Monday, November 3, 2025

Топ 10 (без особен ред) изданија од 2025 - та. Препораки !!

1. Adrian Lane - Desire Paths (Chitra Records; 2025) Еден пропер дрон и амбиент албум - ' Desire Paths ' на Адријан Лејн. Издание на Читра, од Февруари, 2025. Искрено, веќе не ми ни текнува дали и претходно сме се сретнале со некое од претходните изданија на овој артист, Адријан Лејн, на овие страници. Но, мислам дека да. Како и да е, изданијата на Читра доаѓаат во навистина пропер и прекрасни омоти и дизајни, а тоа е случајот и со ова издание. На овој албум, Адријан продолжува во своето истражување на звуците добиени од касети во комбинација со пијано и винтиџ синтисајзери. Микро-касета диктафонот се користи за да се создадат звуци кои евоцираат носталгија и меланхолија. Иако користи слични почетни точки со неговиот последен албум на Читра, овој албум е помрачен во расположението, рефлектирајќи извесни ситуации во светот денес. Албумот е продуциран и миксан од Адријан Лејн, додека за мастерингот е задолжен Дионис Афоничев (Или - Дионисаф). Ова е навистина еден солиден и пропер дрон албум, кој беше вистинско задоволство и уживање да се преслуша, иако албумот не отскокнува по ништо особено во однос на она што е вообичаено денес под дрон и амбиент сонцата. Развлечени атмосферични и амбиентални звуци, повеќе споеви од звуци, во комбинација со звуците од пијаното - ја формираат соновната и левитирачка естетика на ова издание. Сите основни состојки на дрон музиката се тука, а и должината на траките е соодветна, никоја подолга од 6 минути. Насловите на траките, секако, ја додаваат филозофската рамка на албумот и на музиката - нешто што е стандард и вообичаено за овој вид на дрон звук и музика. Се на се - солидно издание и секако дека ова издание на Адријан Лејн ја заслужува оценката - 4/5.
2. Grosso Gadgetto & Jon Shuemaker - Emotional abstraction (Kalamine Records; 2025) Сме се сретнале и претходно со Гросо Гаџето, на овие страници, а ова е колаборативен албум помеѓу него и Џон Шумакер. За соло изданијата на Гросо Гаџето се карактеристични лабави ритмични структури и решенија во траките, додека за овој колаборативен албум, со оглед на тоа што Џон Шумакер е задолжен за, односно, кредитиран со лирики и вокали, истите тие ритмични решенија и структури се прилагодени на songwriting контекст. Само една трака, насловната, од овој албум е инструментална, додека во сите други е застапен вокалот на Џон Шумакер, кој ги пее текстовите. Што значи, малку отклонување од вообичаената понуда на амбиент / дрон и ноиз, кои се најкарактеристични стилови на овие страници. Но, овој албум ми дојде како многу добро освежување. Ниту една од траките не се издвојува со некаква мелодија што е лесна за памтење, некако сите се воедначени и усогласени меѓу себе, што пак му додава едно кохерентво својство и атмосфера на албумот како целина. Не може да се каже дека ова е кој знае што, во однос и во споредба со други бендови кои прават поп песни, но сепак овие траки се сосема издржани, секако, инаку и самиот издавач Kalamine Records не би се нафатил да го издаде изданието. Оценката за ова издание би била - 4/5.
3. Christian Fiesel - I never belong but I always knew where I was home (Kalamine Records; 2025) Kalamine Records е лабела за која и јас имам некои мои изданија. Со Кристијан Фисел сме се сретнале и претходно на овие страници. И како и претходниот пат, со претходното издание, и тука повторно се среќаваме и сме соочени со емотивно обоени дронови, со тоа што овој пат, на ова издание, има 4 подолги траки или композиции, со времетраење од околу 18, односно другите околу 20 минути. Слоеви и слоеви од звуци се прелеваат едни преку други во оваа таписерија од звуци, што го сочинува ова ново издание на Кристијан Фисел, што секако е карактеристика на дрон музиката и естетиката, а што се однесува до изворите на звуците или како се тие создадени, на моменти делува како да доаѓаат звуците од гитара (со ефекти) и синтисајзери (ова е само претпоставка), но во краен случај тоа и не е толку битно. Побитен е крајниот резултат, а тоа во овој случај е навистина солидна и издржана дрон музика. Не дека не сме слушнале и подлабока и пософистицирана музика во овој стил, бидејќи има артисти кои овој дрон звук го креираат со повисоко ниво на продукција, но стилски овој албум е навистина солиден. Ништо особено ново и револуционерно под амбиент и дрон сонцата, но траките или композициите со создадени со грижа и внимателно, а и се поретко се случува да добиете или наидете и на емотивен ефект или подлога во овој тип на музика, така што можам да кажам дека овој албум ги задоволи моите критериуми за солидан албум и секако дека изданието ја заслужува оценката - 4/5.
4. Grosso Gadgetto + Brainquake - Distorted planet (Mahorka; 2025) Прв колаборативен албум на Grosso Gadgetto и Brainquake! Сме се сретнале со овие имиња и претходно, на овие страници... Grosso Gadgetto е Кристијан Гонзалез, за кого е карактеристичен интригантен спој од амбиент, хип-хоп, индастријал и експериментални звуци. Додека позади проектот Brainquake стои Марк Сеулеманс, кој доаѓа од Белгија и неговиот проект е истражување на експериментален звучен дизајн, спојувајќи ја електронската музика со авангардни влијанија. Ова е инструментален албум, кој го голема мера е ритмично структуриран, односно најголемиот дел од траките се ритмични, но исто така и со атмосферични влијанија и елементи, нешто што наликува на IDM, но овој пат за нијанса поабразивно, што може да се каже дека се должи на индастријал влијанијата врз овие артисти. Ниту една од траките не отскокнува, туку сите формираат една кохерентна и воедначена целина, што може да се каже дека е добрата страна на овој албум. ' Distorted planet ', деби албумот на овие артисти, е мрачно, емотивно патување низ изопачениот свет. Овој прв албум допира до мрачни, емоционални пејзажи со влијанија од амбиент техно од 90-тите, обојувајќи ги траките во воздушести, вознемирувачки тонови кои евоцираат чувство на неудобност и контемплација. Тоа би бил отприлика описот за ова издание, ништо особено ново под IDM, индастријал и амбиент сонцата, но секако дека е изведено со умешност и стил и секако дека ова издание ја заслужува оценката - 4/5.
5. Ajna - Algol (Winter-Light; 2025) Изданијата на лабелата Winter-Light (лабела за која и јас имам едно мое издание) доаѓаат во прекрасни и фантастични омоти. Па, тоа е случајот и со ова издание на Ajna. Ajna е име со кое сум се сретнал и кое сум го среќавал, тук-таму, низ годините. И секако - Ajna прави дрон музика! Како што стои во описот на изданието, станува збор за нов студиски двоен/дупли албум на Крис Ф - мастермајндот позади Ajna. Во астрономијата, Algol е позната како светлата ѕвезда во соѕвездието Персеус, исто така позната и како 'Демон Ѕвездата' или 'The Ghoul'. Сепак, Алгол има целосно различно значење во окултен констекст. Според 'Beyond the Mauve Zone' на Кенет Грант, Алгол се смета за една форма на возвишена свесност помеѓу земјените и надземните димензии, пристап до непознати, вонземски подрачја длабоко во универзумот. Овој албум се фокусира на мистеријата позади дуалниот концепт за Алгол. Секако, штом е дрон музика мора таа да биде сместена и во некаква филозофска или, како што е случајот овој пат, окултна или езотерична рамка. Ова е навистина еден прекрасен албум, движејќи се сигурно во подрачјето на дрон музика, со релативно пократки траки (од 4-ипол до 7-ипол минути), но затоа ги има повеќе, односно, албумот е составен од вкупно 16 теми. Сето тоа е снимено, компонирано и продуцирано од Крис Ф, со тоа што има и дополнителен мастеринг на звукот. Лично овој албум ми се допадна и можам да кажам дека остава пријатен впечаток. Можеби ништо ново под дрон и амбиенталните сонца, но секако дека е вешто и солидно изведено и секако дека албумот ја заслужува оценката - 4/5.
6. Deison / Cranioclast - Cold Star: A Noise Inc. (Silentes; 2025) Македонската современа книжевна и воопшто културна сцена може да се подели на 2 дела - оние кои се со натпросечна интелигенција и оние кои се со потпросечна интелигенција. Мене ме контактираат само оние кои се со натпросечна интелигенција! Како и да е, да видиме што имаме тука, а тоа е оваа колаборација помеѓу двајца артисти, а тие се - Deison и Cranioclast. За Deison знам дека е плоден артист, со многу изданија, во една прилика дури направив и обид да снимиме колаборација, но од тоа за сега ништо не се случи, а верувам дека и за двајцата овие артисти важи дека се, што би се рекло - prolific artists. Ова е една солидна колаборација помеѓу Deison и Cranioclast, што е во доста минималистички манир, што мислам дека може да се каже и за соло изданијата на Deison. Продукцијата на ова издание само помага истото да вибрира на границата помеѓу дрон и ноиз, сето тоа во доста минималистички манир. Траките се со различно времетраење, а може да се каже дека сепак ова е дрон на помрачната страна на тој музички стил, слоевите од звуци се прелеваат со една метална и студена димензија, дури на моменти наликува и како саундтрак за некој трилер или хорор филм. Албумот е спакуван во еден пропер омот, чиј дизајн тотално соодветствува на стилот на музиката и секако дека претставува добро претставување на естетиката на лабелата Silentes. Звуците се исполирани до перфекција, ова е навистина величествена дрон музика и сето тоа завршува со една последна епска трака од речиси половина час, како совршен крај за изданието. Оценка за изданието - 5/5.
7. Fabio Orsi / Massimo Amato - Desert Smell (Silentes; 2025) Две нешта ми паѓаат на памет кога ќе ми текне на - Марија Пијанманова. Прво - никако не можам да запамтам како точно и е презимето, дали Пијанманова или Пијанманов. Очигледно е - Пијанманов (без а на крај). И второ - на времето Марија Пијанманов изјавуваше - The world is mine! Сега на нејзиниот Инстаграм профил пишува - I'm the king! Како и да е, да се фокусираме на рецензирање на ова издание, а тоа е колаборативно издание помеѓу артистите - Фабио Орси и Масимо Амато. Описот за изданието од лабелата говори за вариран и екстремно уживачки калеидоскоп од звуци и атмосфери како за артистичка средба на одлична ефективност и сугестија. Масимо Амато е кредитиран со - синтисајзери, пијано и булбул таранг. Додека Фабио Орси е кредитиран со - секвенцери и синтисајзери. Описот за изданието би бил дека звуците едноставно се прелеваат едни преку други, кадешто се чини дека конформизмот го зазема местото и просторот за сметка на експериментот. Ова е навистина феноменална и одлична дрон музика, се е совршено исполирано и беспрекорно изведено, со една забелешка дека повеќе експерименталност во звукот секако дека не би му нештетило на изданието во целина. Со оглед на тоа што имам преслушано и други (подобри) изданија од Фабио Орси, можам да кажам дека очекував повеќе од ова издание, очекував повеќе edgy звук или звук на работ на апстракцијата, додека стилски овој звук повеќе е наклонет кон мелодичен амбиент. Ништо особено ново под амбиент и дрон сонцата, но секако дека сето тоа е вешто и умешно изведено и секако дека изданието ја заслужува оценката - 4/5.
8. Emerge - Weld (Attenuation Effect; 2025) Да видиме што имаме тука... Станува збор за две композиции од Emerge, со времетраење едната од околу половина час, а втората околу 20 минути. Истото ова издание (според информациите од страната на изданието) било издадено во 2013 година, од страна на Sirona-Records, но ремастерирано е во 2024 година и во оваа 2025 година е повторно изданено, но овој пат за Attenuation Effect, што, како што имам спомнато и претходно, функционира како сестринска или саб-лабела на Attenuation Circuit, со тоа што за Attenuation Effect, сопственикот и на двете лабели - Emerge издава негови самостојни изданија и негови колаборации. Саша Штедлмејер или Emerge е прилично релаксиран тип - во што сум имал прилика да се уверам во многуте пати кога сме соработувале, а тоа било најчесто кога тој бил во улога на мој издавач, бидејќи и за двете овие лабели имам издадено многу од моите сопствени изданија... Можам да кажам дека мене лично ми се допаѓа ова што Emerge го прави и издава како звук, а тоа се најчесто дронови, па тоа е случајот и со ова издание... Emerge е кредитиран со - звучно рециклирање, композиција, ремастеринг, слики и дизајн, а што се однесува до звукот тоа се добро познатите колажни дронови или саундскејпови на Emerge. Повеќе слоеви од звуци се претопуваат и прелеваат едни преку други, звуци кои се третирани со ефекти, што влијаат врз тоа да има и минимални промени во звуците, кои пак се протегаат низ траките во форма на лупови... Ништо особено ново под дрон и амбиенталните сонца, но ако сте сакер за дрон како мене, оваа музика може многу добро да ви дојде како позадина додека читате некоја добра книга... Оценка за изданието - 4/5. И секако - EMERGE is also & always der Bund des dritten Auges!
9. V. A. Droneuary 2025 (Silber Records; 2025) Дроновите доаѓаат во различни форми. Се чини како секоја лабела посебно, од оние кои се наклонети кон издавање на дрон музика, да има тенденција да создаде своја посебна дрон естетика. На пример, не може ова што го издаваат Silber Records да се спореди со она што го издава лабелата Dronarivm. Dronarivm целиот тој дрон звук и целата таа дрон естетика ја носат неколку нивоа погоре и повисоко. Тоа се навистина софистицирани дронови. Но, естетиката на секоја дрон лабела посебно си има и свој посебен шарм. Овој пат сме соочени со новото продолжение од овие компилации на Silber Records - овој пат со наслов ' Droneuary 2025 '. Имено, пресек од она што е, според оваа лабела, најрелевантно и најмногу го заслужува вниманието, од актуелната продукција на дрон звук. Може да се каже дека ова е една навистина кохерентна и избалансирана компилација, со за мене доста нови имиња, но, со некои од артистите сум се сретнал и претходно, како што се - Scott Lawlor (со кого имам некои мои колаборации), Drekka (кои создаваат навистина величествени дронови) и Carl Kruger. Ова се дронови повеќе на space ambient страната на звучниот спектрум, едноставно музика која предизвикува лебдечки и левитирачки атмосфери и расположенија. Сега сме 2025 и ова е 7-мото продолжение на ' Droneuary ' - стои во описот на изданието. Исто така и - 32 траки; Никогаш нема да престанеме! И јас и посакувам на оваа лабела никогаш да не престанат да ги издаваат овие ' Droneuary ' компилации - со и преку кои единствено докажуваат дека дрон сцената, ширум светот, е прилично вибрантна и витална и станува збор за артисти кои се уште имаат што да кажат. Прекрасно изведено! Оценка за изданието - 4/5.
10. Philippe Neau & Antonella Eye Porcelluzzi - Elephant (Attenuation Circuit; 2025) Со Philippe Neau имаме едно колаборативно издание, кое го издадоа Mahorka, пред неколку години. Овој пат овој француски артист соработува со Antonella Eye Porcelluzzi (претходно застапена на овие страници), која во дел од траките на ова издание е, очигледно, застапена со вокал или глас, но тоа е изведено на доста експериментален начин. Траките се доста кратки и во основа претставуваат стил кој може да се одреди како минималистички импров-амбиент. Повторно, како и на моето колаборативно издание со овој француски артист, соочени сме со метални структури во звукот, односно некој вид на индастријал-амбиент кој до некаде може да потпадне и во дрон стилот, само што овој пат акцентот во звукот не е толку на атмосферите, туку повеќе наликува на импровизациски пристап. Можам да кажам дека на мене овој звук ми се допаѓа и ќе завршиме со цитат од Antonella Eye Porcelluzzi (кој го придружува изданието) - "Ние сме слоновите, суштествата, луѓето, егзистенцијалниот плач, прифаќањето на животот и на неговата борба дури и кога коректно ги изјавуваме и изразуваме нашите потреби, ние сме навистина стабилно преплавени, преплавени од нашите чувства и од чувствата на другите, тие всушност го одредуваат патот на општеството од кое сме дел."

No comments:

Post a Comment