Tuesday, November 19, 2024

; )

Не само што сум убав - туку сум и слаткоречив :)

Wednesday, November 13, 2024

Што читаше ‘ Мојот свет на окултизам ‘ во Ноември

- Низ лавиринтите на книжевното писмо – Ранко Младеноски Можам да кажам дека тотално уживав во оваа книга, Низ лавиринтите на книжевното писмо од Ранко Младеноски, кој е универзитетски професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Штип. Инаку, книгата е издадена за одличниот книжевен издавач Македоника Литера, кои долги години издаваат квалитетни книги, и од македонски автори и преводи. Оваа книга на Ранко Младеноски е поделена на 3 дела – Прозни книжевни лавиринти (кој ги содржи анализите на дела од – Петре М. Андреевски, Драги Михајловски, Михаил Булгаков, Венко Андоновски, Славчо Ковилоски, Ташко Георгиевски, Славко Јаневски, Петре Бакевски, Константин Миладинов, Стјепан Томаш, итн.); потоа – Поетски книжевни лавиринти (со анализи на дела од – Блаже Конески, Гане Тодоровски, Петре Бакевски и Елена Пренџова) и третиот дел – Книжевно-критички лавиринти (кадешто се поместени анализите на дела од – Георги Сталев, Радован П. Цветковски, Славчо Ковилоски, Игор Станојоски, Горан Калоѓера, Михаил Булгаков и Етгар Керет).
- Книжевни каталози – Марија Ѓорѓиева-Димова Марија Ѓорѓиева-Димова напишала солидна и успешна книга, уште една во низата на нејзиното творештво. Во оваа книга се наоѓаат есеи или теоретски текстови за дел од делата на некои македонски автори. Така, на пример, има текстови за – Стале Попов, Гоце Смилевски, Оливера Николова, Слободан Мицковиќ, Венко Андоновски, Митко Маџунков, Блаже Миневски, Драги Михајловски, Луан Старова, Горан Стефановски, Калина Малеска, Блаже Конески, Катица Ќулавкова, Владимир Јанковски, Петар Андоновски, Андреј Ал-Асади, Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски и Даниела Трајковска-Андоновска.

Monday, November 11, 2024

Tuesday, November 5, 2024

Топ 10 (без особен ред) изданија од 2024 - та. Препораки !! ++

1. N (109) / licht-ung - Ein unsichtbarer punkt (Attenuation Circuit; 2024) Колаборативно издание помеѓу артистите N и licht-ung, издадено на винил. Со N имам еден мој сплит, поточно тоа е сплит издание на кое се наоѓа една трака на N и една трака од мојот продолжителен колаборативен проект со Sound_00. Така што, остварив некоја комуникација со N, која течеше спонтано. N е, секако, водечки артист кога е во прашање поновата дрон сцена од Германија, а на ова издание тој е кредитиран со гитари, додека licht-ung е задолжен за виолините. Но, секако дека тие извори за звуци се потоа процесирани и преработени на сложени начини, за крајниот резултат да биде навистина префинета дрон музика. Кога е во прашање дрон звукот и музиката со повисоко ниво на продукција на звукот, може да се каже дека ова издание слободно и припаѓа на таа категорија и спаѓа во таа фиока. Ова се, навистина, величествени дронови, што можеби најмногу доаѓа до израз во последната, речиси 19-минутна трака - ' pass auf / mich ' - кадешто драматиката на дејствието и емотивната обоеност на звукот најмногу доаѓаат до израз. Веќе на друго место имам кажано дека сум сакер за дрон, така што можам да кажам дека ова издание тотално ги исполни моите очекувања и секако дека ја заслужува оценката - 5/5.
2. V. A. THING (Attenuation Circuit; 2024) Да живеевме во Латинска Америка, со мајка како мојата (Бог да ја прости) - можеби ќе бев Борхес (со оглед на тоа што работам како библиотекар). Ама, јебеш - Македонија. И јас сум дел од едно од претходните изданија на овој серијал - ' THING ' - на лабелата Attenuation Circuit, која на овие изданија со ист наслов спојува 4 различни артисти, со цел да се промовираат меѓу себе и да дознаат едни за други или барем да се прошири свеста за нив во нивните мрежи на дејствување... Овој пат - темата е ноиз. Или - харш ноиз, да бидеме попрецизни. Можеби тоа најмногу доаѓа до израз во траката на Gehirn. Implosion, која е пропер ноиз парче, но доаѓа до израз исто така и во другите траки. Сите од траките на ова издание се подолги, секоја повеќе од 10 минути и мислам дека ќе ги задоволат сите оние фанатици за ноиз. Мене ми дојде како катарза, иако ова е ноиз на повеќе lo-fi страната на звучниот спектрум, а и јас не сум до толку сакер за ноиз, јас сум сакер за дрон, нели, но сепак добро ми дојде ова ресетирање на сивите клетки во мозокот со овие 4 траки, а и можам да и посакам на лабелата да продолжи да промовира нови имиња од експерименталната сцена преку овие изданија, од кои ова е 7-мо по ред, но да видиме што ќе ни донесат и следните.
3. Philippe Neau - Terres sonores (Mahorka; 2024) Со францускиот артист Philippe Neau имам еден мој колаборативен албум, за кој можам да кажам дека звучи до некаде слично како и овој негов нов соло, самостоен албум, кој е издаден за бугарските Mahorka. Во описот стои дека Philippe Neau е задолжен за музиката, мастеринг и слики, а има и уште еден краток текст / опис, кадешто се говори за поврзаноста помеѓу екстериерот и внатрешноста, микс помеѓу теренски снимки и повеќе "мелодични" звуци... Ви звучи познато? Па да, тоа се главните состојки на денес, веќе, излитениот термин - дрон музика. Со тоа што, ако се направи споредба помеѓу овој албум и, на пример, во сличниот дрон стил остварените албуми на Dionisaf, може да се забележи дека кај Dionisaf звукот е некако повеќе полн, додека во овој случај, иако е сепак дрон звук и музика, ја нема таа длабочина на изразот... Сепак, ова е еден од оние артисти, какви што се појавија во последните 10-тина години, кој ја промовира и применува таа дрон естетика во својот звук, а, колку што ми е познато, истиот овој артист - Philippe Neau, покрај со звук и музика, се има изразено и со некои негови визуелни дела, односно има насликано и некои слики... Покрај толку голема продукција на дрон музика денес, од која еден дел е прилично lo-fi и опскурна, додека друг дел е со повисоко ниво на продукција, може да се заклучи дека за овој албум сепак ќе одговара оценката - 3/5.
4. Emerge - Mirage (Attenuation Effect; 2024) Можам да се присетам што ми рече еднаш тетка ми од Србија - Па то ти тако мало доџе... Мислам дека во моментов со ништо не би можел повеќе да се согласам... Ново издание на Emerge Aka Саша Штедлмејер, артист со кого имам соработувано во повеќе прилики, и како колаборација на музичко издание, и тој во улога на издавач, бидејќи тој е сопственик на прочуената лабела од Аугсбург (Германија) - Attenuation Circuit (за која има издадено повеќе од моите соработки на CD-R формат, но со прекрасни омоти), а исто така и на оваа лабела - Attenuation Effect, за која, колку што ми е познато, издава негови изданија... Сме се сретнале повеќе пати со Emerge на овие страници, така што во повеќе прилики сум го опишувал неговиот звук, а тоа се најчесто звучни колажи, што е случај и со ова издание, кое е составено од една компизиција, со времетраење од околу 1 час. Pure drone (погодивте!). Јас сум, нели, сакер за дрон, така што тотално уживав да го пуштам ова издание и звукот да се разлее во просторијата... Emerge е кредитиран со - звучно рециклирање, композиција, мастеринг и дизајн. Всушност, ова издание и претходно, во 2012 година, било издадено за Treetrunk Records, но сега е ремастерирано и повторно издадено. Како што стои во описот на изданието (нешто што имам приметено дека Emerge го нагласува во последно време) - EMERGE is also & always der Bund des dritten Auges. Проверете го и неговиот проект - Budda. Одлични звуци!
5. Grosso Gadgetto - Vicious circle (Kalamine Records; 2024) Од овој албум на Grosso Gadgetto го добив тоа што и го очекував, имајќи предвид дека имам преслушано и некои од неговите претходни изданија. Звукот и музиката на Grosso Gadgetto не е дрон, од типот на тоа што во тој стил го прави Dionisaf, на пример, иако сепак станува збор за музика која е во голема мера базирана на атмосфери и атмосферични звуци. Но, со таа разлика што кај Grosso Gadgetto во траките често пати има и некакви полабави ритмични структури, своевидни џези влијанија, потоа влијанија од IDM естетиката, може да се каже, итн. Во краткиот опис за изданието стои дека музиката е продуцирана, снимена и интерпретирана од Grosso Gadgetto или Гонзалез Кристијан, а има и линк до неговата бендкамп страна. Што друго да се каже за ова издание?! Своевиден саундтрак или позадинска музика за некое постапокалиптично расположение, музика која по многу што често наликува и на саундтрак или како филмска музика... Kalamine Records е лабела од Франција, со чиј сопственик, кој прави музика под името Zumaia, имам контактирано повеќе пати, бидејќи тој за оваа негова лабела има издадено неколку мои изданија, па од таму почнав и да го следам, а со него имаме и едно колаборативно издание, кое е повеќе атмосферично или како амбиент индастријал, а видео за тоа издание може да се погледне и на YouTube... Дефинитивно ова издание на Grosso Gadgetto за Kalamine Records од 2024 година не е ништо особено ново под амбиент и индастријал сонцата, но може да се каже дека ја заслужува оценката - 4/5.
6. Dvory & July in January - Warm hands (Chitra Records; 2024) Двајца нови артисти за мене, на овие страници - едниот е Dvory, а другиот создава музика под името July in January и ова е нивен колаборативен албум, кој јас го преслушав во целост и секако дека спаѓа во категоријата и стилот на дрон звук и музика, а тоа може да се очекува, бидејќи е издание на лабелата Chitra Records. Поточно, за артистите (преземено од описот на изданието) - July in January е топол дрон / амбиент проект на Георги Орлов-Давидовски од Москва, додека Dvory е колектив на Антип Суратов и Владимир Сапунов, кои се оригинално базирани во Твер. За July in January се карактеристични измазнети мелодични елементи, текстури, теренски снимки и тивки ритмови, додека музиката на Dvory е суптилна комбинација од гитари, ефекти и трумпет, што создава расположение на некаква меланхолија како дарк џез. Но, сето тоа е можеби точно кога е во прашање нивната самостојна музика, додека на овој колаборативен албум, може да се каже дека, сепак, доминираат тивките амбиент и дрон стилови и елементи. Сето тоа е обвиткано со палета од хармонии и мелодии во комбинација со соновна естетика или контемплативен амбиент создаден со помош на вокали, синтисајзери, теренски снимки и гитара. Сепак, станува збор за електронска музика, ништо посебно ново под амбиент и дрон сонцата и секако дека албумот ја заслужува оценката - 4/5.
7. Ashot Danielyan - Source (Chitra Records; 2024) Сега ме има отприлика на ист број сликички на Интернет, како и Димитрие Дурацовски... Да видиме како ќе се развијат наредните 10-15 години... Chitra Records е, секако, поим за лабела кога е во прашање дрон звукот и ова е уште еден дрон / амбиент албум, како издание на Chitra Records. Прва средба за мене со овој артист, а исто така и прва средба со артистот на овие страници. Ашот Даниељан, како што стои во описот, е композитор чии дела биле вклучени во филмови, достигнале и до плејлистите и биле преслушани милион пати низ светот. Конкретно за овој албум, ' Source ' е промислувачки, атмосферичен и интроспективен, музика со длабоки амбиентални саундскејпови. На албумот можете да слушнете тажни, но истовремено и соновни музички структури. Со тоа што, во овој случај, овој дрон звук на моменти се доближува и до некои синематични територии. Можам да кажам, од моето искуство со албумот, дека, иако секако е дрон, сепак ова е музика на поминималната страна од звучниот спектрум. Ашот Даниељан е страстен во врска со опсервирањето на природата и истражувањето на темите за универзумот, сето од коешто се рефлектира во неговата музика. Ништо особено ново и револуционерно под дрон сонцето, мора да се признае, но секако дека е добро и вешто изведено и секако дека албумот ја заслужува оценката - 4/5.
8. Craig Padilla & Zero Ohms - To sleep on stellar winds (Spotted Peccary Music; 2024) Кон лабелата Spotted Peccary Music целам да го издадат 6-тото продолжение од компилациите со најдобри траки, од мојот колаборативен проект со Sound_00. Изданието е спремно, треба да се прати на лабелата, па да видиме како ќе оди... Spotted Peccary Music, во последно време, колку што следам, издаваат квалитетни амбиент и дрон албуми, кои често имаат и своевидни трајбл елементи. Тоа е случајот и со овој албум, иако ова е еден од случаите кои најмногу ми одговараат и најмногу ми се допаѓаат, барем кога е овој стил на музика во прашање, а тоа е кога тие трајбл елементи се сведени на минимум, а воедно музиката е некоја форма на спејс амбиент или дрон. Можам да кажам дека овој албум добро ми легна, иако ова е моја прва средба, а воедно и прва средба со овие артисти, Craig Padilla и Zero Ohms, на овие страници, и тоа е средба со овој нивен колаборативен албум. Прес текстот или описот говори за некакви космички тематики, Berlin-school брилијантност и што ли уште не... Знаете - вообичаените тематики кога е дрон звукот во прашање. Иако има и други инструменти, за Craig Padilla најкарактеристичен е модуларниот синтисајзер, додека за Zero Ohms се специфични флејтите, така што на овој албум се добива некаква суптилна електро-акустична комбинација на звукот, што секако дека му додава посебна длабочина на изданието. Оценка за изданието - 4/5.
9. Chris Hill & Matt Atkins - Meanderable (Grisaille; 2024) Мултитаскинг ет хоум! Се вари кафе, ја читам книгата ' Во дијалог со негативната репрезентација ' од Славица Србиновска и го слушам ова издание - ' Meanderable ', колаборација помеѓу артистите Крис Хил и Мет Аткинс. Ова е едно солидно издание, за кое сигурно може да се каже дека спаѓа во дрон категоријата и стилот, иако на моменти често пати наликува и на оние форми на импровизирана музика или импровизација. Крис Хил е кредитиран со - озвучено укулеле, тенор рекордер, касети, педали и фантоми (што тоа и да значи), додека Мет Аткинс е кредитиран со - предмети, музичка кутија, касети, лупер и педали. Како што се развива ова издание, се повеќе добива форма на импровизирана музика, а тоа сигурно се должи особено на присуството на акустиката, која и дава посебна димензија и длабочина на оваа музика, секако во комбинација со електрониката. Ова е моја прва средба со овие артисти, иако за истата оваа лабела и јас имам изданија, така што можам да кажам дека се прилично експедитивни во однос на издавањето и моето искуство со овој издавач е крајно позитивно. Ништо особено ново и револуционерно под амбиент, дрон и импров сонцата, но секако дека е добро и вешто изведено и секако дека ова издание ја заслужува оценката - 4/5.
10. B*Tong & Claus Poulsen - A study in motion (Krater Recordings; 2024) Имам впечаток како моите рецензии да започнуваат да наликуваат на книгите на Славица Србиновска... На долго и на широко... Како и да е, да се фокусираме на рецензирање и на ова издание, а тоа е колаборација помеѓу двајца артисти, а тие се - Клаус Поулсен (со кого имам еден мој солиден колаборативен албум) и B*Tong. Можам да кажам дека ова е еден сосема солиден дрон албум, кој отскокнува од вообичаената понуда на lo-fi дрон, бидејќи и двајцата овие артисти знаат како да му дадат посебен (дарк) твист на овој дрон звук. Албумот е составен од 5 траки / композиции, од кои 2 се релативно подолги, околу 10 минути. Но, без разлика на времетраењето, сите овие траки се како дијаманти на дрон или дарк амбиент музиката. Во Септември, 2023 година, Клаус Поулсен и Крис Сигдел (Ака B*Tong) се сретнале во Копенхаген и снимиле 3 спонтани сесии, кои испаднале толку добри што било одлучено Клаус да ги измикса. Или барем така стои во описот на изданието. ' A study in motion ' ги спојува заедно талентите на данскиот музичар Клаус Поулсен и во Шведска родениот саунд артист B*Tong и резултира во волшебно слушачко искуство од помрачната страна. Не треба да спомнуваме дека дизајнот на омотот е тотално фантастичен! Оценка за изданието - 5/5.