9. Luis Antero & Toni Dimitrov - Memory (MiMi Records; 2024) MiMi Records е лабела што е засегната со издавање на јапонска и португалска музика. И двајцата овие артисти, Луис Антеро и Тони Димитров, се со екстензивни дискографии и со многу изданија потпишани со нивните имиња, а Луис Антеро доаѓа од Португалија, така што по таа линија и ова издание може да се вклопи во каталогот на MiMi Records. Тони Димитров го знаеме и по неколку други негови изданија што беа рецензирани тука, а тој во последно време е најмногу активен и како сопственик на неговата лабела Elan Vital Recordings. Луис Антеро е познат сигурно во последната декада по тоа што издава доста албуми и изданија што се во најголема мера врз база на теренски снимки или field recordings. Албумот ' Memory ' на Луис Антеро и Тони Димитров е составен од две подолги композиции, секоја нешто повеќе од 20 минути и тие се во основа базирани на теренски снимки, на пример од типот на она што го прави Крис Ватсон. Но за разлика од Крис Ватсон, кај кого теренските снимки се појасни (дали е до пософистицираната опрема со која располага или кој знае зошто), овој пат овие теренски снимки се за неколку нијанси погруби и поабразивни. Во секој случај, сигурен сум дека има фанови на ваков тип на field recordings, на кои ова може да им се допадне, а може да се каже дека сме го слушнале Тони Димитров и во поемотивна варијанта.
10. Dionisaf - Shibui (Chitra Records; 2024) Со музиката на Dionisaf сме се сретнале повеќе пати, на овие страници, и во повеќе наврати. Тој е сопственик на лабелата Chitra Records, каде што покрај своите албуми континуирано издава музика и од други артисти и тоа се секогаш албуми за кои лесно може да се каже дека потпаѓаат под дрон и амбиенталниот чадор. Истото може да се каже и за музиката на самиот Dionisaf, а тоа е исто така случај и со овој албум. Во релативно опскурното инфо за албумот, стои дека насловите на траките се врз база на различни полисемантички аспекти од јапонската естетика и култура. Девет траки го сочинуваат овој албум, секоја со времетраење од отприлика 4 до 5 минути, а понекогаш навистина може да се почувствува и слушне духот на јапонскиот сензибилитет, низ оваа дрон музика. Албумот е продуциран, измиксан и мастериран од самиот Дионис Афоничев (Дионисаф), а тој е исто така задолжен и за сликата и дизајнот на омотот. Овој артист има и албуми на кои има подолги траки, на пример повеќе од 30 минути, но можам да кажам дека од сите изданија на Дионисаф, кои се појавија по последните 2-3 години и кои имав прилика да ги преслушам, овој албум некако ми остави најпријатен впечаток. Звукот е смирувачки и soothing, а во траките, покрај електронските и атмосферични звуци, има и звуци од теренски снимки... Се на се, уште еден солиден чекор во дискографијата на Дионисаф, за која може да се каже дека се движи во добра и нагорна линија. Оценка за изданието - 4/5.
11. V. A. Gems and minerals (Chitra Records; 2024) Уште една компилација. Овој пат посветена на и инспирирана од минерали и драги камења. Можам да кажам дека дел од артистите, кои се дел од оваа компилација, инаку издание на Chitra Records, имаат и свои посебни албуми и изданија, како дел од каталогот на Chitra Records. Но, не можам да тврдам со сигурност дека баш сите имаат, но мислам дека не... Како и да е, некои од артистите ми се познати од претходно, некои не, а, на пример, со Dionisaf, кој е дел од оваа компилација и кој е воедно и сопственик на Chitra Records, имаме и една колаборативна трака, што се наоѓа на една друга компилација... Звукот на целата компилација е кохерентен, некако траките звучат слично, иако се од различни артисти. Но, што друго може да се очекува од дрон музика. По малку монотоно, по малку медитативно, а и за секоја трака посебно има опис на бендкамп страната на лабелата... Не можам да издвојам некоја посебна трака, но можам да спомнам дека како дел од компилацијата е и македонскиот артист Тони Димитров, со своја трака, која е воедно и најдолга трака (околу 13 минути) од целата компилација. Добар преглед и пресек за тоа што може да се очекува од артистите на Chitra Records, меѓу кои всушност сум и јас... Омотот е навистина фасцинантен и прекрасен и секако дека оваа компилација ја заслужува оценката - 4/5.
12. Time Being - Hidden Structures (Spotted Peccary Music; 2024) Прва средба со Time Being на овие страници. Ова е сигурно еден од подобрите дрон албуми што ги имам преслушано, во последно време. Позади Time Being е дуото составено од мултиинструменталистите Филип Вилкерсон (кој има и соло изданија) и Џоурдан Лејк. ' Hidden Structures ', издание на Spotted Peccary Music од 2024 година, е веќе четврти албум на визионерското електронско амбиент дуо Time Being, но ништо од претходните албуми јас немам преслушано, така што за мене ова е прва средба со музиката на Time Being. Албумот оддишува со една атмосфера на смиреност и спокој, ова е дрон музика во нејзината најесенцијална форма. Од квантни нано-светови до немапираните празнини на интергалактичкиот простор, ' Hidden Structures ' го води слушателот кон непознатите простори и се соочува исцело со величественоста на невиденото и неизмерливото. Оваа музика сигурно навлегува на некои подрачја што ги допираат просторите и на космичкиот амбиент, но во основа станува збор за инструментална музика, за која лесно може да се каже дека потпаѓа под амбиенталниот и дрон чадор. Девет траки го сочинуваат овој албум, секоја навистина извонредна во својата величественост, носејќи го слушателот до непознатите подрачја на космосот. Секогаш има и извесна доза на филозофска основа или рамка, кај ваквиот тип на дрон музика. Може да се каже дека секоја од траките е вешто и извонредно изведена и составена и секако дека албумот ја заслужува оценката - 5/5.
13. Wilfried Hanrath - Inter-Ference (Attenuation Circuit; 2024) Можам да кажам дека ова е нешто во кое тотално уживав. Изданието се состои од снимка од настап на Вилфрид Ханрат, со кого имам еден колаборативен албум, исто така издаден на CD-R од страна на германските Attenuation Circuit (иако ова е free download издание). Настапот е од 27 Јули, 2024, на фестивал во Германија, каде што артистот свирел на електрична гитара и ги испраќал сигналите од гитарата низ синџир од три дилеј педали и една реверб педала. Ова е снимка од неговиот перформанс, само што е само малку едитирана. Можам да кажам дека станува збор за чиста амбиент/дрон музика. Всушност, станува збор за една подолга трака од околу 40 минути, каде што Ханрат е кредитиран со гитари во живо и ефекти и каде што звуците или слоевите од звуци се прелеваат едни преку други и создаваат една смирувачка и кохерентна атмосфера. Преслушав и рецензирав тука и некои од другите понови изданија на Вилфрид Ханрат, но можам да кажам дека од сите тие ова е едно кое најмногу ми се допадна. Ништо особено ново или револуционерно под амбиент и дрон сонцата, но секако дека е вешто изведено, а и врз основа на мојата комуникација со овој артист, во однос на нашето колаборативно издание и како го создадовме, можам да кажам дека станува збор за искусен артист или ветеран на дрон сцената и секако дека ова издание ја заслужува оценката - 4/5.
14. V. A. r-e (Attenuation Circuit; 2024) Ова е компилација која ќе им се допадне на сите фанатици за дарк/дип амбиент, дрон и индастријал звук. Attenuation Circuit е лабела од Германија со која имам соработувано во повеќе наврати, тие имаат издадено голем број од моите изданија. Оваа лабела го организира ReFlexions фестивалот во Аугсбург, Германија, а пред неколку години почнаа да го издаваат и овој серијал на компилации, што оди како придружба на фестивалот и ова е во моментов најновата од тие компилации, од 2024 година. Иако мислам дека фестивалот веќе престана да се случува, но сепак лабелата продолжува да ги охрабрува овие колаборации помеѓу експерименталните артисти, така што овој пат на компилацијата има 5 траки, соработки помеѓу повеќе артисти и секоја од траките е подолга од 10 минути. Со некои од артистите од оваа компилација и јас сум соработувал, во различни прилики, како што се - Zumaia, Ања Крејсинг, Philippe Neau и Вилфрид Ханрат. Развлечени пасажи од долги и атмосферични звуци се прелеваат едни преку други, во комбинација со поекспериментални звуци, често во некаков индастријал и импровизациски манир, дрон и амбиент. You name it - we got it! И самиот правам и издавам ваков звук, така што можам да кажам дека тотално уживав во оваа компилација, иако не е ништо особено ново под индастријал, амбиент и дрон сонцата. Но, секако дека компилацијата ја заслужува оценката - 4/5.
15. Eiswerden - Tapkledu (Attenuation Effect; 2024) Позади псевдонимот Eiswerden се двајца артисти - Vilte Gustyte, кој е кредитиран со касетен снимач, am/fm радио, гитара и електронски алатки и Emerge или Саша Штедлмејер (од Аугсбург, Германија), кој на ова издание е кредитиран со виолина, ефекти, семплови, снимање, мастеринг и дизајн. Всушност, изданието е снимка од настап на ова дуо, од Јули, 2024 година, во Берлин. Сето тоа е издадено како free download, на Бендкамп страната на Attenuation Effect, што функционира како сестринска лабела на Attenuation Circuit, матичната лабела на Emerge. Што да се каже за ова издание?! Звучи, до некаде, како дрон импровизација, со оглед на тоа што звукот во текот на целата трака или целото издание е доста минималистички, односно станува збор за една трака со времетраење од речиси 23 минути (таман како за ЕП). Мислам дека може да се каже дека тука доаѓа до израз специфичниот и добро препознатлив пристап на Emerge, а тоа се колажни решенија во дизајнирањето на звукот. Се на се, ова издание остава добар впечаток, иако секако дека не е ништо ново или револуционерно под дрон сонцето, но го добивате она што веќе и можете да го очекувате од овие артисти, така што оценката за изданието ќе биде - 4/5.

No comments:

Post a Comment