Tuesday, March 4, 2025

Топ 10 (без особен ред) изданија од 2025 - та. Препораки !! ++

1. V. A. Noise Factory 2023 "pfand-klang" (Attenuation Circuit; 2025) Никогаш не сум излегол во Ла Кања. (Поточно, бев еднаш во старото Ла Кања, на концерт на Mohammad. Супер беше! Со Никос Велиотис, кој е дел од проектот Mohammad, имаме едно колаборативно ЕП.) Како што Комаја е збирштина од морлоци, така Ла Кања е збирштина од шушљупци! Како и да е, да се фокусираме на рецензирање на ова ново издание, а тоа е оваа компилација со наслов ' Noise Factory 2023 "pfand-klang" ', прво издание на лабелата Attenuation Circuit во новата година, поточно издадено на 2-ри Јануари, 2025. Но, ова не е типична компилација, бидејќи всушност станува збор за воркшоп или работилница, со наслов - Noise Factory - која се случува повеќе години по ред, ова се снимки од 2023 година, издадени се во 2025, а на работилницата учествувале - Кристоф Хамер, Арне Хејш, Ејке Канцер, Волфганг Невен, Саша Штедлмејер и Хенинг Андре Вос. Сите траки се соработки помеѓу тие артисти, повеќето се подолги (повеќе од 10 минути), а две се околу половина час. Со оглед на тоа што сопственикот на лабелата, Саша Штедлмејер (кого го знаеме и како Emerge), е вклучен во овие траки и во оваа музика, може да се каже дека оваа музика не е идентична со колажните форми на Emerge, но исто така не е ниту харш ноиз (како проектот Exedo, на Emerge, на пример). Веројатно е фер да се каже дека ова е ноиз на поминималната страна на звучниот спектар, односно штом веќе самите артисти го именуваат ова издание (и работилницата) како - Ноиз Фабрика - тогаш нека им биде дека е сепак ноиз, но сепак е крајно минималистички ноиз... Добар пресек за тоа како изгледаат и звучат овие работилници и оценката за изданието би била - 4/5.
2. Substak + Signalstoerung - Low (Mahorka; 2025) Направив 6 години стаж како библиотекар и веќе ја терам 7-мата, јај! Како и да е, да се фокусираме на оваа рецензија за ова издание, а тоа е овој прв колаборативен албум со наслов ' Low ', кој е заедничко дело на артистите - Substak, кој доаѓа од Атина (Грција) и Signalstoerung, кој доаѓа од Лајпциг (Германија). Како што е и самиот наслов на изданието, што претставува добар опис за звукот на албумот, ова е крајно минималистичка музика, на самото дно на звучниот спектар. И двајцата артисти ги истражуваат длабочините и вариететите на ниските фреквенции. Со минималистички пристап од двете страни, овие 8 траки (од кои 7 се колаборации, а последната е соло трака на Substak) станаа сонично длабок, бавен и мрачен микс од атмосфери, што најдобро може да се слушнат со слушалки. Или со други зборови - тоа е албум што наjдобро може да се опише преку и со математички формули, отколку со помош на несовршениот човечки јазик. Како и да е, ако има саундтрак за машини кои патуваат помеѓу ѕвездените системи, ова ќе биде тоа. Сепак, стилски ова е музика и звук за кои со сигурност може да се каже дека потпаѓаат под дрон и амбиенталниот стил и жанр, со тоа што овој албум ме потсети на некои од изданијата од лабелата Raster-Noton што ги имам преслушано... Ништо особено ново и револуционерно под дрон и амбиенталните сонца, но секако дека е вешто и добро изведено и албумот ја заслужува оценката - 4/5.
3. Phillip Wilkerson & Chris Russell - Imaginary realities (Spotted Peccary Music; 2025) Пропер дрон албум од Spotted Peccary Music, а исто така и од артистите Филип Вилкерсон (кој има и соло изданија) и Крис Расел. Уште од првите слики во пештерите и првите приказни покрај огништето, уметноста била начин за бегство од стресовите во светот. Најновата колаборација на Филип Вилкерсон и Крис Расел, ' Imaginary realities ', беше напишана и создадена имајќи го тоа бегство на ум. Овие соновни дронови ве повикуваат на едно вонземско патување, кадешто Земјата и вселената, космосот, се спојуваат и се соочуваат со безграничноста на просторот. Долги и развлечени атмосферични и амбиентални тонови и слоеви од звуци, некаде помеѓу темнината и топлината, го сочинуваат овој албум, што, како што ви е веќе познато, е својствено за дрон музиката. Ова се дронови во нивната најсуштинска и најесенцијална смисла, космичка дрон музика, може да се каже. Овој албум, ' Imaginary realities ', соработка помеѓу артистите Филип Вилкерсон и Крис Расел, звучи навистина величествено! И нешто што можеби има врска и со самиот наслов на албумот - овие траки и композиции ве повикуваат и однесуваат во некои замислени реалности. Крис Расел ја опишува радоста и колаборацијата како "да се биде одведен на места кадешто не можете да стигнете самите". Ова е навистина една солидна и успешна колаборација помеѓу овие двајца артисти, албум кој со сета своја космичка и вселенска енергија, дефинитивно ја заслужува оценката - 4/5.
4. V. A. 38 - Free ambient electronic sampler (Spotted Peccary Music; 2025) Пред точно 1 година, го претставивме претходниот ваков семплер, со траки од артисти кои издаваат за лабелата - Spotted Peccary Music - лабела (како што имам кажано и претходно) кон која целам (ако има среќа) да го издадат најновото, 6-то по ред продолжение од компилациите со најдобри траки од мојот колаборативен проект со Sound_00. Како што стои во описот за изданието - Во својата 38-ма година, Spotted Peccary Music издаде 9 извонредни албуми и овој семплер претставува селекција од секое издание... Колку што ми текнува, мислам дека сите од овие албуми сме ги претставиле посебно, на овие страници... Иако нема потреба да ги набројуваме сите од артистите и имињата кои се застапени, сепак може да се издвојат - Dark Sky Alliance, Холан Холмс, Руди Адријан и Time Being. Ова е музика за која лесно може да се каже дека потпаѓа под амбиенталниот и дрон стил, иако Spotted Peccary Music како лабела имаат намера да опфатат широк спектар од длабоки, пространи и восхитувачки саундскејпови, протегајќи се низ стиловите на амбиентална електронска музика, класичен Берлин-скул амбиент, етерични атмосфери, Spacemusic, чиста акустика и повеќе... Се на се, ова е добар пресек од тоа што Spotted Peccary Music го издале во минатата 2024 година, а семплерот е издаден на самиот почеток на оваа, 2025 година и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.
5. Christian Fiesel - How it feels to be left, Part 1 + Part 2 (Kalamine Records; 2025) Детериторијализација и ретериторијализација се heavy зборови во мојот вокабулар. Да се фокусираме на нешто поедноставно - да се фокусираме на - дрон! Овој пат се соочуваме со, да ги наречам, емотивно обоени дронови, од кои е составен овој албум со 2 дела од артистот Кристијан Фисел. Нема воопшто информации за артистот на бендкемп страната на лабелата, но затоа сме пренасочени кон сајтот, кадешто артистот има своја посебна страна, кадешто читаме дека Кристијан Фисел е роден во 1965 година, во Хамбург (Германија). Секој звук има своја приказна. И секоја приказна може да биде целосно различна. Со тоа на ум, Кристијан Фисел се обидува да премине низ сите граници на електронската и експерименталната музика. Кристијан Фисел е активен на сцената од 2015 редовно, почнувајќи со фри нет изданија и имајќи некои физички изданија исто така од тогаш. Музиката звучи многу мрачно (амбиентално), експериментално, дрон, многу Мелотрон хеви и има некаков многу сферичен и помалку ритмичен сенс. Ова е навистина едно солидно издание, и двата дела, од Кристијан Фисел и ми се допадна што, за разлика од многу од другата дрон музика, која често пати знае да западне во безличност и монотонија, овој пат авторот и додава повеќе бои на музиката, а сепак е атмосферична и амбиентална, односно дрон. Се на се, солидно издание од овој автор, негово прво издание што го имам преслушано и оценката за изданието ќе биде - 4/5.
6. Soloi Sounds - Pictures (Chitra Records; 2025) Уште еден солиден и успешен албум на Soloi Sounds (за Читра) - тоа е артистот Јосуке Гото, кој доаѓа од Токио (Јапонија). Како што стои во описот за изданието - Третиот албум издаден за Читра од уникатниот артист Јосуке Гото од Токио. Како сликовна фотографија, секоја трака кажува мала приказна за битни и небитни нешта. Повеќето од теренските снимки се направени посочувајќи го микрофонот кон надвор од прозорецот на соба, па во таа смисла, 'слики' исто така значи "пејсажи исечени во рамка". Не знам, односно, не сум сигурен дали со сите од претходните албуми на Soloi Sounds сме се сретнале на овие страници и дали сите од нив биле рецензирани, но сигурен сум дека барем дел од нив биле. Колку што ми текнува, во споредба со претходниот звук на овој артист, кој беше поплиток и некако повеќе празен, овој пат се среќаваме со еден пропер дрон албум, со целосно исполнет звук, со доволно басови и длабочина, што го прави овој албум навистина шармантен и добар. Звуците се прелеваат едни преку други, во сите од траките со релативно пократко времетраење, од максимум речиси 6 минути, а другите траки се пократки, што прави и остава впечаток дека можеби ова е еден од подобрите албуми на Soloi Sounds, албум кој дефинитивно ја заслужува оценката - 4/5. Албумот е продуциран и миксан од Soloi Sounds, а тој исто така е задолжен и за мастерингот и за сликата од омотот, додека навистина прекрасниот дизајн на омотот е дело на Дионис Афоничев (Ака Дионисаф). Сето тоа издадено кон крајот на Јануари, оваа 2025 година, во 10 копии, од страна на лабелата - Chitra Records.
7. Tacet Tacet Tacet - Fickle (Attenuation Circuit; 2025) Кој нема работа си ги ебел децата! Така викаат... Ха-ха. Како и да е, да се фокусираме на рецензирање на ова издание на Tacet Tacet Tacet, тоа е проект на артистот Франческо Зеде, кој е исто така познат и како Tonto и кој престојува или доаѓа од Утрехт, Холандија. Името на проектот е од композицијата 4.33 на Џон Кејџ, како референца за истражување на конкретни звуци во рамките на неговиот музички видокруг. Таа референца кон Џон Кејџ може да се препознае во општиот тивок и питом звук и сензибилитет на изданието, а што се однесува до стилот, иако има и атмосферични и амбиентални и дрон елементи, сепак во некои од траките се развиваат и прилично впечатливи ритмични структури, така што може да се каже дека овој звук има допирни точки и со IDM естетиката. Додека Кејџ ја предизвикуваше неговата публика да ги претвори тие случајни звуци во музичко искуство во чинот на слушањето, Франческо Зеде (во соработка со Џакопо Митино и Реа Дубач, во некои од траките) ги составува нив на начин што им дозволува на музичките структури да се појават од самите амбиентални ноизови. Како кога слушате клупска музика од далечина, искачени на ридот и гледајќи го сонцето како изгрева по долга, мрачна ноќ. Можам да кажам дека ова издание, иако не е ништо револуционерно и ново во однос на амбиент и IDM стиловите, сепак ми остави добар впечаток и некако ми се чини дека супер се вклопува во каталогот на лабелата Attenuation Circuit. Издадено во ограничен број на копии на касета и со прекратен дизајн на омотот, ова издание сигурно дека ја заслужува оценката - 4/5.
8. LR Friberg - Green Sun (Attenuation Circuit; 2025) Со Лин Фриберг, која работи и создава и под псевдонимот Nimbostrata, имаме една колаборација, која беше издадена пред извесно време. Можам да кажам дека целиот тек и процес на соработка со оваа артистка течеше спонтано... Како и да е, колку што следам, оваа артистка во изминатиот период се појави и со уште неколку нови изданија, за различни лабели, а еве ја сега, потпишана како - LR Friberg, со ова издание, со наслов - ' Green Sun ', за германските Attenuation Circuit, од почетокот на 2025 година. Прес текстот говори, во врска со ова издание, за звук кој е вечен и вонземен, а исто така и за тоа како границите помеѓу природата и машините исчезнуваат. Но, ова е едно навистина солидно дрон и амбиент издание на LR Friberg. Таа е брза, експедитивна, остроумна - што се покажа од комуникацијата што ја имавме во врска со нашето колаборативно издание. Ова е навистина свежи дронови, во кои електрониката игра клучна улога, но исто така можат да се слушнат и звуците на електричната гитара, која оваа артистка ја користи како инструмент за да ја генерира својата инструментална и атмосферична музика. Има уште неколку изданија од Лин Фриберг на Интернет, проверете и по некои бендкемп страни на лабели... Вреди да се следи што издава оваа артистка, а вреди да се биде во тек и со нејзините идни и нови чекори, кога е создавањето и издавањето звук во прашање. Оценката за изданието би била - 4/5.
9. KapTep - Exhale (Chitra Records; 2025) Сме имале и претходна средба со KapTep, на овие страници. Со тоа што, за овој нов албум е карактеристично тоа што е изразито минималистичка дрон музика. Албумот ' Exhale ' на KapTep (издание на Читра) е издаден на почетокот на 2025 во 2 формати - на CD-R, во 10 копии и на касета - 6 копии. Дизајнот на омотот е навистина прекрасен, што веќе станува препознатлив знак за лабелата Читра. Позади псевдонимот KapTep е Дерек Картер и на бендкемп страната на изданието има краток опис за секоја од траките. Според мене, ова е навистина солиден дрон албум, ниту прекраток ниту предолг, некако времетраењето е мислам сосема погодено и точно колку што треба, како за овој тип на музика. Како што споменав и претходно, овие траки се навистина крајно минималистички дронови, но мислам дека вреди да се истакне дека KapTep успева, во сиот овој минимализам, да и додаде и своевиден шарм и колоритност на оваа музика и да го обои звукот со доволно нијанси за да има доволно разновидност и движење во траките. Можеби не е ништо особено ново и револуционерно во однос на овој звук, но секако дека е изведено и снимено со доста умешност и ова издание претставува, како уште еден чекор за авторот или артистот, исто така и уште еден добар чекор во каталогот на веќе солидно растечките Читра, кои како лабела ни ги носат едни од повозбудливите нови и надоаѓачки имиња и артисти од дрон сцената и лабела за која и јас имам едно мое колаборативно издание. Оценката за ' Exhale ' на KapTep би била - 4/5.
10. AeTopus - Iota (Spotted Peccary Music; 2025) Ново издание од лабелата Spotted Peccary Music! Еден пропер дрон / амбиент албум, потпишан од AeTopus. Како што стои во описот за изданието - ' Iota ' е второ издание на AeTopus за Spotted Peccary Music и овој албум продолжува онаму каде што претходниот, ' Cup ' (албум кој јас го немам преслушано), застанал. Како и да е, додека ' Cup ' беше произлезен од специфичен концепт, зен параболата на скршена шолја, за ' Iota ' е карактеристичен поширок поглед и видик. Ова ново дело ја црпи инспирацијата од интерповрзаноста на нашиот свет и така го поканува слушателот да стане еден со него. (За да ја искусам таа поврзаност со светот како едно, јас ги посетувам настаните на духовниот центар Еклесиа, меѓу другото и заради духовно и душевно прочистување.) Како и да е, покрај атмосферичните и амбиентални пасажи, од кои е составен овој албум, што е, секако, својствено за дрон музиката, составен дел од албумот се и ублажените и атмосферични ритмични структури, кои се протегаат низ сите од траките. Пораката во сржта на ' Iota ' се состои во овој опис - имагинацијата може да ги претвори ѕидовите во прозорци, може да го преточи световното во величествено, може да го промени дури и најмалиот простор во бесконечноста. Ова е навистина еден крајно пријатен за слушање албум, што особено се препорачува да биде преслушан во доцните, тивки и ноќни часови. Можам да кажам дека овој албум тотално ми се допадна, особено бидејќи внесува доза на свежина во веќе по малку истрошениот дрон звук и секако дека ја заслужува оценката - 4/5.

No comments:

Post a Comment