Wednesday, June 15, 2022
Во потрага по П. Д. Успенски (генијот во сенката на Ѓурџиев) – Гери Лахман ( мој превод ) ( !! ) . . .
Се исплатеше трудот !!! :)))
Како издание на Газета, излезе од печат мојот превод на книгата ' Во потрага по П. Д. Успенски (генијот во сенката на Ѓурџиев) ' од американскиот современ езотеричен автор Гери Лахман (некогашен басист на групата Блонди). Книгата може да се најде, набави и купи од некои од книжарниците во Скопје (Полица, Или-Или и Антолог) и истата, покрај поблиското доловување и претставување на личноста и делото на рускиот езотерик (или езотеричен автор) Пјотр Демјанович Успенски и неговиот специфичен однос со и кон духовниот мастер Ѓурџиев (за којшто однос Лахман вели дека е една од најмистериозните приказни од нашата релативно понова историја и е од типот на односите помеѓу Карлос Кастанеда и Дон Хуан или уште посоодветно – Мефистофел и Фауст), претставува и добар информатор за општите езотерични / окултистички и воопшто духовни текови, струења и движења од 19-тиот и почетокот односно првата половина од 20-тиот век, како и нивната поврзаност со дел од книжевно-уметничката литература и правци или стилски формации, како што се симболизмот и романтизмот. На пример, тоа е случај кога се вели дека делата (со езотерична природа) од шведскиот филозоф и мистик Емануел Свиденборг влијаеле врз тоа поетот Бодлер да го изгради својот филозофско-поетички систем, а од друга страна, пак, Јакоб Беме со своите дела има извршено влијание врз Свиденборг, итн.
Оваа книга комуницира со читателот на врвно интелектуално ниво, а воедно е лесно разбирлива и длабока. Тотално уживав во целиот процес и тек на преведувањето (што го доживеав како убава ментална или метафизичка игра) и можете само да се згранете од тоа во одредени моменти кои висини на свеста ги достигнува и какви се нови филозофски хоризонти отвора и разоткрива книгата.
Ова дело на Гери Лахман може да биде поттик за љубопитните и добронамерните да посегнат и по оригиналните дела на Успенски – ' Тертиум Органум ', ' Во потрага по чудесното ', ' Нов модел на универзумот ' и други, кои самите по себе претставуваат богатство на идеи од езотерично-филозофска природа (или езотерична филозофија од врвен ранг, пар екселанс).
Благодарност до Норик Селими што ми излезе во пресрет во врска со издавањето на оваа книга. На некој начин, преку ова издание и оваа соработка, прославивме, крунисавме и заокруживме барем еден дел, фаза или период од нашето познанство.
П. С.
Мојот амбиентален / дрон албум посветен на и инспириран од содржината на книгата ' Во потрага по чудесното ' од П. Д. Успенски, може да се погледне и преслуша од страната на англиската езотерично и експериментално обоена музичка издавачка куќа - Throne Of Bael Records.
( . . . ) . . .
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment